Нојер ќе застане на голот на Баерн по репрезентативната пауза
Голманот на Баерн Минхен, Мануел Нојер, во петокот продолжи со тренинзите со трчање. Тој направи неколку обиколки на еден од полигоните на Баварците.
Закрепнувањето на голманот се одвива според планот и се очекува тој да биде подготвен за настап по паузата за репрезентативните натпревари, кога Баварците ќе се соочат со Сент Паули, пишува „Билд“.
Нојер се повреди на првиот осминафинален натпревар од Лигата на шампионите против Баер Леверкузен. Тој доживеа истегнување на мускулот додека го прославуваше голот на Џамал Мусиала против „фамацевтите“.
Се очекува голманот да биде на располагање за четвртфиналните натпревари со Интер во Лигата на шампионите, како и за претстојната пресметка со Борусија Дортмунд.
Во негово отсуство, голот на Баерн го брани Јонас Урбих, кој дојде во клубот изминатата зима.
Нејмар отпадна од списокот на Доривал Јуниор, дополнително повикан Ендрик
Бразилската суперѕвезда Нејмар е изоставен од националниот тим за претстојните квалификации за Светското првенство против Аргентина и Колумбија. Напаѓачот беше повикан од тренерот Доривал Јуниор, но нема да биде дел од селекцијата на Бразил за да може да се опорави од повредата.
„Имавме долги разговори. Сите знаат колку сакав да се вратам во репрезентацијата, но дојдовме до консензус дека не треба да ризикуваме, туку да се подготвам уште подобро за целосно да се ослободам од повредите. Ова е дел од процесот. Им благодарам на сите што ми испратија пораки за поддршка“, напиша Нејмар на социјалните мрежи.
Наместо тоа, во репрезентацијата на Бразил беше повикан Ендрик од Реал Мадрид. Останатите промени го вклучуваат голманот на Лион, Лукас Пери и дефанзивецот на Фламенго, Алекс Сандро. Тие ги заземаат местата на Едерсон од Ливерпул и Данило од Фламенго. Нејмар нема играно за Бразил од 18 октомври 2023 година.
Леброн ги повреди препоните и ќе паузира една недела
Се очекува кошаркарот на Лос Анџелес Лејкерс, Леброн Џејмс да пропушти уште една недела од регуларниот дел од сезоната.
Ѕвездата на ЛА Лејкерси продолжува да се опоравува од истегнување на препоните што го имаше на 9 март на натпреварот против Бостон, пренесуваат медиумите во САД. Првично беше објавено дека Леброн Џејмс ќе отсуствува од терените 1 до 2 недели.
Во својата 22-ра сезона во НБА , 40-годишниот Џејмс има просек од 25,0 поени со 51,7 проценти шут, 8,5 асистенции и 8,2 скока по натпревар.
Тадиќ од јуни се враќа во Ајакс
Душан Тадиќ потпиша договор со Ајакс и ќе се врати во Холандија, пренесуваат турските медиуми. Поранешниот српски репрезентативец по две години се враќа во Амстердам, тврдат овие извори.
По елиминацијата на Фенербахче од Лига Европа и промашениот пенал на Тадиќ, навивачите го критикуваа исто како и целиот тим. Српскиот играч за врска по се изгледа одлучи дека најдобар потег е враќањето во Ајакс.
Тадиќ имаше понуда од Фенербахче да го продолжи договорот и се чинеше дека ќе ја прифати понудата. Но откако по промашениот пенал од лутите навивачи доби пораки дека е „најдобро да не се враќа во Истанбул“, по се изгледа дека решил да ја прифати понудата од поранешниот клуб.
Доколку тврдењата на турските медиуми се точни, Тадиќ по две години ќе се врати на арената Јохан Кројф, каде што играше од 2018 до 2023 година.
Маркез ќе тргне од пол-позицијата во Аргентина
Возачот на Дукати, Марк Маркез, ја освои пол-позицијата пред ГН на Аргентина, втората трка од овогодинешниот шампионат во Мото ГП.
Осумкратниот светски првак уште од почетокот на акцијата ги поместуваше границите на патеката „Термас де Рио Ондо“, а на пат до втората пол-позиција сезонава, постави нов рекорд, 1:36.917 минути.
Исто како и пред две недели во Тајланд, најблиску до него беше неговиот помлад брат, Алекс, возач на Гресини Дукати, кој заостануваше 246 илјадитинки. На браќата Маркез во првиот стартен ред им се приклучи сензационалниот Жоан Зарко на ЛЦР Хонда.
Вториот стартен ред го заврши Фабио ди Џанантонио од тимот БР46, следен од Фабио Квартаро на Јамаха и тимскиот колега Франко Морбидели. Меѓу првите десет се најдоа Марко Бецеки од Априлија и фабричкиот возач на Хонда Жоан Мир.
Спринт трката во Аргентина е закажана за 19 часот, додека Големата награда е закажана за во недела во истиот термин.
Беса и Тиквеш ги изненадија фаворитите Струга и Гостивар
Силекс ја оправда фаворитската улога против АП Брера и со победата во Струмица ја намали предноста на лидерот Шкендија на два бода. За разлика од Силекс, Работнички и Гостивар кикснаа против екипите од долниот дел на табелата.
Силекс со два гола во последните20 минути ја победи Брера со 2-0. Марко Ѓорѓиевски во 69.минута го отвори резултатот, а победата на екипата од Кратово ја потврди Алиќ во 80.минута.
Работнички во Охрид, кај Воска спорт имаше предност од 14. минута со голот на Гандо. И кога се очекуваше крај на натпреварот, Осеи во 94.минута ги шокира „романтичарите“.
Тиквеш го победи Гостивар во Кавадарци со 2-1, со головите на Берат Садик во 15.минута од пенал и Александар Варселовски зголеми на 2-0 во 58.минута од дуелот.
Пелистер, со играч помалку, го изненади Шкупи на Чаир и славеше со 0-1. Стрелец на победничкиот гол беше Александар Ристевски во 74. минута.
Беса оствари триумф над актуелниот првак Струга со 3-2. Стружани поведоа со голот на Папе Јаре Фал во 11. минута, а потоа си дозволи три гола во својата мрежа. Стрелци за Беса беа Шефит Шефити, Меџит Незири и Ремзифаик Селмани. Во финишот, Струга постигна и втор погодок преку Христијан Малески.
Милан пак победи со пресврт, Комо поведе и загуби на „Сан Сиро“
Фудбалерите на Милан успеаја да врзат две победи. Како и во минатата рунда, Милан победи по пресврт. Во минатото коло родосонерите победија во Лече, а вечерва на домашен терен го совладаа Комо до 2-1.
По израмнетото прво полувреме, Комо успеа да замине на пауза со гол предност. Гостите поведоа преку Да Куња, кој му донесе водство на својот тим во 33. минута, со удар со левата нога од околу 18 метри.
Милан делуваше безопасно и загуби во првиот дел од натпреварот, па беше вистински благослов што не примија уште еден гол. Се радуваа и играчите на Ком во 49. минута. Да Куња повторно беше стрелец, но по ВАР проверка голот беше поништен поради милиметарски офсајд.
Казната Комо го стигна две минути подцна. Леао и Рејндерс комбинираа, а нивната акција во гол ја претвори Кристијан Пулишиќ. Овој гол како да им даде „крилја“ на фудбалерите на Милан. Тие успеаја целосно да го свртат резултатот, а Рејндерс го постигна вториот гол во 75. минута од натпреварот.
Рејндерс можеше да стави точка на натпреварот во 85. минута, шутираше дијагонално од левата страна, а топката заврши крај голот.
На крајот, Комо во последната минута остана со играч помалку на теренот. Деле Али беше исклучен поради груб фаул, кој влезе во игра само девет минути порано на местото на стрелецот на Комо, Да Куња. Инаку, претходно црвен картон доби и тренерот на Комо, Сеск Фабрегас.
Во следното коло Милан игра против Наполи, додека Комо ќе го пречека Емполи.
Лајпциг ја продлабочи кризата на Борусија Дортмунд и Ковач
Лајпциг на домашен терен ја совлада Борусија Дортмунд со 2-0, во дерби натпреварот одигран во 26. коло од Бундес лигата.
Лајпциг поведе во првото полувреме и ја потврди победата во вториот дел од натпреварот. Борусија имаше иницијатива, но не успеа да ги материјализира шансите.
Домашните поведоа во 18. минута, кога Чави Симонс погоди на асистенција на Бенџамин Шешко за 1-0.
Победата ја потврди Лоис Опенда во 48. минута, на кого му асистираше стрелецот на првиот гол, Симонс.
Лајпциг е на петтото место во Бундеслигата со 42 бода, додека Борусија е на 11. место со 35.
Во наредната рунда, по репрезентативната пауза, Лајпциг ќе гостува во Менхенгладбах, додека Борусија Дортмунд ќе го пречека Мајнц.
Избрани новите членови на Управниот одбор, ФФМ доби и два потпретседатели
По редовното Изборно собрание на кое едногласно беше изгласан Масар Омегариќ за четиригодишен мандат како претседател, се одржа и седница на Управниот одбор.
На неа беа утврдени и потврдени предлозите за новите членови. Четиринаесет претставници од различни општински сојузи добија доверба и мандат во Управниот одбор на новото раководство на ФФМ.
Исто така, Управниот одбор ја поддржа идејата и изгласа два потпретседатели на ФФМ, а тоа ќе бидат Марјанчо Стојкоски од ОФС Прилеп и Џевад Дибрани од ОФС Струга.
Омерагиќ прв човек на мак-фудбалот до 2029 година
Масар Омерагиќ беше единствен кандидат и едногласно и со акламација беше избран од највисокото тело на ФФМ за претседател на Фудбалската федерација на Македонија.
Во продолжение, говорот на првиот човек на македонскиот фудбал откако ја доби довербата од делегатите на Изборното Собрание на ФФМ.
Масар Омерагиќ – претседател на ФФМ:
„Не сме овде само да зборуваме за проблемите од минатото – туку да погледнеме напред, кон новата визија и стратегија за македонскиот фудбал. Фудбалската федерација на Македонија има обврска да постави јасен правец, да создаде систем кој ќе гарантира долгорочен развој и да ја врати довербата кај сите што се дел од овој спорт.
Нашата визија е јасна: Силен, организиран и конкурентен македонски фудбал на сите нивоа.
Младински категории кои ќе бидат столбот на идните успеси;
Современа инфраструктура која ќе им овозможи на фудбалерите да напредуваат;
Федерација која работи транспарентно, професионално и во интерес на фудбалот;
Работиме на нова генерална стратегија: План за иднината!
Без силни млади категории, нема иднина. Ќе вложуваме во подобри услови за тренинг, селекција на таленти и едукација на тренери. Нашата цел е да создадеме млади фудбалери кои повторно ќе бидат конкурентни во европските квалификации.
Во таа насока, една од битните работи е создавањето на скаутинг систем во рамки на нашата федерација кои ќе има единствена цел – македонските таленти од странство да имаат еден избор – дресот на Македонија.
Подобрување на инфраструктурата
Фудбалот не може да напредува без квалитетни терени. Ќе инвестирамево изградба и модернизација на терените ширум Македонија и тренинг-центри, со реални проекти и јасна финансиска стратегија.
Финансиска стабилност и транспарентност
Секој денар во федерацијата ќе биде инвестиран во вистински проекти. Заврши времето на непродуктивно трошење – парите ќе одат таму каде што се најпотребни. На оваа позиција доаѓам како поранешен фудбалер и успешен бизнисмен, фудбалот доволно ми има дадено, време е да му вратиме за добро на сите.
Поддршка за клубовите
Клубовите се крвотокот на фудбалот. Новата стратегија предвидува конкретни програми за финансиска и стручна помош, за да им помогнеме да растат и напредуваат. Да бидат конкурентни во Европските натпреварувања или барем на повисоко ниво од тоа што денеска го имаме.
Унапредување на меѓучовечките односи и професионализација
Федерацијата мора да биде модел на професионалност, транспарентност и ефикасност. Ќе градиме култура на соработка, почит и јасни одговорности.
Фудбалската федерација ќе обезбеди целосна логистичка, стручна и финансиска поддршка за двете најважни селекции – А репрезентацијата и репрезентацијата до 21 година. Впрочем, за нас ќе бидат важни селекциите од најмала возраст до најдобрата репрезентација.
А репрезентацијата е лицето на македонскиот фудбал, нашиот најголем амбасадор на меѓународната сцена. Ќе направиме сè за да имаат најдобри услови за подготовкии поддршка за големи натпреварувања.
Селекцијата до 21 година е нашата иднина – тие се играчите што ќе ја предводат А репрезентацијата во годините што доаѓаат.
Затоа, ќе вложуваме во нивниот развој, ќе им обезбедиме врвни услови за тренинг, подобра координација со клубовите и можности за меѓународни искуства.
Многу важен дел од новата Стратегија ќе биде целосната реформа во структурата на Општинските фудбалски Сојузи и реформа на организациската структура на Фудбалската федерација на Македонија.
Оваа исклучително битна реформа во Општинските фудбалски Сојузи ќе ја работиме во соработка и целосен мониторинг на УЕФА. Со проверка на легитимитет на клубовите кои настапуваат во Општинските фудбалски Сојузи ќе го утврдиме и легитимитетот на самите Општински Сојузи. Мораме да имаме јасна слика за тоа кои клубови учествуваат во организираниот систем на Општинските Сојузи, а потоа и во натпреварување на ФФМ.
Ова не е само моја визија – ова е наша заедничка мисија. Само со чесна работа и со јасен план, можеме да го издигнеме македонскиот фудбал на ниво кое сите го посакуваме.