feature

Анчелоти: Ќе се бориме за шест трофеи сезонава

Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти даде интервју за веб-страницата на УЕФА една недела пред финалето на Суперкупот на Европа меѓу неговиот тим и Ајнтрахт Франкфурт. Ова ќе биде прв официјален натпревар за шпанскиот шампион во новата сезона.

„Иако на некој начин заостануваме во однос на Ајнтрахт, кој ја започнува сезоната порано, ќе играме на победа. Гледаме напред. Победите од минатата сезона ни даваат самодоверба, но мораме да се концентрираме на следните натпревари. Во новата сезона ќе има 6 трофеи за освојување и сакаме да се бориме за сите“, изјави италијанскиот стручњак.

„Подготвени сме, во форма сме. Мораме да ја оставиме радоста и задоволството од минатата сезона и да не дозволиме некој да ни го заземе местото. Ова е најголемиот мотив да продолжиме да победуваме”, изјави Анчелоти.


Ливерпул без Конате на стартот од сезоната

Фудбалерот на Ливерпул, Ибрахима Конате поради повреда ќе го пропушти стартот на Премиер лигата. Францускиот дефанзивец повредата ја заработи на последниот пријателски натпревар на Ливерпул против Стразбур.

Од клубот не соопштуваат колку долго Конате ќе биде во аут, но според проценките повредата не е сериозна и тој се очекува да се врати на тренизните наскоро.

Ливерпул првиот натпревар од новата сезона го игра на гостински терен против Фулам.


Салихамиџиќ: Баерн нема да го купи Хари Кејн

Спортскиот директор на Баерн Минхен, Хасан Салихамиџиќ денеска изјави дека клубот не се обидува да го привлече Хари Кејн од Тотенхем.

Баерн летово го продаде својот најдобар стрелец Роберт Левандовски на Барселона и се шпекулираше дека ќе го доведе напаѓачот од лондонскиот тим.

„Ова се гласини. Сега одиме на поинаков начин. Манчестер Сити и Ливерпул со години беа успешни без класична деветка“, изјави Салихамиџиќ за „Зидојче Цајтунг“.

Баерн мораше да го засили нападот откако го ослободи Левандовски, кој побара да си замине. Германскиот шампион го доведе Садио Мане од Ливерпул за 33,5 милиони евра, а го продолжи договорот со Серж Гнабри.

„Би можеле да замениме четири играчи со речиси ист квалитет на четири позиции. Ваков офанзивен квалитет е реткост во Европа. Сега е работа на тренерот и неговиот тим да го вклопат“, изјави спортскиот директор на Баерн.


Аталанта се засили со Лукман

Калчолигашот Аталанта објави дека потпиша договор со крилниот напаѓач Адемола Лукман.

Лукман во Аталанта доаѓа од РБ Лајпциг, но минатата сезона играше како позајмен фудбалер во Лестер.

Според информациите вкупниот трансфер на Лукман изнесува 15 милиони евра, а договорот е потпишан до 2026 година.


КК Партизан и официјално потпиша договор за настап во Евролигата

Претседателот на кошаркарскиот клуб Партизан Остоја Мијаиловиќ преку социјалните мрежи објави информација дека тимот од Белград и официјално потпиша договор за настап во кошаркарската Евролига во сезоната 2022/23.

Партизан својата нова евролигашка сезона ќе ја започне на 7.октомври со гостувањето во Берлин против екипата на Алба.


Кепа пред потпис со Наполи, Мерет се сели во Специја

Доаѓањето на Кепа Аризабалага во Наполи ќе го испрати младиот голман, Алекс Мерет, на позајмица за една сезона во Специја.

Наполитанците треба да го финишираат трансферот на Аризабалага кој ќе дојде како позајмен играч а англискиот клуб ќе продолжи да плаќа 75 отсто од неговата плата.

Што се однесува до 25-годишниот Мерет, тој во минатата сезона забележа седум настапи за Наполи и прими шест голови.


Кукуреља потпиша за Челзи

Шпанскиот фудбалер Марк Кукуреља е нов фудбалер на Челзи, соопштуваат од лондонскиот клуб.

Тимот од Стенфорд Бриџ за левиот бек на Брајтон плати високи 65 милиони евра. Претседателот на Челзи Тод Боели изјави дека Шпанецот е иднината на клубот.

Англиските медиуми пренесуваат дека со пристигнувањето на Кукуреља во екипата, Челзи ќе му дозволи на Маркос Алонсо да му се приклучи на Барселона.


Ренато Санчез е нов играч на ПСЖ

Шампионот на Франција Париз Сен Жермен објави дека португалскиот фудбалер Ренато Санчез е нов играч на клубот. Португалецот од средината на теренот потпиша договор со важност до 2027 година.

Во текот на својата кариера 24-годишниот играч настапуваше за Бенфика, Баерн Минхен, Свонси и Лил.

Од 2019 година играше за Лил и со тој клуб ја освои титулата во француското првенство за сезоната 2020/21. Ренато Санчез е стандарден репрезентативец на Португалија.


Тен Хаг му го краде Зијеч на Милан

Новиот менаџер на Манчестер Јунајтед, Ерик тен Хаг, сакал клубот да го ангажира крилниот напаѓач на Челси, Хаким Зиеч. Холандскиот стручњак одлично го познава Мароканецот, кој беше дел од Ајакс предводен од него во периодот меѓу 2017 и 2020 година. По потпишувањето на Рахим Стерлинг, Челси е подготвен да го продаде Зиеч само две години откако плати 37 милиони фунти за него.

Според новинарот на „Франс Фудбал“ Набил Џелит, Зиеч бил еден од приоритетите на Тен Хаг за летниот избор, но челниците на Манчестер Јунајтед се изјасниле против трансферот и го блокирале договорот, иако Мароканецот би бил многу поевтина опција од крилниот напаѓач на Ајакс, Антони, за кој Јунајтед долго време преговараа. Всушност, токму Бразилецот го замени Зиеч во холандскиот клуб пред две години.

Инаку, во последно време упорно се тврди дека крилниот напаѓач на Челси може да ја продолжи кариерата во италијанскиот шампион Милан.


Уапсен поранешниот НБА кошаркар Иман Шумперт

Поранешниот НБА кошаркар, Иман Шумперт е уапсен на аеродромот во Далас, бидејќи имал големо количество марихуана!

Тој завршил во затвор бидејќи марихуаната не е легализирана во Тексас, а покрај споменатата опојна дрога, поранешниот НБА шампион во багажот имал и 14 куршуми од калибар 9 мм. Сепак, не и пиштол.

„Според полицискиот извештај, обезбедувањето на аеродромот забележало сомнителна торба во неговата чанта на скенерот, тој признал дека се работи за марихуана. Тој не даваше отпор при апсењето, ниту протестираше. Доколку биде прогласен за виновен на судење, може да добие затворска казна од две години и парична казна од 10.000 долари“, пишуваат медиумите во САД.