feature

Наполи преговара со Челзи за голманот Кепа

Голманот на Челзи, Кепа Аризабалага би можел да биде позајмен на италијански Наполи, пишуваат медиумите од Апенините.

Шпанскиот репрезентативец стана непожелен на „Стемфорд Бриџ“ откако менаџерот Томас Тухел цврсто го постави Едуард Менди под рамката.

Од доаѓањето на Менди во 2020 година, Аризабалага има само 29 настапи во сите натпреварувања за лондончани.

Кепа Аризабалага бара нов тим кој ќе му даде минутажа за играње додека се обидува да најде место во репрезентацијата на Шпанија за Светското првенство во Катар подоцна оваа година.

Наполи од своја страна бара голман со квалитети по заминувањето на Давид Оспина во насока на саудиски Ал Наср.


Хари Кејн е иден сон на Баерн

Генералниот директор на Баерн Минхен, Оливер Кан, во интервју за германскиот Билд, изјви дека напаѓачот на Тотенхем Хари Кејн е иден сон на баварскиот клуб.

Шампионот на Германија го продаде својот најдобар стрелец Роберт левандовски во Барселона, а Кан верува дека англискиот репрезентативец Хари Кејн во иднина би можел да биде негова идеална замена.

„Кејн има договор со Тотенхем. Апсолутно е точно дека се работи за топ класа, но тој е сон за иднината. Во моментот мораме да го дефинираме тимот за актуелната сезона“, истакнува Кан.

Договорот на Хари Кејн со Тотенхем истекува летото 2024 година.


Баси од Ренџерс е замената за Лисандро Мартинез во Ајакс

Ајакс е блиску до потпис со дефанзивецот на шкотски Ренџерс, Калвин Баси.

22-годишниот нигериски интернационалец ќе се пресели во тимот од Амстердам за 22 милиони евра, а планирани се уште 5 во вид на бонуси за учинокот.

Ренџерс, исто така, ќе добие 10 отсто од следната продажба на играчот, кој беше привлечен пред две години од Лестер за скромни 230.000 фунти.

Тоа ќе биде рекорден трансфер во историјата на Ренџерс.


Роналдо: Лага е дека се враќам во Спортинг

Фудбалерот на Манчестер Јунајтед Кристијано Роналдо ја демантираше веста дека се враќа да игра за Спортинг од Лисабон, клубот каде ја започна својата кариера.

Телевизијата Спорт од Португалија објави вест дека голгетерот преговара со управата на Спортинг за негово враќање во Лисабон. 

Информациите беа базирани на фактот што автомобилот на Роналдо бил виден во близина на стадионот на Спортинг, меѓутоа оваа вест набргу ја демантира и самиот Роналдо кој со коментар на  Инстаграм пост напиша дека веста е лажна.


Дибиров со емотивно збогување од Вардар и навивачите

Еден од најдобрите играчи на ракометниот клуб Вардар 1961, Тимур Дибиров ја прекина соработката со клубот и потпиша договор за настап во хрватскиот шампион ППД Загреб.

Откако соработката со тимот од Загреб и официјално беше објавена, Русинот Дибиров се огласи на социјалните мрежи и упати емотивна порака за збогување до клубот Вардар и фановите.

„ Драги пријатели,веројатно треба да има текст за многу страници, затоа што сакам да ви се заблагодарам на секој од вас, ви благодарам што ми го дадовте чувството да се биде дома, за поддршка, љубов и верба во мене!Ми беше голема чест да го носам дресот на Вардар и горд сум што сум дел од семејството!Сакам да Им се заблагодарам на Македонија,Скопје, Комити, навивачите,Сергеј Самсоненко, сите играчи и вработени во клубот, вие сте засекогаш во моето срце“стои во пораката на Дибиров.


Ибрахимовиќ останува уште една година во Милан

Шведскиот фудбалер Златан Ибрахимовиќ се согласи да го продолжи договорот со Милан до јуни наредната година.

Италијанските медиуми тврдат дека навивачите на Милан се воодушевени со овај потез на Златан, бидејќи сметаат дека тоа е доказ колку фудбалерот ги почитува росонерите.

Според договорот, Ибрахимовиќ ќе заработува околу 1,5 милиони евра, но ќе има бонуси за одиграни натпревари и постигнати голови.

Шведскиот фудбалер во октомври ќе наполни 41.година, а во моментот се опоравува од операцијата на коленото поради која нема да игра до крајот на годината.


Драган Бајиќ не е повеќе селектор на кошаркарската репрезентација на Македонија

Кошаркарската федерација на Македонија, соопшти дека спогодбено ја прекина соработката со досегашниот селектор на репрезентацијата Драган Бајиќ.

Според соопштението двете страни се разделија поради здравствени проблеми со кои во последниот период се справува Бајиќ, па поради тоа, тој нема да биде во можност професионално и во целост да се посвети на работата во селекцијата.

Драган Бајиќ ја водеше македонската репрезентација од април 2021 година, но не може да се каже дека направи некој забележителен резултат. За скоро време од федерацијата велат дека ќе го објават името на новиот селектор.


Кунде од Севиља следен на листата на желби на Чави во Барса

Барселона е еден од најактивните клубови на трансфер пазарот и денес го договори трансферот на Роберт Левандовски од Баерн Минхен.

Каталонците претходно ги донесоа Франк Кеси, Кристенсен и Рафиња, но не мислат да застанат и следен на списокот е Жил Кунде. Тренерот Чави сака да ја засили одбраната со врвен дефанзивец кој ќе биде долгорочен наследник на Жерар Пике, пренесува шпанскиот весник „АС“.

Поради тиа главните финансиски средства во летниот преоден рок Барселона може да ги насочи толку кон Жил Кунде.

Шпанските медиуми пренесуваат дека Барселона испратила понуда од 58 милиони евра плус бонуси, што е приближно на сумата која ја бара Севиља.


Македонските клубови се избегнаа на патот до СЕХА-финалето

Ракометарите на Вардар и на Еурофарм Пелистер ќе се разминат во полу-финалето на СЕХА лигата доколку обезбедат место на завршниот Ф4 турнир кој ќе биде одигран во Задар.

„Црвено-црните“  во последниот елиминациски филтер на 23 август ќе бидат домаќини на хрватскиот состав Нексе додека битолчани на 25 август ќе се соочат со Мешков Брест во салата – „Боро Чурлевски“.

Двојки за полу-финалето: Татран Прешов – Веспрем/Еурофарм Пелистер – Мешков Брест и Вардар – Нексе Нашице/Војводина – Загреб.


Фрејзер-Прајс петти пат златна на „стотка“ на Мундијалите

Шели-Ен Фрејзер-Прајс постигна нешто неверојатно. 35-годишната спринтерка од Јамајка ја освои својата петта светска титула на 100 метри. Фрејзер-Прајс триумфираше на Светското првенство во Јуџин, Орегон со нов рекорд на шампионатот од 10,67 секунди (0,8 м/сек). Таа има златни медали на 100 метри од планетарните форуми во Берлин 2009, Москва 2013, Пекинг 2015 и Доха 2019 година.

Само легендата Сергеј Бубка има освоено повеќе светски титули во индивидуална дисциплина – шест.

Триумфот на Јамајка во ова финале беше комплетен бидејќи сите три места на подиумот ги зазедоа жените од оваа карипска земја. Шерика Џексон заврши втора со личен рекорд од 10,73 секунди.

Двократната олимписка шампионка на 100 и 200 метри Елејн Томпсон-Хера овој пат мораше да се задоволи со бронзениот медал со 10,81 секунди.