feature

Македонската У18 селекција ја надигра Индонезија во Банско

Младата фудбалска репрезентација на Македонија за играчи до 18 години оствари минимална победа од 1-0 во контролниот натпревар против Индонезија, одигран во Банско, Бугарија.

Нашите фудбалери ја имаа иницијативата уште од почетокот. Првата сериозна шанса ја создаде Габриел Талевски во 30. минута со удар од 18 метри, но противничкиот голман беше сигурен. Само неколку минути подоцна, по мешаница во шеснаесетникот, најснаодлив беше Иван Танчев кој ја затресе мрежата за водство од 1-0.

Селекторот го искористи пријателскиот натпревар за да им даде шанса на сите фудбалери, со повеќе измени во вториот дел. Македонија следниот контролен меч ќе го одигра на 17 септември, на тренинг-центарот „Петар Милошевски“ во Скопје, против селекцијата на Унгарија.


Хет-трик на Милер за Ванкувер на 36-от роденден

Германскиот фудбалски ветеран, Томас Милер постигна хет-трик во дресот на Ванкувер.

Играчот од средниот ред постигна три гола против Филаделфија (7:0) во натпревар од регуларната сезона на МЛС. Натпреварот се одигра на денот кога Милер го прослави својот 36-ти роденден.

Тој постигна три гола на еден натпревар за првпат по 2018 година.


Пеп: Не би го менувал Халанд ни за Меси, ни за Кристијано

Еден од најдобрите светски фудбалски тренери, менаџерот на англискиот великан Манчестер Сити, Пеп Гвардиола,, го спореди својот најефикасен фудбалер, норвешкиот центарфор Ерлинг Халанд со најновиот напаѓач на Ливерпул, Александар Исак.

Гвардиола немаше никакви дилеми во врска со ова. „Го ставам Халанд малку повисоко. Исак е исклучителен играч, но ме прашавте за Ерлинг а тој е врвен.“

Секако, Гвардиола рече дека многу го цени Швеѓанецот, но го стави Халанд дури и пред Кристијано Роналдо и Лионел Меси.

„Исак е веројатно врвен фудбалер штом толку му платиле. Некој друг би можел да ги именува Мбапе, Меси или Кристијано Роналдо, но јас не би го менувал Ерлинг за никого“, рече Гвардиола.

Инаку, Норвежанецот пристигна во Сити во 2022 година од Борусија Дортмунд. Досега одигра 149 натпревари и постигна 127 голови во дресот на Граѓаните од Манчестер.


Пешиќ најави заминување, Србија ќе добие нов селектор

Иако по „шокантната“ елиминација во осминафиналето на Евробаскетот 2025 селекторот на Србија, Светислав Пешиќ изјави дека нема да поднесе оставка, збогувањето, сепак, е неизбежно.

Имено, во вчерашното интервју за српска „Политика“ тој откри дека ќе се пензионира и ќе му помогне на претседателот на Кошаркарскиот сојуз на Србија, Небојша Човиќ, во изборот на новиот селектор на српската репрезентација.

Дојде време да се најде нов тренер кој ќе може да го продолжи она што го започнавме. Му ветив на Човиќ дека целосно ќе ја исполнам улогата што ми ја додели во изборот на нов селектор, изјави Пешиќ.

Во претходните денови, тој беше мета на сериозни критики од јавноста, но, како што вели, тоа не го засега.

Србија важеше за прв фаворит за освојување на трофејот на Европското првенство кое е во тек.


Анчелоти сака долго да остане селектор на Бразил

Селекторот на бразилската фудбалска репрезентација, Карло Анчелоти, во интервју за „ESPN“ изјави дека сака да остане со „Кариоките“ до 2030 година.

„Сакам да ја тренирам бразилската репрезентација од 2023 година. Подготовките за Светското првенство се нешто посебно за бразилската репрезентација. Потпишав едногодишен договор. По Светското првенство, сè ќе биде јасно. Мислам дека беше исправно во тој момент да потпишам едногодишен договор. Немам проблем ако конфедерацијата сака да продолжи со соработката. Нема проблем. Како што реков, многу сум среќен тука, моето семејство е исто така среќно. Имаме време да разговараме за тоа, не сум против продолжување на работата. Да останам до 2030 година? Тоа би било одлично“, рече Анчелоти.

Италијанскиот фудбалски стручњак, исто така, истакна дека за да му се олесни адаптацијата на животот во Бразил, тој посетува часови по португалски јазик.


УЕФА делумно ја поништи казната на Флик

Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) делумно ја потврди жалбата на Барселона против дисквалификацијата на главниот тренер Ханс-Дитер Флик и неговиот помошник Маркус Сорг.

Тренерите беа дисквалификувани на 8 август за еден европски натпревар поради кршење на општите принципи на однесување и основните правила на пристојно однесување по полуфиналниот реванш-натпревар од Лигата на шампионите против Интер (3:4), што се одржа на 6 мај. Тие беа казнети и со 20.000 евра.

Апелацискиот комитет на УЕФА одлучи да ја замени дисквалификацијата на Флик и Сорг со условна, но паричната казна останува на сила.

Барселона ќе игра против Њукасл во главната фаза од Лигата на шампионите на 18 септември.


Лина Ѓорческа се пласира во уште едно тениско финале

Нашата најдобра тенисерка Лина Ѓорческа ќе игра уште едно финале. Денеска во Букурешт во полуфиналето на ИТФ турнирот, нашата тенисерска славеше во два сета над првата носителка на турнирот, Деспина Папамихаил од Грција.

Во меч кој траеше само час и 21 минута, Ѓорческа го доби првиот сет со 6-2, а во речиси идентичен втор сет, повторно оствари триумф од 6-2.

Во финалето Лина Ѓорческа ќе се сретне со подобрата од дуелот меѓу Тагер (Авс) и Нахимана (Бур).


Македонија пријави двајца атлетичари на Светското првенство во Токио

Двајцата македонски атлетичари се учесници на денеска започнатото Светското првенство во атлетика. Дарио Ивановски и Адријана Поп Арсова веќе го знаат и официјалниот термин на своите трки во маратонска конкуренција.

Прва на програмата ќе настапи Адријана Поп Арсова и тоа утре ( недела ) 14-ти септемвери во нејзината дисциплина маратон со почеток во 7:30ч. , односно 00:30ч. (македонско време).

Дарио Ивановски својот настап ќе го има на 15-ти септемвери ( понеделник ) во неговата дисциплина маратон, со почеток во 7:30ч., односно 00:30ч. (македонско време).


Умтити најави заминување во пензија

Самуел Умтити е сè поблиску до одлука да стави крај на фудбалската кариера, откако сериозните повреди со години му создаваат проблеми. Според информации на „Л’Екип“ и „РМЦ Спорт“, францускиот дефанзивец на 31 година е подготвен да се повлече од терените.

Минатата година двапати мораше да оди на операција на коленото, па не е изненадување што Лил не му го продолжи договорот. Иако Умтити сè уште има понуди на маса, тој е многу блиску до конечна одлука да не се мачи повеќе со болките и да ја заврши играчката кариера.

Французинот започна во Лион, од каде по шест години замина во Барселона, а во 2018 година ја доживеа најголемата радост кога со националниот тим го освои Светското првенство. Тогаш не сакаше да оди на операција на коленото и настапи на целиот Мундијал, но токму од тој момент започна неговиот голем проблем, бидејќи повредата никогаш не ја санираше целосно.


Мото ГП ќе отвори своја „Куќа на славните“

Мото ГП шампионатот и досега имаше посебно место за своите легенди, а од четврток има и официјална Куќа на славните, која беше откриена во пресрет на Големата награда на Сан Марино во Римини оваа недела.

На посебен настан во Римини, се собраа најголемите ѕвезди на мотоциклизмот кои повеќе не се активни, а кои меѓусебно имаат 23 титули и повеќе од 300 победи. Легендите кои повеќе не се со нас: Умберто Масети, Џеф Дјук, Џон Сартис, Мајк Хејлвуд, Фил Рид и Бери Шин, први беа примени во Куќата на славните.

Присутните ги предводеше најтрофејниот возач во историјата – Џакомо Агостини, кој во текот на својата кариера освои неверојатни 15 титули и забележа рекордни 122 победи.

По него следеа Кени Робертс, Фреди Спенсер, Еди Лосон, Вејн Рејни, Мик Дуан, Кејси Стонер, Дани Педроса и човекот кој е најзаслужен за најголемата популарност на Мото ГП шампионатот, Валентино Роси.

Сите тие добија медали во чест на влегувањето во Куќата на славните, но и плакети што одат во Кулата на шампионите, која му се доделува на шампионот од кралската класа.

Кулата на шампионите, патем, претрпе измени во однос на оригиналната верзија, во согласност со новиот идентитет на најспектакуларниот спорт во светот, како што го промовираат оние што го водат.

Секако, првиот сопственик на новиот трофеј ќе биде Марк Маркез, кој не може да ја обезбеди титулата овој викенд, но ќе ја има својата прва шанса за две недели, во Јапонија.

Вниманието сега е насочено кон самата патека, бидејќи акцијата за Големата награда на Сан Марино и Римини започна во Мизано и продолжува до недела.