feature

Ибрахимовиќ: Бевме многу лоши, заслуживме пораз во Порто

Mилан вчера беше поразен од Порто и така се стави во тешка ситуација за место во нокаут фазата во Лигата на шампионите.

„Росонерите“ имаат три порази во првите три натпревари. Вчера одиграа лош натпревар и можеа поубедливо да бидат поразени од тие 0-1. Златан Ибрахимовиќ после натпреварот беше реален и посочи дека неговиот тим не заслужил повеќе во овој натпревар.

„Ова беше најлошиот натпревар од досегашните три и не заслуживме бодови. Треба да имаме предвид дека за многу од нашите фудбалери ова е прв настап во Лигата на шампионите и тие треба да созреат и да стекнат искуство. Како што можете да видите со искуството во Серија А нашата игра веќе се подобрува, така сметам дека со секој натпревар и во ЛШ треба да имаме напредок“, смета Ибрахимовиќ.


Серж Ибака го пропушта стартот на сезоната

Серж Ибака ќе го пропушти првиот натпревар на Лос Анџелес Клиперс во новата НБА сезона против Голден Стејт Вориорс, објави тренерот на Клиперс, Тајрон Лиу. 

Ибака се опоравува од повредата на грбот, поради што беше опериран во јуни. Иако започна да тренира, Серж сеуште не е подготвен за одигрување натпревари.

32 -годишниот Ибака во минатата сезона беше со просек од 11,1 поени, 6,7 скока и 1,1 блокади на 41 натпревар. 


Португалецот Фонсека ќе биде наследникот на Брус?

Њукасл оваа недела ќе започне разговори со Пауло Фонсека за нов менаџер на тимо.. Португалецот е еден од неколкуте кандидати за функцијата која е испразнета пред само неколку часа од Стив Брус. Отказот на Англичанецот се очекуваше околу две недели, но на крајот доби можност да го предводи тимот за последен пат во текот на викендот против Тотенхем во натпревар што заврши 3:2 во корист на лондончани.

Фонсека беше последен пат на клупата на Рома, а летото преговараше со Тотенхем, но на крајот тие се одлучија за Нуно Еспирито Санто.  Фонсека е трикратен шампион на Украина и трикратен освојувач на Националниот куп на Украина со Шахтјор Доњецк, како и победник на Купот на Португалија со Брага.


Само вакцинирани тенисери ќе играат на Австралија Опен

Сите тенисери кои сакаат да добијат виза за учество на Австралија опен на почетокот на следната година, мора да бидат целосно вакцинирани. Ова денеска го објави австралискиот министер за имиграција, Алекс Хок.

Новак Ѓоковиќ, кој е актуелен шампион на Австралија опен, досега одбиваше да открие дали е вакциниран, и рече дека не е сигурен дека ќе ја брани титулата во Мелбурн.

„На сите спортисти им се потребни две дози вакцина ако сакаат да ја посетат Австралија. Ова не се однесува само за тенисерите, туку и за секој странец кој сака да дојде”, изјави Хок за австралиското радио.

„Немам посебна порака за Новак. Апелирам до сите што сакаат да дојдат во Австралија дека мора да бидат целосно вакцинирани”, додаде министерот.


Месут Озил интересен за Њукасл

По преземањето на Њукасл од саудиските сопственици, секој ден излегуваат информации за можни договори со  големи фудбалски имиња. Познати тренери и играчи постојано се поврзуваат со доаѓање на “Сејнт Џемс Парк“.

Најново име кое се поврзува со облекување на црно-белиот дрес на Њукасл е бившиот играч на Арсенал и германски репрезентативец, Месут Озил. 

Освен за Озил кој моментално настапува во турската лига за екипата на Фенербахче, од Њукасл се заинтересирани и за доведување на неговиот клупски соиграч, голманот Алтан Бајендир.


Салах го сруши рекордот на Џерард

Со двата гола на синоќешниот меч со Атлетико Мадрид, голгетерот на Ливерпул, Мохамед Салах постави нов клупски рекорд.

Египќанецот постави нов клупски рекорд по бројот на постигнати голови во Лигата на шампионите – 31.

Тој од врвот на листата го симна легендарниот поранешен капитен на тимот, Стивен Џерард кој имаше 30 гола за Ливерпул во Лигата на шампионите.


Вујовиќ: Алборг нема да ги повтори грешките од Скопје

Тренерот на Вардар, Веселин Вујовиќ пред натпреварот истакна дека домаќинот нема да ги повтори грешките од Скопје, но и дека Вардар нема да излезе на терен со „бело знаме“.

„Ќе биде многу поразличен натпревар од тој што го одигравме во Скопје. Ние успеавме да ја успориме нивната игра, да не трчаме многу и тоа ни донесе резултат, односно победа. Но, тие сега Алборг сигурно нема да ги повтори грешките од Скопје. Нивниот контранапад е многу поопасен од нашиот. Нам ни недостасува Борко, кој има мали здравствени проблеми, но тука е Сафар да го замени. По мечот со Монпелје бевме загрижени, затоа што јавноста и ние самите очекувавме многу повеќе. Но, на тој натпревар се покажа дека во Европа се игра квалитетен ракомет и дека нема лесни противници. Вардар мора уште многу да направи и да работи за да може да се надигрува со најдобрите. Ние не патуваме со бело знаме, мораме да веруваме во себе и еден добар меч во Алборг ќе ни биде од големо значење за важниот натпревар со Кил во Скопје“, рече Вујовиќ.

По четири одиграни кола во Лигата на шампионите,  Вардар се наоѓа на делба на третата позиција во групата со пет бода, колку што имаат ПИК Сегед и Монпелје.


Најубавиот пенал изведен некогаш…

Овој изведен пенал ни доаѓа од ниските лиги во Англија.
Погледнете го овој хит од Островот:


Роналдо: Лигата на шампионите е совршен турнир за докажување

Напаѓачот на Манчестер Јунајтед, Кристијано Роналдо ги повика своите соиграчи во обид да ги мотивира и да покажат што знаат во дуелот од Лигата на шампионите против екипата Аталанта и со тоа да се вратат на победничкиот пат. 

„ Нашето време доаѓа. Мораме да покажеме од што сме создадени, а Лигата на шампионите е совршено место за докажување пред светот. Нема оправдувања! Ајде да го направиме тоа! “, Напиша Роналдо на својот Инстаграм профил.


Кудуз: Алборг сигурно сака реванш за поразот во Скопје

Анте Кудуз по неколкунеделната пауза поради повреда се врати во тимот и ќе биде во составот на Вардар за утрешното гостување на македонскиот шампон кај Алборг.

Хрватскиот бек верува дека поразот од Монпелје во претходното коло може да делува позитивно за нив, а смета дека Алборг ќе биде мотивиран за реванш по поразот во Скопје.

„Знаеме дека Алборг ќе бара реванш за поразот од Скопје. Ќе биде интересно, ние доживеавме еден ладен туш против Монпелје и можеби на крај да испедне позитивно што добивме една таква „шлаканица“ за да се разбудиме. Сигурно овој меч ќе биде многу поразличен од оној во Скопје. Верувам дека тие сега се подобро подготвени, а ние добро знаеме како играат, па затоа сметам дека нема да има многу тактички изненадувања, секако очекувам еден цврст и борбен натпревар“, истакна Кудуз.

Натпреварот меѓу Алборг и Вардар е закажан за утре (среда) во 18:45 часот. Во однос на составот, ќе недостасува единствено Борко Ристовски кој пријавил здравствени проблеми. По четири одиграни кола во Лигата на шампионите,  Вардар е на делба на третата позиција во групата со пет бода, колку што имаат ПИК Сегед и Монпелје.