feature

Грабеж во домот на поранешниот напаѓач Кевин Курањи

Засега непознати лица ја ограбиле куќата на поранешниот германски фудбалски репрезентативец Кевин Курањи, објави денеска весникот Билд.

Според истиот извор, Курањи минатиот петок се вратил во својот дом во Штутгарт околу 22:40 часот и утврдил дека неговата куќа била провалена од крадци кои во тој момент сè уште се наоѓале во објектот.

Разбојниците успеале да побегнат, при што украле пари, накит и неколку чанти. Вкупната штета изнесува околу 150.000 евра.

Кевин Курањи во својата кариера настапуваше за Штутгарт, Шалке 04, Динамо Москва и Хофенхајм, постигнувајќи 171 голови на 431 натпревар. За Германија забележа 52 настапи и 19 голови, ред да ја заврши кариерата во 2017 година.


Конте планира осум засилувања за Наполи ова лето

Наполи има намера да ангажира осум нови фудбалери во текот на летниот преоден рок, објави денеска новинарот Никола Шира на социјалните мрежи.

Според италијанскиот новинар, клубот од Неапол планира да се засили со нов голман, бек, двајца централни дефанзивци, играч од средниот ред, еден или двајца крилни играчи на местото на Хвича Кварацхелија, кој се пресели во ПСЖ, како и напаѓач на местото на Ромелу Лукаку.

Наполи е второпласиран на табелата во Серија А со 61 бодови, три помалку од лидерот Интер.


Стадионот на Атлетико ќе биде домаќин на финалето на ЛШ во 2027 година

Стадионот на шпанскиот Атлетико Мадрид „Ванда Метрополитано“ ќе биде домаќин на финалето на Лигата на шампионите на УЕФА за сезоната 2026/2027.

Информацијата ја потврди претседателот на шпанската фудбалска федерација, Рафаел Лузан, и ја објави „Марка“.

„Оваа година, Билбао ќе го угости финалето на Лига Европа на ‘Сан Мамес’, а ние исто така имаме обезбеденo финалето на Лигата на шампионите на УЕФА во 2027 година во Мадрид на стадионот ‘Метрополитано’. Ќе се стремиме да организираме и уште едно европско финале во Севиља, бидејќи имаме одлична инфраструктура за успешна организација на вакви настани“, објаснува Лоузан.


Црвена Звезда го враќа Мициќ во Евролигата

Српскиот кошаркар Василије Мициќ наводно има понуда од Црвена звезда, пишуваат европските медиуми.

Иако е тешко да се замисли, споменатиот извор тврди дека тимот од „Мал Калемегдан“ на искусниот плејмејкер му понудил дури 4,2 милиони годишно за неговите услуги.

Мициќ играше за црвено-белите во периодот од 2014 до 2016 година, а сега сакаат да го вратат во Белград како би нападнале Ф4 во Евролигата.


Словенецот Влах потпиша за Киелце

По двомечот со Македонија словенечкиот ракометар Алекс Влах во кој постигна вкупно 17 гола и на двата дуели беше најдобар стрелец, 27-годишниот бек заминува од Алборг затоа што потпиша договор со полски Киелце.

Алборг му излегол во пресрет на Влах и го ослободил една година порано, двете страни имаа договор до 2026 година. Играчот настапуваше за данскиот тим од 2023 година, а претходно беше дел од словенечките Целје и Копер, како и хрватски Загреб.

Влах за репрезентацијата на Словенија игра од 2017 година.


Шипиќ бира од понудите од Бундеслигата

Според информациите на хрватските медиуми, за кружниот напаѓач на хрватската репрезентација Марин Шипиќ заинтересирани се Фленсбург, Фуксе Берлин и Кил.

Покрај овие три бундеслигаши, интерес за Шипиќ покажале и други клубови, па останува да се види кој ќе ја добие битката за неговиот потпис.

Шипиќ моментално настапува во Швајцарија, каде што го носи дресот на амбициозниот Луцерн, клуб во кој пристигна во сезоната 2023/24.


Германецот Бах избран за доживотен почесен претседател на ИОК

Претседателот на Меѓународниот олимписки комитет ИОК во заминување, Томас Бах, со акламација беше избран за доживотен почесен претседател, на денешното заседание во грчкиот град Пилос.

Бах (71), германски адвокат и поранешен олимписки првак во мечување, застана на чело на МОК во 2013 година, а официјално ќе ја напушти должноста на 23 јуни. Неговиот наследник ќе биде избран в четврток.

За претседателското место во МОК има седуммина кандидати.Главни претенденти се потпретседателот на МОК, Хуан Антонио Самаранч Јуниор, министерката за спорт на Зимбабве, Кирсти Ковентри и претседателот на Светската атлетика, Британецот Себастијан Коу.

Претседателот на Меѓународната велосипедска федерација Дејвид Лапартиент, шефот на Меѓународната федерација во гимнастика Моринари Ватанабе, јорданскиот принц Фејсал Ал Хусеин и мултимилионерот Јохан Елијаш, кој ја предводи Меѓународната федерација во скијање и сноуборд, го комплетираат составот кандидати за претседател на МОК.


Лаутаро Мартинез заради повреда нема да настапи против Уругвај и Бразил

Фудбалската репрезентација на Аргентина на дуелите од квалификациите за СП 2026, против Уругвај и Бразил ќе биде без Лео Меси, а најновите информации велат дека нема да игра ниту Лаутаро Мартинез.

Еден од најдобрите фудбалери на “гаучосите“ и капитен на Интер на последниот тренинг се пожалил на повреда на ложата.

Тој и покрај се сакал да остане во кампот на Аргентина, но докторскиот тим му наредил на напаѓачот веднаш да замине за Милано на дополнителни прегледи. Токму затоа и нема некои детали за тоа колку Лаутаро ќе биде во „аут“.


Манчестер Јунајтед заинтересиран за Кенан Јилдиз

Манчестер Јунајтед презеде конкретни чекори за да ја ангажира ѕвездата на Јувентус, Кенан Јилдиз, тврди „Фудбал Италија“.

„Црвените ѓаволи“ се подготвени да ги платат 80-те милиони евра што ги бара торинскиот клуб за офанзивниот играч за врска.

„Старата дама“ го сака Јилдиз, но во исто време Италијанците се спремни да се разделат со него доколку некој клуб ги плати определените 80 милиони. евра.

Турскиот репрезентативец оваа сезона за „бјанконерите“ на 41 натпревар постигна 6 гола и направи 4 асистенции.

Јувентус го ангажираше Јилдиз со слободен трансфер од академијата на Баерн Минхен во летото 2022 година. За офанзивниот играч е заинтересирана и Астон Вила.


Кирјиос победи на тениски меч по 29 месеци

Ник Кирјиос, австралискиот тенисер го победи Мекензи Мекдоналд во првото коло на Мастерсот во Мајами.

Кирјиос успеа да победи за прв пат од октомври 2022 година, кога во Токио славеше над Камил Мајжак.

Ник овојпат го совлада Мекензи Мекдоналд со 2-1, по сетови 3-6, 6-3, 6-4 и во второто коло ќе игра со Карен Хачанов.

Кирјиос одигра само еден меч во 2023 година, една година подоцна одигра само два меча и ги загуби сите.

Кирјиос конечно успеа да победи и да се пласира во второто коло на Мајами, каде го чека 22. рангираниот тенисер во светот.