feature

Невил: Конте не е вистински избор за Јунајтед

Откако медиумите во Англија најавија дека тренерот, Оле Гунар Солскјер, ќе заработи отказ од Манчестер Јунајтед и дека на негово место ќе дојде Антонио Конте, се огласи легендарниот фудбалер, Гери Невил.

„Не верувам дека Конте е добар за клубот. Тој работи главно неколку години а потоа си заминува. Тоа не му одговара на Манчестер Јунајтед“, вели поранешниот фудбалер на екипата од „Олд Трафорд“.

Ќе потсетиме дека Италијанецот кој го напушти Интер на крајот на претходната сезона, во меѓу време одби понуда да седне на кормилото на Њукасл.


Германецот Адејеми на мета на ПСЖ

ПСЖ е силно заинтересиран за новата ѕвезда на Салцбург, Карим Адејеми.

„Светците“ на крајот на сезоната најверојатно ќе останат без Килијан Мбапе, кој ќе замине како слободен агент, па веќе почнаа да бараат замена за Французинот.

19-годишниот Адејеми блеска во дресот на Салцбург и го привлече вниманието на многу европски гиганти, а ПСЖ сака да ја победи конкуренцијата.

Фудбалерот, роден во 2002 година од мајка Романка и татко Нигериец, дебитираше за германската репрезентација во септември, и важи за еден од најголемите талени.


Лука Модриќ со 400 натпревари за Реал Мадрид

Играчот на Реал Мадрид, Лука Модриќ, во неделното “Ел класико“ го одигра својот 400-ти натпревар во дресот на “кралскиот клуб“. На неговиот јубилеј, Реал ја совлада Барса на “Ноу Камп“ со резултат 2:1.  

“Горд сум и среќен поради ова неверојатно достигнување. Се надевам дека ќе одиграм уште многу натпревари за Реал Мадрид каде одлично се чувствувам. Никогаш не размислував дека ќе го постигнам овај успех. Го исполнив сонот да играм во дресот на Реал Мадрид и сум благодарен на сите моменти што ги доживеав тука“, изјави Модриќ, кој настапува за Реал Мадрид од 2012 година.


Рамос ќе дебитира за ПСЖ на дербито против Лил

Серхио Рамос е блиску до враќање на теренот по повредата. Денес, Шпанецот се врати на тренинг со останатиот дел од екипата.

Според изворот, Серхио Рамос може да дебитира за ПСЖ на натпреварот од 12. коло на француската Лига 1 против Лил. Натпреварот ќе се одигра во петок на 29 октомври. Шпанецот сака да игра за ПСЖ токму на овој натпревар, но можно е тренерот на ПСЖ, Маурисио Покетино, да го чува Рамос за натпреварот од Лигата на шампионите против Лајпциг следната недела.

Да потсетиме дека Серхио Рамос стана фудбалер на ПСЖ во јули 2021 година. Договорот на фудбалерот со клубот е до 2023 година.  Дефанзивецот се пресели во новиот клуб како слободен играч. Рамос никогаш не играл досега за ПСЖ поради повреда.


Кил доаѓа во Скопје без двајцата најдобри играчи

Тренерот на екипата на Кил, Филип Јиха, нема да може да рачуна на двајцата свои најдобри ракометари на дуелот од Лигата на шампионите против Вардар.

Германскиот тим, во Скопје ќе допатува без Стефан Вајнхолд и Сандер Сагосен. Причината поради која овие двајца ракометари ќе бидат отсутни е нивниот позитивен тест на ковид-19. Тие мора да останат во карантин и нема да можат да настапат за својата екипа.

Натпреварот Вардар – Кил е на распоред за утре во среда во 20:45 часот.


Барса нема да менува, Куман ќе добие уште една шанса

Барселона засега нема да му врачи отказ на тренерот, Роналд Куман, бидејќи во спротивно ќе мора да му исплатат околу 12 милиони евра, објавија медиумите во Шпанија.

Според наведеното, неговата иднина ќе зависи од наредните  три натпревара со Рајо Ваљекано, Алавеш и Динамо Киев.

Со таквите најави не се согласуваат фановите на Каталонците кои по поразот во Ел Класико од Реал Мадрид, жестоко реагираа и побараа холандскиот стратег да го напушти тимот.


Побуна кај дел од играчите на Манчестер Јунајтед против Солскјер

Како што пренесува англискиот весник “Телеграф“, покрај незадоволството кај дел од навивачите кон тренерот на Манчестер Јунајтед Оле Гунар Солскјер, се појавија и шпекулации дека и дел од играчите не се задоволни од начинот на кој Солскјер ја води екипата.

Некои од играчите го обвинуваат Норвежанецот дека фаворизира одредени играчи на сметка на други, а жртви се Џеси Лингард и Дони ван де Бек, кои речиси и не добиваат шанса за настап.

Дефанзивецот Ерик Баи побарал директно објаснување од Оле за неговата одлука на натпреварот против Лестер да му даде предност на Хари Мегваер кој тогаш се опоравуваше од повреда, а Баи кој игра на истата позиција не добил шанса за настап и досега нема одиграно ниту една минута во Премиер лигата. 

На гостувањето во Лестер, капитенот Мегваер беше еден од најлошо оценетите играчи при поразот на Јунајтед од 4:2. 


Вест Хем и Евертон со интерес за Иван Перишиќ

Напаѓачот на Интер, Иван Перишиќ, може да ја продолжи својата кариера во Англија, пренесуваат дел од медиумите во Италија.

Според информациите кои се објавени, како најзаинтересирани екипи за доведување во своите редови на хрватскиот репрезентативец се издвојуваат премиерлигашите Евертон и Вест Хем.

 За 32-годишниот Перишиќ, постои голем интерес и од екипи кои се натпреваруваат во германската Бундес лига.

Перишиќ оваа сезона во дресот на Интер има одиграно 11 натпревари во кои постигна 2 гола.  Вредноста на играчот се проценува на 10 милиони евра.


Кристенсен и Челзи не постигнаа согласност за нов договор

Челзи не се договори со данскиот дефанзивец Андреас Кристенсен за нов договор. Преговорите меѓу играчот и клубот влегоа во ќорсокак, двете страните не контактираат два месеци. Во исто време, Данецот сака да остане во Лондон.

Беше објавено дека Кристенсен е блиску до обновување на актуелниот договор со Челзи. Договорот на Кристенсен со Челзи е со важност до летото 2022 година. Во актуелната сезона од Премиерлигата, данскиот дефанзивец настапи на шест натпревари и не постигна гол. Кристенсен потекнува од школата на Челзи и е во првиот тим од 2014 година.

Како дел од англискиот клуб Андреас Кристенсен е победник на ФА Купот, освојувач на Лигата на шампионите и Лига Европа, освојувач на Суперкупот на УЕФА. Во сезоните 2015/2016 и 2016/2017 година, Кристенсен играше како позајмен за Борусија Менхенгладбах.


Манчестер Јунајтед го бара Конте

Од управата на Манчестер Јунајтед ја разгледуваат можноста да му дадат отказ на тренерот Оле Гунар Солскјер и се заинтересирани за доведување на Антонио Конте.

Од телевизијата “Скај Италија“ пренесуваат дека Конте е најсериозен кандидат за нов тренер на тимот од Олд Трафорд и дека е подготвен да разговара со управата на Манчестер Јунајтед, но сеуште нема никакви официјални разговори.

Конте во повеќе наврати истакна дека не сака да седнува на тренерска позиција во тек на сезоната, но изгледа дека Манчестер Јунајтед е единствениот клуб кој би можел да го промени мислењето на италијанскиот тренер.

Солскјер е под голем притисок после тешкиот пораз од Ливерпул кој заврши со резултат 5:0. Екипата на Манчестер Јунајтед во последните четири натпревари од Премиер лигата освои само еден бод и со освоени 14 бодови се наоѓа на седмото место на табелата.