feature

Нејмар темпира да влезе во форма за двомечот против Реал

Напаѓачот на ПСЖ, Нејмар е блиску до враќање на терените по повредата.

Резултатите од прегледот, кој Бразилецот го направи во понеделникот, покажаа дека играчот може да започне со индивидуални тренинзи. Вчера тој се загреваше пред индивидуалниот тренинг и имаше кратка сесија со колегите од ПСЖ.

Од клубот веруваат дека Нејмар ќе може да игра против Реал Мадрид во Лигата на шампионите, дури и ако нема време да се врати во форма. Натпреварот е закажан на 15 февруари.



Челзи тргнува по Милитао ако го загуби Рудигер

Екипата на Челзи размислува да го доведе централниот дефанзивец на Реал Мадрид, Едер Милитао.

Оваа опција се разгледува бидејќи тимот од Лондон на крајот од сезоната може да остане без тројца играчи од одбраната, а тоа се Рудигер, Кристенсен и Аспиликуета.

За тренерот на Челзи, Томас Тухел, приоритет ќе биде да го задржи Антонио Рудигер, но преговорите со неговите претставници не одат баш најдобро и реални се шансите тој да замине од клубот како слободен играч, а како најспоменувана дестинација е токму „кралскиот клуб“.


Пропадна трансферот на Кавани во Ривер Плата

Уругвајскиот напаѓач од екипата на Манчестер Јунајтед, Единсон Кавани нема да се пресели во Ривер Плата. Новинарот Фабрицио Романо вели дека страните немаат интерес за овој трансфер, а никој и не водел никакви преговори.

Уругваецот се согласи да остане во Манчестер до крајот на сезоната, кога ќе ја донесе одлуката за неговата иднина.

Кавани се пресели во Манчестер Јунајтед во октомври 2020 година како слободен фудбалер.


Арсенал ќе го одврзе ќесето: 180 милиони евра за Артета за нови засилувања

Микел Артета ќе добие голем буџет за летни засулувања, пренесуваат медиумите на Островот.

Сопственикот Стан Кронке имал состанок со Артета и му ветил дека ќе обезбеди 180 милиони фунти за летни засилувања.

Оваа сума ќе биде распределена на три конкретни цели. Тоа се Напаѓачот на Реал Сосиедад Александар Исак, Напаѓачот на Евертон Калверт Луин и плејмејкерот на Вулверхемптон Рубен Невеш. Минатото лето Арсенал потроши 150 милиони фунти за трансферите  на Бен Вајт, Мартин Одегард, Арон Рамсдејл, Томиасу, Локонга и Нуно Тавареш, а целта на тимот е пласман во Лигата на шампиони.


Барса го исклучи Дани Алвес од Лига Европа

Дани Алвес е играчот кој не е пријавен за натпреварите на Барселона во Лигата на Европа.

Каталонците играа лошо во групната фаза од Лигата на шампионите, па така европскиот пат го продолжуваат во Лигата на Европа. Во нокаут фазата првата пречка ќе им биде Наполи на нашиот Елиф Елмас.

Според правилата на УЕФА еден клуб има право да пријави тројца нови фудбалери за вториот дел од натпреварувањето. Барселона во претходниот период ги доведе Дани Алвес, Обамејанг, Адама Траоре и Феран Торес.  За сите четворица немаше место во ЛЕ.

На крајот Чави се реши во Европа да не смета на искусниот Дани Алвес.


Ибрахимовиќ во аут за дербито со Интер

Од „Скај Италија“ тврдат дека ѕвездата на Милан Златан Ибрахимовиќ, најверојатно ќе го пропушти градското дерби со Интер закажано за во сабота.

Ибрахимовиќ не присуствувал на тренингот со својот тим, но имал индивидуални сесии во теретана.Тој се опоравува од повредата која ја заработи на дуелот со Јувентус на 23 јануари.

Тренерот Стефано Пиоло нема да рачуна ниту на Анте Ребиќ кој исто така е во процес на опоравување, но добра вест е враќањето на Томори кој е спремен за игра.


Пандев: Задоволство ми е што ќе ја делам соблекувалната со Буфон

Горан Пандев на големо изненадување во последниот ден од преодниот рок ја напушти Џенова и се пресели во Парма, каде ќе игра до крајот на сезоната.

Пандев веќе почна да тренира со Парма, а за медиумите изјави дека е среќен што ќе може да игра во ист тим со легендарниот Џанлуиџи Буфон.

„Трансферот се случи набрзина, а мојата желба е да бидам важен дел од тимот. Се надевам дека се ќе биде добро во Парма и дека ќе ги оствариме целите, а тоа е влез во плејофот и пласман во Серија А. Нема да се променат моите планови и на крајот на сезоната ќе означам крај на мојата фудбалска кариера. Големо е задоволството да се игра со Буфон, знаеме што значи тој за европскиот и светскиот фудбал, а кога дојдов ми кажа дека е среќен бидејќи нема да му давам повеќе голови“, изјави Пандев.


Мартин Мирчевски е нов фудбалер на ТСЦ Бачка Топола

Најдобриот стрелец во Првата македонска фудбалска лига, Мартин Мирчевски ја напушти Академија Пандев и стана нов член на српскиот прволигаш ТСЦ Бачка Топола.

Иако 24-годишниот  Мирчевски, претходно се поврзуваше со трансфер во клубови од Турција, тој сепак реши да ја прифати понудата од Србија и да потпише три годишен договор.

Од стартот на сезоната тој во дресот на Академија Пандев постигна 16 погодоци на 18 одиграни натпревари.


Вест Хем спремен да понуди рекордни 60 милиони е за Дарвин Нуњес

Напаѓачот на Бенфика, Дарвин Нуњес ја одушеви фудбалската јавност и е на мета на многу европски гиганти.

22-годишниот уругвајски репрезентативец игра одлично, па Бенфика не сакаше да го пушти на средина од сезоната иако пристигна богата понуда од Вест Хем.

Имено, „чеканите“ испратиле понуда од 50 милиони евра, но Бенфика ја одбила понудата. Сепак, Вест Хем не се откажува и сака уште сега да го договори трансферот за на лето.

Нуњес е еден од најбараните напаѓачи во Европа, па Вест Хем сака да ја победи конкуренцијата. „Чеканите“ ги продолжија преговорите и се спремни да платат 60 милиони евра со вклучени бонуси.

Бенфика не сакаше да го пушти во јануари, бидејќи Уругваецот оваа сезоан постигна 20 гола на 25 натпревари.


Дел Пјеро: Новите засилувања ќе го трансформираат Јувентус

Легендата на Јувентус, Алесандро Дел Пјеро, верува дека Душан Влаховиќ и Денис Закариа ќе ја трансформираат екипата во позитивна смисла.

Двајцата фудбалери пристигнаа во Торино во јануарскиот преоден рок. Влаховиќ пристигна од Фиорентина за повеќе од 70 милиони евра додека Закариа беше купен од Борусија Менхенгладбах за 8 милиони евра.

„Влаховиќ има неверојатни квалитети и е многу добро физички подготвен. Ако ја продолжи формата што ја имаше во Фиорентина, ќе биде добро за тимот. Може да постигне гол на секој начин. Овие промени можат да го трансформираат Јувентус, да донесат ентузијазам и чувство на сила во сопствениот потенцијал“, изјави Дел Пјеро.