feature

Њукасл ќе испрати понуда за Рафиња од Барселона

Англискиот состав Њукасл може да испрати понуда за играчот на Барселона, Рафиња, откако Каталонците најавија дека сакаат да се ослободат од 27-годишниот репрезентативец на „кариоките“.

Рафиња кој беше купен од Лидс во 2022 година за големи 58 милиони евра, за шпанскиот состав одигра 69 натпревари со ефект од 14 голови и 19 асистенции.

Во исто време се појавија шпекулации дека Рафиња е интересен и за екипите од Саудиска Арабија.


Аргентинецот Вилдоза мора на операција на коленото

BASKET LEAGUE / ΠΑΝΑΘΗΝΑΪΚΟΣ – ΛΑΥΡΙΟ (ΧΟΥΖΟΥΡΗΣ ΜΑΡΚΟΣ / EUROKINISSI)

Кошаркарот на Панатинаикос, Лука Вилдоза ќе мора да го оперира коленото на левата нога. Аргентинец тешко се повреди на натпреварот од грчкиот шампионат против Перистери, објави клубот од Атина на својата официјална веб-страница.

Вилдоза го скинал надворешниот дел од менискусот на левата нога. Како што соопштија од грчкиот клуб тој во вторник ќе биде опериран.

Од клубот не соопштија колку долго Аргентинецот ќе мора да паузира, но првите претпоставки на грчките медиуми се дека Вилдоза ќе биде надвор од терените најмалку два месеци.

Вилдоза во Евролигата има просек од 6,8 поени, 1,7 скока и 1,7 асистенции на 18 натпревари, а во грчката лига на 11 натпревари има просек од 8,5 поени, 1,4 скока и 2,8 асистенции.


Тодор Тодоровски потпиша за Поли Јаши од Романија

Тодор Тодороски, 24-годишниот македонски репрезентативец кој игра на позицијата десен бек, ќе има нов клуб во својата кариера.

Станува збор за романската екипа на Поли Јаши, која моментно е на 14 позиција со 23 бодови. Оваа информација ексклузивно ја пренесува романскиот портал „digisport.ro“, Тодороски потпиша договор на две години со Поли Јаши.

Сезонава имаше само пет настапи во најсилното унгарско фудбалско првенство во дресот на Залаегерсег.

На клупски план беше дел и од скопски Металург, Вардар, Осиек, Шибеник, Раднички Ниш, Серед и Сумгајит.

За најдобрата македонска репрезентација од 2021 година има до сега шест настапи.


Тренерот на Сао Паоло е нов селектор на Бразил

Доривал Јуниор е новиот селектор на Бразил, потврди Сао Паоло, клубот со кој искусниот стручњак го раскина договорот.

Нашиот клуб го најавува заминувањето на тренерот Доривал Јуниор, кој побара раскин на договорот за да ја преземе бразилската репрезентација“, беше објавено на сајтот на Сао Паоло. Се очекува официјално соопштение од бразилскиот фудбалски сојуз и објавување на деталите од договорот, кој според медиумите ќе биде потпишан до летото 2026 година.

ФС Бразил го отпушти Фердинанд Диниз поради лошите резултати на тимот во претходните месеци.

По шест одиграни кола во квалификациите за Светското првенство, Бразил освои само седум бода и е на шестото место, последно кое гарантира директна виза за СП во 2026 година.

Доривал Јуниор во својата богата тренерска кариера ги предводеше речиси сите бразилски гиганти – Фламенго, Палмеирас, Сантос, Флуминенсе, Васко де Гама, Крузеиро, Интернационал…


Пекелер замина во репрезентативна пензија

Кружниот напаѓач на Кил, Хендрик Пекелер, официјално ќе стави крај на репрезентативната кариера.

Пекелер нема да игра на претстојното Европско првенство, а ќе се збогува со бундес тимот на вториот пријателски натпревар со Португалија.

Во моментов е член на Кил, а во претходно играше за три бундеслигашки клуба – Бергишер, Лемго и Рајн Некар Левен.

Селекторот Алфред Гисласон на линијата од шест метри ги има на располагање Гола, Колбахер и Фишер.


Савиќ по осум години заминува од Мадрид

Црногорскиот фудбалер Стефан Савиќ по осум успешни години е пред заминување од Атлетико. Поранешниот играч на Партизан, Манчестер сити и Фиорентина оваа сезона падна во втор план кај тренерот Чоло Симеоне и одигра само 972 минути во сите натпреварувања.

Турските медиуми пишуваат дека Фенербахче инсистира на трансферот на официјално најдобриот црногорскиот фудббалер во 2023 година.

Дека Атлетико е подготвен да се раздели со Савиќ покажува и податокот дека клубот за него нема да бара обесштетување.


Крис Пол заработи скршеница на раката, го чека нова пауза од терените

Кошаркарот Крис Пол и во минатото имаше скршеници кои го оддалечуваа од НБА паркетите, но најновата скршеница на раката беше навистина чудна.

Во една ситуација кога изгледаше навистина безопасна, Крис Пол само се фати за раката по дуелот со Ајви и без да бара дозвола веднаш замина кон соблекувалната.

По крајот на мечот кој заврши 113-109 за жал пристигна потврда дека станува збор за фрактура на левата рака, па најверојатно Пол ќе мора да мине низ нова операција.


Перковац без Шарац и Мандиќ на ЕП во Германија

Репрезентацијата на Хрватска непосредно пред ракометното Европско првенство остана без две имиња во ростерот.

Селекторот Горан Перковац е принуден на измени, бидејќи од комбинација за настап отпаднаа Давид Мандиќ и Јосип Шарац.

Крилото на загрепчани имаше запазена улога во репрезентацијата, па тоа е веројатно поголем удар за Хрватите, додека Шарац беше дел од ротацијата во бековската линија.

Хрватите на Европското првенство ќе играат во група со Шпанија, Австрија и Романија.


Грецки се повреди, нема да настапи на ЕП во ракомет

Домаќинот на Европското првенство во ракомет Германија, остана без еден од најискусните ракометари во тимот.

Десното крило Патрик Грецки, кој беше дел од репрезентацијата што стана шампион на ЕП 2016, нема да настапи на овој континентален собир.

Тој на дуелот со Португалија ја обнови повредата на стопалото и за жал нема да им помогне на своите соиграчи.


Велшки Кардиф се вклучи во трката по Барди

Кардиф, кој се натпреварува во Чемпионшип, би можел да биде нова дестинација на македонскиот репрезентативец Енис Барди.

Како што стојат работите, Барди оваа зима најверојатно ќе го напушти Трабзонспор со оглед на тоа дека е ставен на трансфер листата.

Опцијата која се споменува во турските и островските медиуми е дека Кардиф ќе го доведе Барди на позајмица до крајот на сезоната, но не е познато дали би постоела клазула за обврска за откуп.Во овој момент тренер на Кардиф е турскиот стратег Ерол Булут.

Се поврзуваше Барди и со Унион Берлин од Бундеслигата, но од тоа веројатно нема да има ништо.