feature

Италијанецот Орсато ќе го суди дуелот помеѓу Аргентина и Хрватска

47-годишниот фудбалски судија од Италија, Даниеле Орсато ќе биде главен судија на полуфиналниот натпревар од СП помеѓу Аргентина и Хрватска кој ќе се игра во вторник на стадионот Лусаил.

Орсато е роден во Виченца, а судија на ФИФА е од 2010 година. Ова за него е прво Светско првенство во улога на главен судија. Орсато се смета за најдобар италијански судија, а пред две години го судеше и финалето на Лигата на шампионите помеѓу Баерн Минхен и Париз Сен Жермен.


Саутгејт уште не одлучил дали ќе остане англиски селектор

Селекторот на фудбалерите на Англија, Герет Саутгејт, сега не размислува за оставка по елиминацијата од Мундијалот во Катар. Англичаните вчера загубија од Франција со 2-1 и си ги спакуваа коферите.

„Треба да размислам, на сите им треба време да ги донесат вистинските одлуки. По анализата ќе ја донесеме одлуката“ – вели Саутгејт кој има активен договор до 2024 година.  

Тој седна на кормилото во 2016 година и го предводеше „Гордиот Албион“ на Светското првенство во 2018, на Европското првенство во изминатата година и сега  во Катар.


Луис Дијаз ја обнови повредата, Клоп со нови големи грижи

Крилото на Ливерпул, Луис Дијаз го напушти тренинг кампот на „црвените“ во Дубаи и ќе се врати во Англија, откако го повреди коленото.

Тој се рехабилитираше од повреда на истото колено од 9 октомври и само што се врати на тренинзите ја обнови повредата. Пред три дека Колумбиецот се врати на тренинзите и отпатува во Дубаи со тимот.

Во клубот решија Дијаз да не го оперира коленото и паузата да ја искористи за рехабилитација, но повредата се искомплицирала.

Дијаз денес го напушти тренинг кампот и се врати во Англија да се
лекува, а наскоро ќе стане јасно колку време ќе му биде потребно за
рехабилитација.


Роналд Куман ќе го наследи Луј ван Гал

Репрезентацијата на Холандија го заврши настапот на 22. Светско првенство и тоа во четвртфиналето во кое по голема борба беше елиминирана од Аргентина на пенали.

По овој резултат Луи Ван Гал посочи дека е завршена неговата етапа како предводник на „лалињата“, Холандија веќе има договорено замена и тоа е Роналд Куман.

Легендарниот Куман се враќа на познато место, позиција на која беше главен од 2018 до 2020 година по што се реши да ја заврши таа приказна за тренерското место во Барселона, ама сега одново се наместија коцките и тој ќе ги води популарните „„оранје“.


Нејмар: Оваа елиминација уште многу ќе ме боли

Бразилците го завршија настапот на Светското првенство и тоа уште во четвртфиналето каде пред нив се испречи селекцијата на Хрватска.

„Кариоките“ имаа највисоки амбици, желба да ја вратат „Божицата“ во татковината по пауза од две децении, но ќе мора да почекаат некоја друга можност, прилика со тоа што првата е за четири години. Сосема очекувано поразот донесе голема болка кај Бразилците, а еден од најпогодените е Нејмар кој не може да се соземе по елиминацијата.

-Јас сум психички уништен. Ова сигурно е  поразот кој најмногу ме боли, поради кој останав парализиран 10 минути по натпреварот, по што се расплакав и не можев да запрам. За жал, ова ќе боли долго, долго. Се боревме до крај, горд сум на моите соиграчи бидејќи не недостасуваше труд и посветеност. Оваа група заслужи да оди понатаму, ние го заслуживме тоа, Бразил го заслужи… но, тоа не беше божја волја. Благодарност до сите за поддршката на нашиот тим. За жал не успевме“, рече напаѓачот на ПСЖ.


Манчестер Јунајтед заинтересиран за Гакпо и Рамош

Англиските медиуми пренесуваат дека тренерот на Манчестер Јунајтед, Ерик тен Хаг, е заинтересиран за доведување на крилниот напаѓач од Холандија, Коди Гакпо, како и за ангажман на португалскиот напаѓач Гонсало Рамош.

Гакпо и Рамош прикажаа фантастични фудбалски партии со своите репрезентации на Светското првенство во Катар. Медиумите наведуваат дека Тен Хаг бара замена за Кристијано Роналдо кој пред еден месец реши да го напушти клубот од Олд Трафорд.

Тренерот Тен Хаг изјави дека го почитува фактот што двата фудбалери имаат актуелни договори со своите клубови, но Манчестер Јунајтед ќе направи се за да ги ангажира наведените играчи доколку се укаже таква прилика. 23-годишниот Гакпо е член на ПСВ, а Рамош кој има 21 година е играч на Бенфика.


Жорж Жезус сака да биде селектор на Бразил

Актуелниот тренер на Фенербахче, Жорж Жезус, изјави дека со задоволство би прифатил да биде нов селектор на бразилската фудбалска репрезентација.

Бразил во моментот е без селектор, откако Тите поднесе оставка после елиминацијата во четвртфиналето на Светското првенство во Катар, кога Хрватска го совлада Бразил после изведување на пенали.

Иако Жезус ја посакува селекторската позиција во Бразил, според португалските медиуми, тој има мали шанси за преземање на оваа функција,бидејќи како најсериозен кандидат се споменува неговиот сонародник и тренер на Палмеирас, Абел Фернандо Фереира.


Дешамп одлучи да остане селектор на Франција до крајот на ЕП 2024 година?

Според медиумите од Франција, селекторот на фудбалската репрезентација на Франција, Дидие Дешамп, одлучил да остане на функцијата до завршетокот на Европското првенство 2024 година.

Во информациите на медиумите се вели дека претходно, Дешамп најави дека ќе се повлече од селекторското место после завршувањето на Мундијалот во Катар, а на негово место требаше да пристигне Зинедин Зидан. Челниците на Фудбалскиот сојуз на Франција уште имаат целосна доверба во Дешамп, и му оставија можност тој сам да одлучи за неговата иднина.

Претходниот договор помеѓу сојузот и Дешамп беше да се исполни целта околу пласманот на Франција во полуфиналето на СП, и после тоа да се разговара за неговата иднина.

Франција во среда ја очекува полуфиналниот дуел од СП со Мароко.


Дејвид Бекам после елиминацијата на Англија: Треба да се гордееме со овој тим

Поранешната звезда на англиската фудбалска репрезентација, Дејвид Бекам, им порача на навивачите да бидат горди на фудбалерите кои беа елиминирани во четвртфиналето на СП во Катар.

Англија беше поразена од Франција со 2:1, во четвртфиналето на Мундијалот во Катар, со што е елиминирана од понатамошното учество на турнирот.

Бекам кој ја бодреше репрезентацијата од трибините, преку социјалните мрежи испрати порака со поддрршка за селекцијата на Англија.

„Нашите момци продолжуваат да растат. Секогаш е лошо чувството да се разбудиш после елиминација од турнирот, но нашите фудбалери и селекторот Саутгејт, а посебно нашите навивачи можат да бидат горди на овој тим. Следниот пат ќе има поинаков крај“, порачува Бекам.


Пепе играл со скршена рака во четвртфиналето против Мароко

Пепе веројатно го одигра своето последно Светско првенство, а не успеа со Португалија да ја мине четвртфиналната фаза. Португалската одбрана и голманот Коста денеска направија една клучна грешка и тоа беше доволно за елиминација, а Пепе очигледно имал и друг сериозен проблем за време на средбата. Португалската федерација потврди дека дефанзивецот за време на средбата заработил скршеница на коска на левата рака, па и покрај ризикот, стиснал заби да му помогне на својот национален тим. Фрактурата била потврдена со снимките направени во болница во Доха, веднаш по завршувањето на натпреварот.