feature

Падна договор помеѓу Севиља и Манчестер Јунајтед за Марсијал

Угледниот „Скај Спортс“ пренесува дека напаѓачот на Манчестер Јунајтед, Ентони Марсијал, остатокот на сезоната ќе ја продолжи како позајмен играч во Севиља.

26-годишниот француски репрезентативец ги договорил личните услови со екипата од Ла Лига и се очекува двата клуба да го финализираат трансферот.

Според последните информации, Марсијал ќе биде позајмен но без опција за откуп крајот од сезоната, а Севиља ќе му ја исплати целата плата до неговиот престој во клубот.

Французинот своевремено беше најскап фудбалски тинејџер на светот откако во 2015 година Манчестер Јунајтед го доведе од Монако. До сега тој во тимот од Олд Трафорд постигна 79 гола на 269 натпревари.


Британците ги менуваат правилата, Ѓоковиќ ќе игра на Вимблдон

Светскиот рекет број 1 во моментов Новак Ѓоковиќ ќе може да ја брани титулата на Вимблдон по информациите кои доаѓаат од Островот. Британската влада најави нови правила за влез во земјата, според кои невакцинираните лица ќе можат да влезат во неа од 11 февруари па натаму.

Секако, треба да се види како понатаму ќе се развива ситуацијата до крајот на јуни, кога на терените на „Ол Ингланд“ клубот започнува третиот Грен слем турнир во сезоната.

Засега Грант Шапс, државниот секретар за транспорт во британскиот парламент најави дека правилата се либерализираат.

„Оние кои ќе дојдат овде ќе мора да направат тест пред да влезат во Англија и два дена по влегувањето во земјата. Сите патници ќе треба да ги пополнат потребните формулари“, рече Шапс, кој смета дека неговата земја ќе биде една од најотворените во Европа поради претходните мерки.


Тотенхем го враќа Вајналдум во Премиер лигата?

Екипата на Тотенхем ќе се обиде да го доведе Џорџињо Вајналдум кој сега настапува за екипата на Париз Сен Жермен,и не е задоволен од неговиот статус на резерва во тимот.

Тимот од Лондон планира да достави понуда за размена на играчи, со која Танги Ндомбеле би заминал за Париз а Вајналдум во Тотенхем.

За оваа потенцијална трампа веќе има позитивни реакции во ПСЖ и се очекува истата да се реализира.


Буфон ја напушта Парма и ќе бара ангажман надвор од Италија

Ветеранот меѓу стативите, Џанлуиџи Буфон кој наскоро ќе го прослави својот 44-роденден не размислува за ставање крај на играчката кариера.

Медиумите од Италија пренесуваат дека поранешниот голман на италијанската репрезентација, по завршувањето на сезоната, ќе ја напушти екипата на Парма и ќе се обиде да заигра во клуб надвор од Италија.

Тоа би била последна фудбалска авантура пред неговото завршување со бранењето. Некои информации говорат дека тој би заминал во американската лига која би била идеален предизвик во неговата блиска иднина.


Лејкерси доставија понуда и пакет за потпис на Џерами Грант

Кошаркарот на Детроит Џерaми Грeнт им е интересен на челниците на Лос Анџелес Лејкерс. Според доверливиот Марк Стајн, тие дури подготвиле понуда која Пистонс ќе ја испратат.

„Езерџиите“ би ги испратиле Тејлон Хортон-Такер, Кендрик Нан и пик од првата рунда на драфтот во 2027 година во замена за Грент.

Тој е барана „роба“ во НБА во последните неколку недели, што не е изненадувачки со оглед на игрите што ги пружа откако пристигна во Детроит, дури и оваа сезона.

Крилниот центар има просек од 20,1 поени и 4,8 скока за 33 минути по натпревар.

Кога станува збор за оние кои би тргнале во спротивна насока, Кендрик Нан се уште не дебитирал поради повреда на коленото, додека Хортон-Такер е редовно во трејд приказните.

Неодамна американскиот новинар на „Атлетик“, Џон Холингер, ја анализираше ситуацијата на Тален Хортон-Такер и истакна дека постои шанса тој да биде разменет за Богдан Богдановиќ во Атланта и дека тоа би бил одличен потег во кој сите би профитирале.


Совет од Златан за Мбапе: Напушти го ПСЖ и потпиши за Реал

Златан Ибрахимовиќ откри дека имал разговор со Килијан Мбапе за иднината на Французинот. Според напаѓачот на Милан, Мбапе, мора да го напушти Пари Сен Жермен за да се развие како играч.

„Зависи од тоа што сака и што мисли. Јас би отишол во Реал Мадрид, но ако сум тренер на ПСЖ, ќе се обидам да го задржам. Само тој одлучува. Ме праша Мбапе и му реков: „Да бев ти, јас би одел во Реал“. Играв во различни земји и така се развивав. Ако седиш на едно место, полесно е. Ако одиш кај други луѓе, тоа е авантура“, изјави Ибрахимовиќ во интервју за „Екип“.

Златан ја коментираше и ситуацијата на Џанлуиџи Донарума во ПСЖ: „Изненаден сум што Донарума не е стартер во ПСЖ. Знам дека Почетино не е лесен. Не го познавам Навас, но и тој е одличен голман. Имаат двајца феномени на голот. Но, во мојот свет, Џанлуиџи е број еден. Без сомнение. Играв со него и знам за што зборувам“.

Швеѓанецот зборува и за тоа како се чувствува на негова возраст: „Обично, кога имаш 40 години, си дома, палиш пура и се навраќаш на кариерата што си ја имал. Но, сè уште не сум подготвен да запалам пура“.


Верати по скоро пет години постигна гол во Лига 1 за ПСЖ

ПСЖ извојуваше убедлива победа над Ремс во натпреварот од 22. коло на француската Лига 1. Средбата се одигра во Париз на стадионот „Парк на принцовите “ и заврши со резултат 4-0 во корист на домашната екипа.

Италијанскиот играч за врска на ПСЖ Марко Верати го отвори резултатот. Ова е прв гол на овој фудбалер во францускиот шампионат по повеќе од четири години. Верати последен пат постигна гол во Лига 1 во мај 2017 година, кога ПСЖ ја победи Бастија со 5-0.

Италијанскиот играч дојде во ПСЖ во летото 2012 година од Пескара. За францускиот клуб, играчот од средниот ред одигра 363 натпревари на кои постигна 10 гола и 58 асистенции. ПСЖ има 53 бода од 22 натпревари во францускиот шампионат и е лидер на табелата. Ница е на второто место со заостанување од 11 бода.


Лука Циндриќ: Европското првенство не требаше да се одржи

Хрватскот ракометен репрезентативец и поранешен член на Вардар, Лука Циндриќ, излезе со мислење дека тековното Европско првенство требаше да биде одложено.

Скоро сите репрезентации кои учествуваат на првенството се соочија со голем проблем со заразени играчи со Ковид-19 и тимовите не можат да состават комплетнми екипи.

И самиот Циндриќ имаше позитивен тест пред почетокот на првенството, но после карантинот тој му се приклучи на Хрватската репрезентација.

„Направив се што можев да се вратам во тимот, но се осеќав заморено и немав сила за цел натпревар. Ние не сме голема репрезентација како на пример Франција или Данска кои имаат голем број на играчи, и тоа многу не чинеше во текот на турнирот.

Челниците од ЕХФ би требало да водат поголема сметка за здравјето на играчите, и според мене овај турнир во ваква ситуација не требаше ни да се одржи“, изјавува Циндриќ.

Хрватска на овој турнир поради проблемите со играчкиот кадар прикажа слаби ракометни партии и не успеа да се пласира во полуфиналето на првенството.


Селта Виго заинтересирана за Енис Барди

Екипата на Селта Виго, е уште една екипа која изразила желба за доведување на македонскиот репрезентативец во дресот на Леванте, Енис Барди.

Според шпанските медиуми, од тимот на Селта планираат да ја искористат ситуацијата со истекот на договорот на Барди и Леванте, кој истекува за 9 месеци, и ќе испрати понуда за негов трансфер.

Има извесни информации дека Леванте за Енис Барди одредил цена од 5 милиони евра, а освен Селта за него се сериозно заинтересирани и екипите на Милан и Реал Сосиедад.

Барди наводно веќе побарал од челниците на Леванте тој да биде продаден до крајот на месецот.


Цветановски потпиша за унгарскиот Ѓирмот

Одличниот крилен напаѓач на Шкупи, Матеј Цветановски и официјално ја продолжува кариерата во Унгарија.

Цветановски денес е претставен како ново засилување за унгарскиот прволигаш Ѓирмот. Во редовите на Ѓирмот Цветановски доаѓа да помогне во борбата за опстанок затоа што станува збор за последнопласираниот тим на табелата во првата унгарска лига.

За Матеј Цветановски ова е прв интернационален предизвик претходно во кариерата настапуваше уште за Вардар, Пелистер и Македонија Ѓорче Петров.