feature

Влаховиќ размислува да го напушти Јуве

Напаѓачот на Јувентус, Душан Влаховиќ би можел да го напушти тимот на крајот на сезоната, според одредени информации кои ги објавија медиумите во Италија. Двете страни се согласни за таков потег. Главните причини се две: финансиските проблеми на клубот и честите повреди на српскиот интернационалец, кои го спречуваат да го открие целиот свој потенцијал.

Влаховиќ е посакуван од лондонските екипи Челзи и Арсенал. „Топчиите“ се надеваа дека ќе го купат во јануари оваа година, но тогаш самиот фудбалер инсистираше да потпише со Јувентус и покрај непријателството меѓу „бјанконерите“ и неговиот поранешен клуб Фиорентина.

Јувентус во Србинот вложи 81,6 милиони евра и мора да плати уште 10 милиони на „виолетовите“ во вид на бонуси. Влаховиќ многу силно го започна престојот во гигантот од Торино, но потоа почна да пропушта многу натпревари поради повреди. Во тековната сезона има 15 настапи и 7 голови во сите натпреварувања. Јувентус сигурно нема да го пушти Влаховиќ во зимскиот преоден рок и ќе ги разгледа можните понуди за него по завршувањето на сезоната.


Муса Диаби на радарот на Челзи

Челзи сака да го засили тимот во зимскиот преоден рок, а приоритет ќе биде засилување на нападот. Англиските медиуми пренесуваат дека прва желба е ѕвездата на Баер Леверкузен, Муса Диаби за кого Челзи спрема понуда од 50 милиони фунти.

23-годишниот крилен напаѓач игра фантастично и го привлече вниманието на многу европски гиганти, но Њукасл сака да ја победи конкуренцијата.

Французинот во досегашниот дел од сезоната има 8 гола и 4 асистенции, но Леверкузен за неговата слобода баа 75 милиони евра.


Украинецот Мудрук на радарот на Милан

Европските гиганти се силно заинтересирани за талентот на Шахтјор и новата украинска ѕвезда, Микхајло Мудрик. 21-годишниот крилен фудбалер игра одлично оваа сезона, а особено го привлече вниманието со одличните настапи во Лигата на шампиони.

Арсенал важи како фаворит за неговиот потпис, но сега во трката се приклучи и италијанскиот шампион Милан.

Малдини стапил во контакт со неговиот агент и Мудрик е отворен за преселба на „Сан Сиро“, но проблем може да биде обештетувањето.

Украинецот има договор со Шахтјор до 2026 година, а клубот за неговата слобода бара најмалку 60 милиони евра.


Почетино и Тухел фаворити за нов англиски селектор

Фудбалската репрезентација на Англија би можела да остане без селектор затоа што Герет Саутгејт размсилува за оставка, објавија медиумите на Островот. Саутгејт има договор со Фудбалската асоцијација на Англија до 2024 година, што значи до крајот на следното Европско првенство кое ќе се одржи во Германија.

Саутгејт побара време за да донесе конечна одлука, но во меѓувреме се издвојуваат двајца фаворити за негов наследник.

Прв фаворит е Маурисио Покетино, кој веќе имал контакт со Федерацијата и дал согласност за преземање на Гордиот Албион.

Исто така се споменува и Томас Тухел, кој е без ангажман после заминувањето од Челзи, а сака да остане во Англија.


Ричарлисон сериозно е повреден, го чека нова долга пауза

Напаѓачот на Бразил, Ричарлисон поради повреда на лигаментите на коленото ќе паузира еден месец. Ричарлисон повреден се вратил во Лондон од Светското првенство, па му претстои период на рехабилитација.

Ричарлисон се повреди во четвртфиналето на Светското првенство, против Хрватска. Повредата ја почувствувал на загревањето, но на теренот остана 84 минути.

Во престојниот период менаџерот Конте нема да може да смета на напаѓачот, па ќе се потпира на Хари Кејн.


Добра вест за Алегри и бјанконерите: Погба подготвен за кам-бек

Пол Погба се опоравува според планот и клубот е веќе од задоволен од тоа како се одвива се околу неговото враќање на терените. Французинот веднаш по пристигнувањето во Јувентус заработи повреда на коленото, поради што не одигра ниту една секунда во враќањето во „старата дама“, а првиот настап го очекува на почетокот на 2023.

Претходните недели Погба работеше напорно на враќањето, а потоа доби одмор кој го искористи во Мајами. Се уште не почнал да работи на теренот на Тренинг центарот „Континас“, работи во теретана и вежба рехабилитациони вежби во базен, како и физикална терапија.

Во Јувентус биле задоволни од неговиот напредок и се вели дека очекува да го има во тимот во првата половина на јануари и тој би можел да биде во игра за тимот кој ќе се соочи со Наполи на 13-ти првиот месец од годината.


Луис Енрике изненаден што нема шовеќе да биде селектор

Луис Енрике кој по елиминацијата од Мароко на Мундијалот во Катар доби отказ од шпанската фудбалска федерација, вели дека прв пат се соочува со таква ситуација.

„Првпат се случува некој да не ми го продолжи договорот. Искрено, мислев дека јас ќе бидам тој што ќе ја донесе одлуката. На крајот, не морав да носам одлука а тие не мора да ме обесштетат бидејќи секако ми заврши договорот“, изјави Енрике.


Полски противник за ракометарките на Ѓорче Петров

Македонскиот ракометен шампион во женска конкуренција, Ѓорче Петров, во осминафиналето од Европскиот куп ќе игра против полската екипа ЈКС Јарослав 

Денешната ждрепка во Виена се покажа погодна за ѓорчепетровки, ако се суди по досегашните резултати на Јарослав оваа сезона. Тоа е екипа која се наоѓа на претпоследното место во полската лига со ефект од две победи и седум порази.

Во минатото трето коло од европскиот куп убедливо го надигра португалскиот Алвариум (претпоследна во Португалија), а предходно оствари победа и пораз против Венло од Холандија.

Првиот натпревар се игра на 7 или 8 јануари во Полска, а реваншот една недела подоцна во Скопје. Ѓорче Петров досега нема пораз во четирите натпревари од Европскиот куп. Одиграа нерешено и го совлада Тор, на Исланд, а потоа двапати беше убедлив против Румс јагс од Австрија.


Ригорозна казна за Чаир 2030 за прекинот на дербито против Работнички

Комесарот за натпреварување, Александар Милојевиќ донесе експресна одлука за инцидентот што се случи во недела на мечот помеѓу Чаир 2030 и Работнички, кој беше прекинат по физички напад врз гостински кошаркар.

Чаирчани ќе играат десет меча играње пред празни трибини и ќе платат вкупно 200.000 денари од кои 48.000 се поради прекинот, 132.000 според Дисциплинскиот правилник и по 10.000 денари се казна за Рушити Арбин како еден од иницијаторите на инцидентот како и за фрлање петарди.

Со 10.000 денари е казнет и Работнички и тоа поради однесувањето на Ерик Нотиџ, кој исто така е означен како еден од иницијаторите. Средбата е регистрирана со службена победа на Работнички со 20-0.


Меси и Мбапе засега се најдобри стрелци на Мундијалот

Најдобриот фудбалер на Аргентина, Лионел Меси, му се придружи на Французинот Килијан Мбапе, на врвот од листата на најдобри стрелци на досегашниот тек на Мундијалот во Катар. Меси беше стрелец на гол од пенал за Аргентина во полуфиналниот дуел со Хрватска кој заврши со резултат 3:0.

Меси и Мбапе засега имаат по пет постигнати голови, и се најдобри стрелци на ова Светско првенство. Веднаш зад нив со по четири постигнати гола се наоѓаат Хулијан Алварез од Аргентина, и Французинот Оливие Жиру.

Мбапе и Жиру имаат прилика да дадат уште голови на полуфиналниот натпревар кој го играат против Мароко. Победникот од тој натпревар во финалето на СП ќе игра против Аргентина.