feature

Македонија со тројца олимпијци ќе настапи во Пекинг

На зимските Олимписки игри во Пекинг коишто ќе се оддржат од  4 до 20 февруари 2022 година, Македонија ќе ја претставуваат тројца спортисти, од кои двајца претставници во нордиски и еден во алпски дисциплини.

Врз основа на комуникацијата со Меѓународната скијачка федерација и Меѓународниот олимписки комитет, македонската Олимписка делегација оваа година во Пекинг ќе ја сочинуваат Ана Цветановска, Дардан Дехари и Ставре Јада.

Ана Цветановска, како претставник во нордиски дисциплини, ќе настапи на 5 и 10 февруари и ќе се натпреварува во крос кантри, како и во дисциплините 7,5 км слободно, 7,5 км скијатлон и 10 км класично.

Претставник во нордиски дисциплини ќе биде и Ставре Јада, кој што ќе се натпреварува на 8 и 19 февруари во крос кантри, како и во дисциплините спринт слободно од 1,5 км и 50 км слободно.

Дардан Дехари е нашиот преставник во алпски дисциплини, кој што има настап на 13 и 16 февруари. Тој ќе се натпреварува во трката слалом и во слалом/велеслалом дисциплините.

Македонското знаме на церемонијата на отварање на зимските Олимписки игри во Пекинг 2022 година ќе го носат Ана Цветановска и Дардан Дехари. Заедно со тројцата спортисти ќе патуваат и  Борче Јовановски, тренер во нордиски и Антонио Ристевски, тренер во алпски дисциплини.

Олимписката делегација за Пекинг ќе тргне на 29 јануари, а во Скопје ќе се врати на 21 февруари. Делегацијата ќе биде водена од страна на спортскиот директор на Македонскиот Олимписки комитет, Владимир Богоевски.


Висар Муслиу е нов член на Инголштад

Фудбалскиот репрезентативец на Македонија, Висар Муслиу е нов член Инголштад, екипа која се натпреварува во втората германска лига.

Дефанзивецот Муслиу, во тимот од Германија пристигна после неговиот престој во унгарскиот МОЛ Фехервар каде беше член од 2019 година и забележа 60 настапи и постигна два гола.

„Среќен сум што потпишав за Инголштад. Чувството кога играш фудбал во Германија е посебно, а моите првите впечатоци тука се позитивни. Можам да ветам дека ќе го дадам максимумот од себе за да му помогнам на клубот во остварување на зацртаните цели“, изјави Муслиу при презентацијата во новиот клуб.

Екипата на Инголштад се наоѓа на последното место од табелата во втората Бундеслига, и до крајот го очекува тешка битка за опстанок.


Вардар и Еурофарм Пелистер ги дознаа групите во СЕХА лигата

Вардар и Еурофарм Пелистер и во следната сезона ќе бидат дел од СЕХА лигата и ќе бидат дел од десетте екипи од седум земји учесници во оваа лига.

Исто како и лани и годинава по две екипи ќе имаат Македонија, Србија и Хрватска, додека по еден тим имаат Белорусија, Украина, Словачка и Унгарија.

Тимовите се веќе поделени во две групи. Во Групата А се ППД Загреб, Еурофарм Пелистер, Татран Прешов и Партизан, додека во оваа група како носител е поставен Веспрем, кој директно обезбедува пласман во четврт-финалето.

Носител на групата Б и директен учесник во четврт-финалето е Мешков Брест исто како лани. Во оваа група се Вардар, Мотор Запорожје, Нексе и Војводина.

Системот за играње е истиот како и лани. Првите две екипи од групната фаза одат во четврт-финалето, додека третопласираните и четвртопласираните ќе мора да разигруваат во бараж и да одат на дуел со Веспрем односно Мешков Брест.

Познат е комплетниот систем како да се стигне до Ф4 турнирот кој може да се види на фотографијата, а во следните денови ќе биде познат и комплетниот распоред со термините за одигрување на натпреварите.


Нова средба меѓу ПСЖ и Зидан

Француските медиуми пренесуваат дека претставници на фудбалскиот клуб Париз Сен Жермен, оствариле нова средба со легендата Зинедин Зидан.

Според пишувањата, поранешниот тренер на Реал Мадрид добил уверување дека тој ќе биде нов тренер на ПСЖ во текот на летото.

Сегашниот тренер на екипата Маурицио Почетино по се изгледа дека ќе се врати во Премиер лигата и ќе ја прифати понудата од Манчестер Јунајтед.

Зидан кој моментално е без ангажман, ја напушти клупата на Реал Мадрид во летото 2021 година по 11 освоени трофеи.


Белград и Берлин прават рокада, следниот Ф4 на Евролигата во Србија?

Завршниот турнир во Евролигата оваа сезона најверојатно ќе се игра во Белград. Иако главниот град на Србија ја истакна својата кандидатура за домаќин на „фајнал-фор“ следната сезона, како „бомба“ одекна веста дека тоа може да се случи порано од очекуваното. Наводно, сите детали се договорени и Белград треба да биде домаќин на вистински кошаркарски спектакл. 

Заменик градоначалникот Горан Весиќ пред неколку недели најави дека Белград ќе се кандидира за организација на завршниот турнир во Евролигата, а се веруваше дека тоа ќе биде следната година, бидејќи овогодинешниот турнир му беше доделен на Берлин. Весиќ минатата недела преговарал со Евролигата и му понудил на Белград да го замени Берлин, бидејќи поради епидемиолошките мерки во германската престолнина немало да биде можно присуство на публика. 

Од друга страна, Белград им даде гаранции на челниците на Евролигата дека навивачите ќе можат да присуствуваат на турнирот во „Штарк Арена“, но само со валидна потврда за вакцинација. Тоа беше доволно челниците на Евролигата практично да ја донесат одлуката завршниот турнир од Евролигата да се пресели во главниот град на Србија. Останаа само детали за да се официјализира рокадата на домаќинство.


Вернер: Понекогаш се прашувам зошто навивачите ме поддржуваат

Тимо Вернер е свесен за својата слаба голтерска форма во овој момент и вети дека ќе даде 100% од своите можности за да се поправи.

Германецот во Челзи стигна пред две лета како големо засилување од Лајпциг, но впечаток е дека од него повеќе се очекуваше. Ја освои Лигата на шампионите во својата прва сезона, но во актуелната сезона, посебно во Премиер лигата не блеска и тоа предизвика бројни критики, но Вернер има и поддршка од навивачите.

„Понекогаш се прашувам зошто воопшто ме поддржуваат толку. Напаѓач сум и сакам да постигнувам голови, но јас промашувам шанси. Двам се од себе на секој натпревар за екипата да оставарува добри резултати“, изјави Вернер.

Сезонава Вернер во Премиер лигата постигна само еден гол, а вкупно во сите натпреварувања има шест.


Салернитана застана во редот за Илија Несторовски

Tимот кој е најсериозен кандидат за преселба во Серија Б, Салернитана е последниот во низата клубови со кои се поврзува Илија Несторовски во овој преоден рок.

Дел од медиумите во Италија пренесуваат дека Салернитана во Несторовски гледа засилување во нападот со цел да се подобри нивниот очаен голгетерски ефект во досегашниот дел од сезоната. Сезонава Салернитана постигна само 13 голови.

Од друга страна Несторовски и во втор план во Удинезе и скоро и да не добива шанса после враќањето од тешката повреда. Несторовски во октомври се врати на терените после паузата од седум месеци и со оглед на тоа каков статус има во овој момент во Удинезе потребна му е промена.

Во претходниот период македонскиот напаѓач се поврзуваше со екипи како Виченца, Монца, Лече и Кротоне.


Јамајка пријави три боб-екипажи на Игрите во Пекинг

Познати се скоро сите учесниците на Зимските Олимписки Игри во Пекинг. Јамајка за првпат во својата историја ќе биде претставена со дури три екипажи во боб, потврди Олимпискиот комитет на Јамајка.

Потврден е настапот на трите екипажи во машка и женска конкуренција. Јамајка за првпат настапи во боб санкање на олимпискиот турнир во 1998 година во Калгари, а нивниот подвиг подоцна беше инспирација за филмот „Rasta Rockett-Cool Running“, кој доживеа голем успех. 

Еден од членовите на тој легендарен екипаж, Крис Стоукс, е актуелен претседател на федерацијата во боб-санкање на Јамајка.


Харден најави заминување од Бруклин

Ѕвездата на Бруклин Нетс, Џејмс Харден има опција да ја промени средината на крајот од оваа сезона.

Американецот има опција во договорот да стане слободен играч или да земе 47 милиони долари на основа на продолжување следната година.

Останува прашањето што ќе избере поранешниот МВП на НБА, а сега се шпекулира дека се уште не одлучил.

Можно е Харден да ја смени франшизата, која би била негова четврта, откако пред Бруклин играше за Хјустон Рокетс и Оклахома Сити Тандер.


Олимпик Марсеј го доведе Сеад Колашинац од Арсенал

Репрезентативецот на Босна и Херцеговина, Сеад Колашинац е нов член на Олимпик Марсеј.

Колашинац во Марсеј пристигна како слободен играч од лондонски Арсенал и потпиша договор со важност до јуни 2023 година.

Веста за доаѓањето на новиот играч, клубот од Франција ја објави на социјалните мрежи каде истакнува декаКолашинац со својата енергија, сила и професионализам ќе му помогне на тимот во реализацијата на своите идни цели.

https://twitter.com/OM_Officiel/status/1483499284221898754?s=20