feature

Румениге: Новата Лига на шампиони ќе биде поинтересна од сегашната

Претседателот на Управниот одбор на Баерн Минхен, Карл-Хајнц Румениге зборуваше за можна промена во форматот на Лигата на шампионите.
„Новата Лига на шампиони ќе биде многу позабавна и пожива од тековната групна фаза, која често е здодевна во последните кола. Moже да биде потешко да се стигне до плејофот. Кога станува збор за националните шампионати, тие секогаш ќе бидат многу ценети. Новата Лига на шампиони е само глазура на тортата, но вредноста на шампионатите нема да се промени. За италијанскиот навивач секогаш е важно како ќе заврши дербито на Милано или натпреварот со Јувентус“, вели Румениге.
Планирано е со новиот формат на Лигата на шампионите, екипите да не бидат поделени во групи, а турнирот да се одржи според швајцарскиот систем. Клубовите ќе одиграат најмалку 10 натпревари со различни противници (5 дома и 5 на гости). Можно е бројот на учесници во главната рунда да се зголеми од 32 на 36. Беше објавено дека сите асоцијации на УЕФА се согласуваат со новиот формат.


Светски шампион водел криминална група во Австралија!

Поранешниот олимписки пливач Скот Милер е уапсен поради обвинение за трговија со дрога, објави денеска полицијата во Австралија.
Полицијата заплени метамфетамин во износ од околу два милиони австралиски долари и го обвини дека ја водел криминалната група.
Покрај 45-годишниот Милер, уапсен е уште еден маж на возраст од 47. години.
Инспекторот Џон Вотсон изјави дека Милер беше главен во групата и дека останатите обвинети работеле по негова директива. Уапсените дистрибуирале дрога од Сиднеј во регионот Нов Јужен Велс.
„Ова не беше мала операција. Беа добро организирани и добро финансирани.“ – наведе Вотсон.
Милен е освојувач на сребрен медал во делфин на трката на 100 метри на Олимписките игри во Атланта во 1996. година, а беше член и на штафетата која беше бронзена.
Исто така, беше светски шампион на 100 метри во Рио де Жанеиро во 1995. година.


Барса и ПСЖ во дуелот со највисок влог во историјата!

Конечно дочекавме. По цели два месеци продолжуваат возбудувањата во Лигата на шампионите, а по скоро четири години повторно играат Барселона и ПСЖ. Сите добро се сеќаваме на тој 8. март и најголемиот пресврт во овој век, тие 6:1 на Барса, по 0:4 во Париз. Вечерва ПСЖ повторно е на Камп Ноу, без Нејмар и Ди Марија, а каталонците мечот ќе го дочекаат во најдобра форма сезонава, запишувајќи победа во последните седум натпревари. Сепак, најважна вест за навивачите на Барса е дека Жерар Пиќе вечерва ќе ризикува и ќе настапи најверојатно од првата минута. Остатокот од екипата се знае, Дест наверојатно ќе биде на десен бек, лево Алба, Бускетс, Де Јонг и Педри во средината, а во нападот е триото Дембеле, Меси и Гризман. ПСЖ веќе знаеме дека е без Нејмар и Ди Марија, Верати само што се опорави, па многумина веруваат дека Барса вечерва е голем фаворит. Вистина е тоа дека никој не можеше да издвои фаворит кога беше направена ждрепката пред два месеци, но Барса почна да игра многу подобро, а ПСЖ во меѓувреме го отпушти Тухел, Покетино е со екипата месец и половина и се уште ги „сложува“ коцките.


Свен Ботман е сонот на Клоп за решение во одбраната

Ливерпул во зимскиот преоден рок ги донесe Дејвид и Кабак, но турскиот репрезентативец е на позајмица од Шалке и најверојатно нема да биде откупен. Најголема желба на Клоп е дефанзивецот на Лил, Свен Ботман, кој се обиде да го донесе уште во зимскиот преоден рок. Станува збор за играч кој има 21 година. Ги помина сите младински категории на Ајакс, а една сезона помина на позајмица во Херенвен. Во Лил пристигна во јули 2020. година и уште во првата сезона е еден од клучните играчи на тимот. Денес француските медиуми пренесоа дека Лил постигнал договор со англиски клуб за продажба на Ботман за 45 милиони евра, но името на клубот не се открива. Сепак, англиските медиуми се сигурни дека станува збор за Ливерпул и дека Ботман ќе биде првото засилување за „црвените“ за следната сезона.


Тотенхем нема да го отпушти Жозе Мурињо

Жозе Мурињо најверојатно ќе продолжи да работи во Тотенхем и покрај поразите на неговата екипа на последните натпревари. Според одредени медиуми на Островот, лондонскиот клуб нема намера да му врачи отказ на португалскиот тренер. Покрај тоа, во договорот на Жозе Мурињо нема клаузула за раскин, што предвидува услови за разделба. Тотенхем претрпе четири порази на последните пет натпревари од англиската Премиер лига. По 23 натпревари, лондончани со 36 бода се наоѓаат на деветтото место на табелата и заостануваат со 3 бода од зоната за настап во европските натпреварувања. Исто така, Тотенхем неодамна испадна од ФА купот, загуби во осминафиналето од Евертон.


Арсенал и Давид Луиз заедно и следната сезона

Давид Луиз може да остане во Арсенал барем уште една сезона. Според „Индипендент“, „топџиите“ имаат намера да го обноват договорот со 33-годишниот фудбалер. Менаџерот на тимот, Микел Артета го цени влијанието на Бразилецот врз младите играчи. Луиз дојде во Арсенал летото 2019 година од Челзи, а пред тоа играше за ПСЖ и Бенфика. Минатото лето, клубот го обнови неговиот договор со него до 2021 година. Оваа сезона дефанзивецот учествуваше на 14 натпревари од англиската Премиер лига, доби 1 жолт и 1 црвен картон. Арсенал со победата над Лидс Јунајтед има 34 бода по 24 кола и се наоѓа на десетто место во Премиер лигата.


Карвахал го чека нова долга пауза, Зидан со нови проблеми во тимот

Познат е приближниот тајмингот за закрепнување на дефанзивецот на Реал Мадрид, Даниел Карвахал по уште една повреда добиена на мечот од 23. коло од Шпанскиот шампионат против Валенсија. Според „Мундо Депортиво“, фудбалерот може да се врати на теренот за реваншот од осминафиналето во Лигата на шампионите на УЕФА со Аталанта, што ќе се одигра на 16 март. Карвахал се појави на теренот на вчерашниот натпревар, првпат од почетокот на јануари. Фудбалерот на Реал Мадрид оваа сезона веќе пропушти 19 натпревари поради повреда. Во сезоната 2020/2021, Даниел Карвахал влезе на теренот на 11 натпревари за Реал Мадрид во сите натпреварувања и имаше две асистенции. Реал Мадрид по 23 кола има 49 поени и се наоѓа на второто место на табелата зад лидерот Атлетико Мадрид кој има 54 бода.


Лапорт е сонот на Перез за замена на Рамос

Францускиот дефанзивец од екипата на Манчестер Сити, Емерик Лапорт може да се пресели во Реал Мадрид.
Според изворот, Реал Мадрид на 26-годишниот дефанзивец гледаат како потенцијална замена за Серхио Рамос, со кого клубот сè уште не договорил продолжување на договорот. Договорот на Рамос со Реал Мадрид ќе заврши во летото 2021 година.
Лапорт оваа сезона одигра 14 натпревари во сите натпреварувања на кои постигна гол и заработи три жолти картони. Неговата вредност во моментов се проценува на 60 милиони евра.


Венгер жали што Арсенал не го ангажира Варди

Арсен Венгер имаше многу неостварени желби во својата етапа како менаџер, a посебно жали што не го ангажирал Џејми Варди.
Искусниот француски стручњак силно притискаше за голгетерот откако Лестер ја освои историската титула во Премиер лигата, па иако се веруваше дека трансферот е блиску до реализација, Џејми на крајот одлучи да остане верен на „лисиците“ и дене денеска е еден од омилените напаѓачи во англиската елита кај неутралните фанови, не само поради квалитетот, туку и поради патот кој го изоде за да дојде до најсилното друштво.
„Варди е феноменален, тој секогаш е во игра, изгледа дека никогаш не е надвор од натпреварот и тоа не го може секој. Големите напаѓачи кои мене отсекогаш ми се допаѓале, знаат дека во единствен момент можат да постигнат гол. Тоа им дозволува да имаа верба во себе и кога ќе пропуштат голема шанса претходно“, вели Венгер.


УЕФА го „сели“ Ливерпул од Енфилд?!

Коронавирусот повторно влијае на развојот на Лигата на шампиони, па така Ливерпул би можел да го одигра и реваншот против Лајпциг на неутрален терен.
Првиот меч се игра во Будимпешта поради појавата на новиот сој на коронавирус, а УЕФА сега бара од Ливерпул да ја разгледа идејата и реваншот да се игра на неутрален терен.
Причина за тоа е строгиот закон во Германија по кој сите патници од Англија мораат во двенеделен карантин, во превод, комплетниот тим и стручен штаб на Лајпциг по враќањето од Ливерпул би морале во изолација.
Германските медиуми пишуваат дека е доста веројатно Лајпциг двата натпревари да ги игра на неутрален терен, но дека англискиот тим ќе биде парично компензиран за „селењето“ од Енфилд.
Првиот меч во Будимпешта се игра утре, а реваншот е на 10. март.