feature

Вајналдум несреќен во ПСЖ

Жоржињо Вајналдум стигна како големо засилување во тимот од Париз, меѓутоа неговиот почеток во новата средина е по се изгледа многу тежок.

Вајналдум не е во прв план кај тренерот Покетино, кој поголема предност му дава на Верати, Паредес, Андер Ерера и Идриса Геј.

Запрашан од новинарите дали се кае што си замина од Ливерпул и потпиша за ПСЖ, Вајналдум вели: “Не можам да бидам задоволен со мојата моментална ситуација во Париз. Не сум потполно среќен и ќе биде загрижувачки за мене ако работите не се сменат и не добијам поголема минутажа во тимот“.

Џиџи Вајналдум за ПСЖ засега има 11 настапи, а беше стартер само еднаш на последните 5 натпревари.


Лука Дончиќ посакува шампионски прстен со Далас

Словенскиот репрезентативец и член на Далас Маверикс, Лука Дончиќ, во интервју за официјалниот сајт на НБА лигата не ги криеше своите амбиции за сезоната која претстои и желбата да го освои шампионскиот прстен  со својот Далас.

“Сакам да станам НБА шампион, но знам дека тоа не е само моја желба и цел, истото ова го посакува секој играч пред стартот на новата сезона. Целта е зацртана, сега останува да видиме како ќе се одвиваат работите“, изјави Дончиќ.

Летово Лука Дончиќ потпиша нов петгодишен договор со тимот на Далас Маверикс.


Од Барса порачуваат: Не треба да размислуваме за Халанд, изградбата на клубот е најважна

Следното лето ќе се активира откупната клаузула на Ерлинг Халанд од 75 милиони евра. Нема сомневање дека најголемите европски клубови се во можност ќе се обидат да го доведат.

На тема „Халанд“ зборуваше и потпретседателот на Барселона, Рафаел Јусте. Тој во интервју за „Мундо Депортиво“ истакна дека Халанд секако ги интересира, но засега не се во можност да размислуваат да го доведат.

„За жал не гледам како Халанд би го довеле сега. Од сега па до крајот на идната година ќе се обидеме да ги затвориме сите дупки, па потоа ќе можеме да размислуваме на поголеми вложувања. Прво мораме да ставиме темели на куќата во која влеговме и ја затекнавме со рушевини, а потоа мораме да се фокусираме на нејзината стабилност. Не смееме и да ги изгубиме од видик најдобрите, Барса сака само такви играчи, а Халанд сигурно е еден од нив, Сепак, како што кажав сега не сме во ситуација да размислуваме за него“, изјави потретседателот на Барселона.


Дешамп: Карим Бензема ни донесе победнички менталитет

Франција го освои трофејот во Лига на нации откако ја совлада Шпанија со 2-1, а селекторот Дидие Дешамп не ја криеше радоста. Дешамп особено го пофали Карим Бензема и истакна дека донел победнички менталитет во репрезентацијата.

„Многу сум горд. Имаме одличен тим и вистински менталитет. Бензема е еден од нашите најдобри фудаблери и тој беше одличен во двата натпревари. Има желба за победа, која ја пренесува на другите играчи. Ни треба таков фудбалер за да остваруваме победи во големи натпревари“, истакна Дешамп.

Бензема неодамна се врати во репрезентацијата на Франција и покажува фантастични натпревари. Тој беше еден од најзаслужните за триумфот во Лигата на нации.


Федерер испаѓа од листата топ 10

Роџер Федерер кој во моментот е деветти тенисер во светот, го загуби местото од Каспер Руд. Норвежанецот ќе го престигне Федерер на најновата АТП листа благодарение на добриот резултат на турнирот во Индијан Велс.

До завршетокот на Индијан Велс, Роџер Федерер со сигурност ќе испадне од топ 10 најдобри тенисери по АТП рангирањето . Шаповалов, Хуркач, Шварцман, Гарин, Карењо Буста и Гаел Монфилс се тенисерите кои можат да го отстранат Федерер од топ 10 овој месец.


Тоти: Фудбалот е променет, денес се е во парите

Франческо Тоти, поранешниот капитен и легенда на екипата на Рома, вели дека времињата во фудбалот се сменети и дека денес се е во парите.

Тоти, кој цела своја кариера ја помина во Рома и со тоа испиша историја во италијанскиот  фудбал, вели дека играчите денес повеќе се грижат колку ќе заработат отколку каде ќе играат.

“Почнав да играм фудбал во едно поинакво време, кога фудбалерите беа полни со страст и љубов кон навивачите. Да се поминат 25 години во еден клуб не е мала работа. Тешко е да го споредам моето време во фудбалот и ова денес. Сите одат каде што можат да повеќе да заработат“, изјави Тоти за весникот Гардијан.

“Милан беше единствениот клуб за кој размислував да заиграм, а имав понуда и од Реал Мадрид, но одлуката да останам во Рома ја донесов од срце“, вели Франческо Тоти.


Руи Коста именуван за нов претседател на Бенфика

Славниот фудбалер Цезар Мануел Руи Коста е избран за нов прв човек на Бенфика.

Руи Коста ја доби довербата од делегатите на Изборното собрание во клубот кое се одржа во текот на вчерашниот ден и така стана 34. претседател во клупската историја.

Претходно Луис Фелипе Виеира беше суспендиран поради затајување на данок и перење на пари. Мандатот на Коста има важност до 2025 година.


Јуве продава двајца фудбалери за да отвори простор за Погба

Јувентус крои планови како да го врати Пол Погба, на продажба ќе бидат ставени Арон Ремзи и Адриен Рабио за да се отвори простор за ангажман на Французинот.

Пол Погба никогаш не криел дека Торино и Јувентус имаат посебно место во неговото срце, таква беше и изјавата по дуелот на Франција против Белгија во полуфиналето од Лигата на нации на стадионот „Алианц“.

Тој ги одработува последните месеци од договорот со Манчестер јунајтед па постојат големи шанси беспари да се пресели во друг клуб. Јувентус внимателно ја следи ситуацијата и крои планови да го врати Французинот во своите редови.

„Старата дама“ на продажба ќе ги стави Арон Ремзи и Адриен Рабио, фудбалери со годишна плата од околу 7 милиони евра, за да се отвори простор за Пол Погба.

Весникот додава дека Пол Погба во моментов има плата од околу 15 милиони евра по сезона а на маса има понуда од Манчестер јунајтед за продолжување на соработката со плата од околу 20 милиони евра.


Бобан: Идејата на Инфантино и Венгер e лоша за фудбалот

Звонимир Бобан, пранешниот директор на Милан, а сегашен функционер на УЕФА, излезе со оштри критики за идејата на ФИФА за одржување на Светско футбалско првенство на секои две години.

“ Јас во секој случај сум за иновации кои го подобруваат квалитетот и развојот на фудбалот, но не смееме да бидеме опседнати со големи промени. Идејата на претседателот на ФИФА, Инфантино, и на Венгер, за одржување на Светско првенство на секои две години е апсурдна, дури и полоша од идејата за основање на Супер лигата. Ова би било штетно најмногу за играчите но и за фудбалските институции.

Фудбалот не им припаѓа на Инфантино и на Венгер, не е мој или ваш, туку на сите што го сакаат“, изјавува Бобан.


Њукасл со најава за први трансфери

Њукасл Јунајтед планира во зимскиот преоден рок, да доведе во своите редови двајца англиски играчи. Како што пренесува англискиот Телеграф, се работи за дефанзивецот на Барнли, Џејмс Тарковски и играчот на Манчестер Јунајтед, Џеси Лингард.

Изгледа дека Тарковски веќе се согласил да премине во тимот на Њукасл, а преговорите со Лингард сеуште траат.