feature

Манчестер Јунајтед го сака Кунде од Севиља

Приоритет на Манчестер Јунајтед во летниот преоден рок ќе биде доведување на врвен дефанзивец. Откако стана јасно дека Упамекано ќе се пресели во Баерн Минхен, „црвените ѓаволи“ се насочија кон стоперот на Севиља, Жул Кунде. Менаџерот на „црвените ѓаволи“, Оле Гунер Солскјер останал воодушевен од квалитетите на 22-годишниот дефанзивец и ќе се обиде да го донесе на „Олд Трафорд“ на лето. Кунде има договор со Севиља до 2024 година со откупна клаузула од 82 милиони евра, па на Јунајтед нема да му биде лесно да го доведе, бидејќи и конкуренцијата е голема.


Сенси пак се повреди, ќе го пропушти Миланското дерби

Mиланското дерби кое се игра во недела ќе биде еден од најважните во последните десетина година бидејќи и двата тима се во игра за скудетото. На три дена пред натпреварот лоши вести пристигнуваа за тренерот на „нероаѕурите“ Антонио Конте. На тренинг натпреварот против екипа од Серија Д се повредил Стефано Сенси. Според информациите Сенси заработил повреда на мускулот и големо е прашањето дали ќе биде во протоколот за дербито. Повредите Сенси го мачеа и кога беше во Сасуоло, а таа пракса продолжува и во Интер. Од таа причина тој веќе пропушти шест натпревари во периодот од 24 октомври до 24 ноември 2020.


Тотенхем ја одреди цената за продажба на Хари Кејн

Тотенхем ќе побара 150 милиони фунти за потписот на Хари Кејн доколку се појави кандидат кој ќе сака да го купи. Ако некој ја плати бараната сума, тоа ќе биде нов трансфер рекорд на Островот и воедно трет најголем во светот по Нејмар (222 милиони евра) и Килијан Мбапе (180 милиони евра) во Пари Сен Жермен. Кејн договор со „мамузите“ до 2024 година и добива неделна плата од 200.000 фунти. Во април во 2020 година, медиумите ја објавија информацијата дека Тотенхем би сакал да добие најмалку 200 милиони фунти за Кејн. Сега таа сума е драстично намалена.


Барса го имала Мбапе в раце, но го избрала Дембеле

Синот на познатиот фудбалски агент Жосеп Марија Мингеа, откри дека Барселона во 2017 година била на чекор од реализација на трансферот на Килијан Мбапе.
На крајот сепак Каталонците се одлучиле да го купат Осман Дембеле, за кого платија 105 милиони евра.
„Тоа можам да го потврдам. Дури еден од директорите потврди, па ова не е никаква новост. Мојот татко ми соопшти дека Нејмар постигнал договор со ПСЖ и дека се сели во Париз. Тоа беше момент во кој поради бонус во договорот, Нејмар се уште немаше потврдено дека заминува. Барселона рече дека не сака да прави ништо додека Нејмар не си замине“, изјави синот на агентот.


Второ злато за Лара Гут-Бехрами на СП во Кортина

Швајцарската скијачка Лара Гут-Бехрами е новата светска шампионка во велеслалом. Таа денеска со време од 2:30.66 минути во двете трки успеа да се искачи на највисокото место на подиумот, оставајќи ја зад себе олимписката шампионка Микаела Шифрин. Американката заостана само две стотинки зад победничката.
Третото место и бронзата и припадна на Австријката Катарина Линсбергер со девет стотинки заостанување. По првото возење, Американката Микаела Шифрин беше прва, а нејзината сонародничка О’Брајан втора, но О’Брајан имаше лошо второ возење кое ја остави далеку од подиумот.


Животот на Сер Алекс Фергусон излегува на филмско платно

Животот на легендарниот менаџер на Манчестер Јунајтед, Сер Алекс Фергусон ќе биде прикажан на филмско платно во режија на неговиот син, а премиерата ќе ја има на Филмскиот фестивал во Глазгов.
Филмот гледачите ќе можат да го видат од 29. мај, а истиот го следи животот на трофејниот стручњак, но и деталите кои се однесуваат на неговиот најголем страв.
Шкотскиот тренер во еден момент призна дека стравуваше од губење на меморијата поради крварење на мозокот.
„Губењето на меморијата беше мој најголем страв кога доживеав крварење на мозокот во 2018. година.“ – вели Фергусон во филмот додавајќи дека во формирањето на ова остварување ги рекапитулира сите добри и лоши работи кои му се случиле во животот.
Фергусон во 2013. година ја заврши тренерската кариера по скоро три децении на клупата на Манчестер Јунајтед, каде ги испиша најславните страници во клупската историја.


Баерн во корона проблеми пред дуелот со Ајнтрахт

Фудбалерот на минхенски Баерн, Бенжамин Павар е позитивен на КОВИД-19 и се наоѓа во карантин, потврди европскиот и светски шампион.
Освојувачот на Мундијалот со репрезентацијата на Франција минатата недела го постигна победоносниот погодок против Тигрес во финалето на Светското клупско првенство, со што Баерн ги освои сите можни трофеи во сезоната.
За потсетување, непосредно пред финалето се зарази и Томас Милер, кој не можеше да настапи на тој одлучувачки натпревар.
Во меѓувреме, Павар во понеделникот беше на клупата за резервни играчи во ремито против Арминија Билефелд.
Неговото место покрај десната аут линија го презеде Буна Сар, но реално е да се очекува дека Ханси Флик за саботното дерби против Ајнтрахт ќе се одлучи за „универзалецот“ Џошуа Кимих.
Баерн претстојното 22. коло од Бундеслигата го дочекува со пет бода повеќе од второпласираниот Лајпциг.


Микел Хансен го напушта ПСЖ, изненади со изборот на нов клуб

Откако девет години настапуваше за ПСЖ, најдобриот ракометар на светот Микел Хансен се одлучи да ја напушти Франција.
Дански ТВ2 Спорт пишува дека легендарниот 33-годишен дански ракометар од летото 2022. година ќе биде член на Алборг, со кој потпиша договор на три години.
Со оглед на тоа што со најбогатиот клуб на светот не успеа да дојде до трофеј во Лигата на шампионите, единствената титула која му недостасува во богатата ризница, се очекуваше дека ќе го загуби трпението во Париз и дека ќе замине, но шокираше со одлуката за новиот клуб, бидејќи бројни стручњаци сметаа дека ќе се приклучи на некој од великаните со кој ќе тргне по долгоочекуваниот трофеј во Лигата на шампионите.
За Хансен, Алборг ќе биде петти клуб во кариерата по Гудме, Барселона, Копенхаген и ПСЖ. Хансен три пати беше прогласуван за најдобар ракометар на светот, а со Данска беше олимписки, европски и два пати светски првак.


Зидан ќе го наследи Пирло во Јуве?

Зинедин Зидан може да ја продолжи професионалната кариера во Италија, објавија медиумите во Шпанија. Истите тврдат дека Јувентус е заинтересиран за услугите на 48- годишниот француски тренер. Се вели дека претставници на клубот од Торино веќе стапиле во контакт со Зинедин Зидан. Да потсетиме, главен тренер на Јувентус е Андреа Пирло. Минатата сезона, Реал Мадрид под водство на Зидан стана шампион на Шпанија. Оваа сезона, клубот од Мадрид има 49 поени на 23 средби и е на второто место на табелата во Примера. Јувентус има 42 поени на 21 натпревар и е на четврто место на табелата што е разочарување за навивачите на оваа екипа.


Тодоров го одбра тимот кој ќе ја нападне Италија

По утринскиот тренинг, во поголема мерка шутерски, селекторот на нашиот сениорски национален состав, Александар Тодоров ги пополни оние 12. места кои ќе влезат во официјалниот записник за средбата со Италија. Тодоров имаше неколку дилеми, кои ги тргна непосредно по одработените 45. минути. Се одлучи на средбата со Италија која стартува од 15.30 часот (по македонско време), да им укаже доверба на следниве играчи:
Дамјан Робев, Андреј Митревски, Бојан Крстевски, Дамјан Стојановски, Кристијан Николов, Андреј Магдевски, Бојан Трајковски, Теодор Симиќ, Џејкоб Вајли, Војдан Стојановски, Ненад Димитријевиќ и Стојан Ѓуроски.
„По точно една недела од првиот собир, од денеска ја почнуваме серијата од четири натпревари во период од пет дена. За нас ова е прв натпревар по пауза од точно една година. Се надевам дека ќе покажеме дека можеме да се ‘носиме’ со најсилните европски репрезентации како што беше случај минатиот февруари против Русија. Но во исто време и да потврдиме дека мечот со Естонија на домашен терен беше само лош ден“ – вели Тодоров пред почетокот на „балонот“ во Перм.