feature

Маркус Рохо казнет поради учество во тепачка

Фудбалерот на Бока Јуниорс, Маркус Рохо, заработи висока казна од Јужноамериканската фудбалска конфедерација. Рохо доби суспензија од пет натпревари и парична глоба од 25 илјади долари за учество во тепачка по завршетокот на натпреварот помеѓу неговата Бока и бразилскиот Атлетико Минеиро во рамките на Купот Либертадорес. Натпреварот во регуларниот дел заврши 0:0, а по изведувањето на пеналите поуспешен беше тимот на Атлетико и славеше со 3:1. На средбата имаше и контроверзна ситуација кога после ВАР асистенција им беше поништен гол на Бока Јуниорс.

Оваа спорна одлука беше причина за започнување на тепачка која се случила пред соблекувалните на гостите во која учествуваа фудбалерите на Бока и обезбедувањето, односно полицијата. Полицијата на крајот уапси осум играчи на Бока Јуниорс и поднесе обвиненија против тројца од нив. 

Маркус Рохо кој во тепачката користел и апарат за гаснење на пожар го извлече најдебелиот крај и доби најголема казна.


Роналдо го сака Киеза во Манчестер Јунајтед

Кристијано Роналдо, изјави дека сака „црвените ѓаволи“ да го доведат крилото на Јувентус, Федерико Киеза. „Калчомеркато“ тврди дека Португалецот има голема желба Киеза да му се придружи на „Олд Трафорд“.

Двајцата добро се познаваат, бидејќи минатата сезона беа соиграчи во тимот на Јувентус, и се чини дека Роналдо е импресиониран од она што го покажа 23-годишниот Киеза.

Минатата сезона, Италијанецот постигна 15 гола и реализираше 11 асистенции. 


Брих заминува во пензија заради старосната граница на ФИФА

Феликс Брих еден од најбрите фудбалски судии не е запишан на листата на  ФИФА за 2022 година откако неговата матична федерација се одлучи да го избрише неговото име од пријавата.

Тоа значи дека Брих по цели 14 години нема да има активности на тревнатите терени.

Тој има судено на 65 натпревари во Лигата на шампионите меѓу кои влегува и финалето во Лигата на шампионите во 2017 година меѓу Реал Мадрид и Јувентус.


Рудигер е прва трансфер желба на Реал Мадрид

Дефанзивецот на Челзи, Антонио Рудигер е приоритетен трансфер на Реал Мадрид за следното лето. Според шпанскиот канал АБЦ, во Реал очекуваат да го доведат Германецот како слободен агент, откако неговиот договор со Челзи ќе истече во јуни.

Тренерот Карло Анчелоти сака да ја засили својата одбрана откако Рафаел Варан и Серхио Рамос летово заминаа во Манчестер Јунајтед, односно ПСЖ. Рудигер би бил одлична замена за еден од овие двајца сега веќе поранешни легенди на “Кралскиот клуб“

Летово Реал Мадрид веќе го доведе Давид Алаба како слободен играч, откако му истече договорот со Баерн Минхен и сега очекуваат  сличен потег и со Рудигер.

Реал Мадрид не е единствениот тим заинтересиран за 28-годишниот дефанзивец на Челзи, во игра за негово доведување активни се и од таборот на Баерн Минхен.


Флик: Македонија е анализирана, доаѓаме по победа во Скопје

Германија синоќа со пресврт славеше над Романија со 2:1 во мечот од нашата група во квалификациите за СП, па сега с еподготвува за пат кон Скопје. Селекторот на „панцeрите“, Ханси Флик, по мечот рече дека Германија мора да игра подобро и тоа ќе го покаже на следниот меч со Македонија во Скопје.

На новинарскто прашање што очекува од дуелот со Македонија, Флик вели:

„Внимателно го анализираме противникот. Видовме кои се нивните добри работи. Но, сега треба да работиме низ играта против Романија за да донесеме правилни заклучоци. Потоа сакаме да го направиме следниот чекор и да се пласираме на Светското првенство што е можно поскоро.“


Два калчолигаши загреани за потписот на Умтити

Милан и Јувентус ја започнале битката за потписот на дефанзивецот на Барселона, Самуел Умтити. За дефанзивецот повеќе нема место во тимот на Куман и Барселона се обидуваше да се ослободи од него во текот на целото лето,  но Французинот сепак остана на „Камп Ноу“.

Шпанските медиуми пренесуваат дека Барселона и Умтити се блиску до договор за спогодбено раскинување на соработката, па дефанзивецот во јануари ќе биде слободен агент.

Италијанските гиганти сакаат да ја искористат ситуацијата и веќе стапиле во контакт со неговиот агент.


Барселона на јануарски шопинг во Ливерпул

Како што денес пренесе англискиот весник “Сан“, напаѓачот на Ливерпул, Дивок Ориги, во јануари би можел да се пресели во Барселона.

Застапниците на Ориги веќе стапиле во контакт со управата на Барса со надеж дека ќе се дојде до спогодба за реализација на овој трансфер.

Од почетокот на сезонава, Дивок Ориги има одиграно само 157 минути во тимот од Енфилд, а од идното лето е веќе слободен играч.

Иако Ориги постигна некои клучни голови кои му помогнаа Ливерпул во освојувањето на Премиер лигата како и Лигата на шампионите, сепак белгискиот напаѓач не обезбеди стандардно место во екипата.

На Барселона под итно му се потребни нови засилувања, имајќи го во предвид фактот дека после првите седум кола во шпанската Ла лига има победено само на три натпревари, додека во Лигата на шампионите доживеа тешки порази од Баерн и Бенфика.


Фудбалска еуфорија во Њукасл

Фудбалскиот клуб Њукасл Јунајтед објави дека сите билети за натпреварот против Тотенхем кој е закажан за 17 октомври се распродадени и дека пред продажните места останале голем број навивачи кои не успеале да купат билети за себе.

Еуфоријата во Њукасл започна во четвртокот кога клубот го презеде новиот сопственик, принцот Мохамед бин Салман од Саудиска Арабија, кој се очекува да инвестира огромни пари во клубот и во блиска иднина да атакува на висок пласман во Премиер лигата.

https://twitter.com/NUFC/status/1446421900259954688?s=20

Рабио ќе го скокне финалето со Шпанија заради позитивен тест на ковид-19

Француската фудбалска федерација утрово објави дека играчот од средниот ред на Јувентус, Адриен Рабио не ќе може да игра на утрешното финале од Лигата на нации против Шпанија, затоа што е позитивен на ковид-19.

Фудбалерот од средниот ред се изолира и нема да биде заменет во составот на Дидие Дешамп како резултат на воспоставените прописи.

Како резултат на тоа, францускиот тим ќе патува за Милано со 21 член.


Ибрахимовиќ наскоро се враќа на зелениот терен

Напаѓачот на Милан, Златан Ибрахимовиќ се надева дека ќе се врати на терените на натпреварот против Верона во 8-то коло од Серија А. 

Популарниот Ибра, кој неодамна наполни 40 години, веќе тренира и очекува да биде подготвен за натпреварот на 16 октомври.

Состојбата на Златан се следи секој ден. Се чувствува подобро и сосема е можно да биде во групата за мечот со Верона, известуваат од таборот на Милан.

Ибрахимовиќ засега забележа настап на само еден натпревар од шампионатот на Италија, кога постигна гол на средбата со Лацио.