Хјун-Мин Сон, најверојатно ќе потпише нов договор со Тотенхем во текот на летото. 28-годишниот Кореец во континуитет покажува блескави партии во дресот на „петлите“, а клубот сака да го ангажира на подолг период. Тој во досегашниот дел од сезоната има постигнато 17 голови и направено 12 асистенции во сите натпреварувања или неговиот вкупен ефект е 102 гола и 59 асистенции на 262 меча.Тековниот договор Мин Сон е валиден до јуни во 2023 година.
Швајцарката Гут-Бехмари прва освои злато на алпскиот Мундијал
Лара Гут-Бехрами од Швајцарија победи во денешната трка во Супер- Џи на Светското првенство во алпско скијање што се одржува во италијанското зимско одморалиште – Кортина Д’Ампецо. Таа оствари време од 1:25.51 минута или за 34 стотинки побрзо од сонародничката, Корин Зутер, која го обезбеди сребрениот медал. Бронзата и припадна на Американката Микаела Шифрин. Трумфот на Гут-Бехрами и го донесе првиот медал на Швајцарија на Светските првенства по пауза од цели 20 години или конкретно по успехот на Соња Неф во 2001 година кога победи во Ст. Морис во трката во велеслалом.
Јуве и Атлетико преговараат за откуп на Алваро Мората
Јувентус започна преговори со Атлетико Мадрид за откуп на Алваро Мората, пренесуваат италијанските медиуми. Во моментов Мората игра како позајмен фудбалер во Јувентус кој има опција да го откупи договорот за 45 милиони евра. Во клубот се задоволни од напаѓачот кој оваа сезона постигна 13 гола на 20 натпревари. Поради тоа „старата дама“ сака да го задржи Мората во своите редови, но ќе се обиде да формулира нов договор со Атлетико. Јувентус сака да ја продолжи позајмицата за уште една година, за што ќе му платат 10 милиони на Атлетико, а потоа во 2022 година задолжително да го откупат за 35 милиони евра.
Тухел го носи Боатенг на „Стемфорд бриџ“
Новиот тренер на фудбалерите на Челзи, Томас Тухел, планира да го ангажира играчот на Баерн Минхен, Жером Боатенг, кој во текот на летото ќе ја заврши соработката со Баварскиот состав. Доколку трансферот се реализира, германскиот интернационалец по втор пат ќе има шанса да се појави во најсилниот шампионат на Англија. Ќе потсетиме дека црномурестиот фудбалер во периодот од 2010 до 2011 година го носеше дресот на Манчестер Сити.
Манчестер Сити купува ѕвезда на Флуминензе
Фудбалерот на бразилски Флуминензе, Каики, по се изгледа кариерата ќе ја продолжи во Премиер лигата. Според одредени наводи, Манчестер Сити е близу до купување на 17-годишниот фудбалер. Првично, „граѓаните“ ќе платат 10 милиони евра а земајќи ги в предвид бонусите износот на целиот трансфер може да порасне на 17 милиони. Според објавеното, младиот Бразилец во 2022 година, ќе му се приклучи на младинскиот тим на Манчестер Сити откако ќе биде зваршена целата процедура околу работната дозвола.
Тодоров оптимист пред „балонот“ во Перм
Селекторот на нашата машка сениорска репрезентација, Александар Тодоров пред стартот на февруарскиот ФИБА “прозорец“ и завршниот турнир од квалификациите за Евробаскетот 2022 ги сподели своите очекувања за она што нашиот национален тим го чека во Перм. Четири квалификациски натпревари во пет дена во кои ќе падне одлуката кои три селекции од групата Б ќе бидат учесници на Евробаскетот. На распоред е третиот и последен дел од квалификациите, и најтешкиот, ако се земе в предвид дека нè чекаат четири натпревари на турнирот во Перм? „Дефинитивно најтежок, бидејќи четири натпревари во пет дена се навистина огромен напор за било кој спортист, не само за еден кошаркар. Но тоа е што е, ФИБА така проценила, наше е да се подготвиме и да направиме не само тактика, туку и стратегија како да настапиме на овие четири средби во Перм“. Како за така кратко време да се подготви тимот за напорите кои ги носи турнирскиот систем на натпревари? „Специјална физичка подготовка на тимот во период од седум дена колку што имаме до првиот натпревар, од кои само последните два тренинзи ќе сме комплетни, е невозможна. Она на кое можеме ние, како стручен штаб да влијаеме, е процесот на ‘рекуперација’, каде имам огромна доверба во знаењата на нашиот медицински штаб и на кондициониот тренер Ерен Ханѓун. Како и она што го истакнав, да подготвиме соодветна стратегија како да настапиме на овие средби“. Првиот натпревар во Перм, Македонија го игра в недела од 15:00 часот против Италија.
Формула 1 размислува за воведување на „спринт“ трки?
Раководството на Формула 1 утре ќе го разгледува предлогот за воведување на кратки спринт трки, со цел да се донесе дополнително возбудување во натпреварувањето. Новиот систем ецлосно би ги променил случувањата во текот на викендите, кога се возат тренинзи, квалификации и на крајот самата трка. Предлогот е во петок да се возат квалификации, а во сабота кратки спринт трки. Осумте првопласирани во спринт би добиле приближно половина од бодовите кои се доделуваат за самата трка. Спринтот би бил долг околу 100 километри, што е околу една третина од должината на една регуларна трка. Квалификациите за спринт би се одржувале наместо вториот официјален тренинг, кој е во петок попладне или навечер. Тој план е последен во низата обиди за воведување на спринт трка во некој облик. Потребни се 28 од вкупно 30 гласови, а управното тело на ФИА, носителите на комерцијални права и самите тимови имаат по 10 претставници. Доколку се усвои планот, оваа година Канада, Итаилја и Бразил би биле домаќини на новиот систем, а од наредната истиот би се користел уште повеќе.
Годинава игра одлично, а на крајот од 2021. оди во затвор?!
Минесота не ја започна својата НБА сезона баш најдобро, имаат скор од 6-18, а прашање е каква ќе биде атмосферата по официјалната одлука на судот во Минесота, бидејќи Малик Бизли е осуден на 120 дена затвор! Бизли беше уапсен во октомври под обвинение за насилство. НБА играчот извадил оружје на фамилија која се приближувала кон неговиот дом за време на прослава. По апсењето, во куќата е пронајден околу еден килограм марихуана. Кошаркарот ја призна вината за обвинението за насилство, додека обвинението за дрога беше отфрлено. Малик ќе ги отслужи своите 120 дена затвор по крајот на сезоната. Поранешниот играч на Денвер има одлична сезона на индивидуален план, просечно бележи 20,5 поени, 5,2 скокови и 2,5 асистенции по натпревар.
Ангеловски повика 20 фудбалери за тренинг кампот во Скопје
Селекторот на македонската репрезентација, Игор Ангеловски и неговиот стручен штаб ќе организираат мини тренинг камп на кои се повикани фудбалери од домашниот шампионат и неколкумина од странство кои добија дозвола од клубовите да бидат дел од претстојниот тренинг камп. На тренинг кампот од 15 до 17 февруари се повикани 20 фудбалери, а ќе биде одигран контролен натпревар против Работнички. Селекторот Игор Ангеловски прати повик до следните фудбалери: Голмани: Ристо Јанков (Работнички), Костадин Захов (Шкендија) Одбрана: Филип Најдовски (Тирана, Албанија), Томе Китановски (Македонија Ѓ.П.), Коста Манев (Академија Пандев), Есмин Личина (Македонија Ѓ.П.), Фатих Исмаили (Шкупи), Блертон Шеји (Струга Трим Љум), Ангелче Тимовски (Силекс) Среден ред: Енур Тотре (Шкендија), Ѓорги Стоилов (Академија Пандев), Марјан Радески (Академија Пандев), Матеј Цветановски (Шкупи), Агон Елези (Вараждин), Али Адем (Шкупи), Лука Станковски (Работнички) Напад: Марко Ѓорѓиевски (Раднички Пирот, Србија), Џемал Ибиши (Дубрава, Хрватска), Дашмир Елези (Шкендија), Љупчо Дориев (Шкендија).
Француски клуб погоден од британскиот сој на коронавирусот
Францускиот фудбалски второлигаш, Шамбли Оисе е погоден од британскиот сој на коронавирусот, објави клубот. Клубот од северот на Франција објави дека девет фудбалери, три членови на стручниот штаб и еден на управата се позитивни на британската варијанта на КОВИД-19. „Британскиот сој на коронавирусот и понатаму силно го погодува Шамбли. Потсетуваме, а тоа и го гледаме, оваа варијанта е многу заразна.“ – објави клубот додавајќи: „Нашиот клуб ги презеде сите потребни мерки, а новите тестирања ќе бидат направени пред наредниот натпревар кој е закажан за сабота против Клермонт.“ Претходно неделава, школо во париското предградие Обоне беше привремено затворено по откривањето на јужноафриканска варијанта на КОВИД-19. Се смета дека овие варијанти се со поголема преносивост и ќе придонесат кон влошување на епидемиолошката ситуација на подрачјата каде се откриени.