feature

Крамариќ по осум сезони се сели од Германија во Италија

Андреј Крамариќ би можел по осум години да го напушти Хофенхајм и кариерата да ја продолжи во Италија. Неговиот агент Винченцо Каваљере истакна дека 32-годишниот напаѓач има понуди од Апенините и веќе во јануари би можел да заигра во Италија.

„Крамариќ ги следи случувањата во Италија и е убеден дека може да биде стартер во било кој тим. Хофенхајм сака да го задржи, но се може да се случи“, изјави Каваљере и додаде:

„Профилот на Андреј е привлечен за големите клубови, многу брзо би можело да се случи да ја промени средината“, изјави неговиот агент.

Во изминатите осум години Крамариќ испиша историја во Хофенхајм постигнувајќи 123 гола на 267 натпревари, покрај тоа додаде и 51 асистенција.


Брера го врати Даниел Миловановиќ во Струмица

Даниел Миловановиќ, кој пред две сезони играше за првиот тим на Академија Пандев, по краткиот престој во Унгарија повторно се врати во Струмица. Како што објавија од екипата на Брера Струмица, Миловановиќ ќе биде ново засилување за прволигашот.

Тој спогодбено го раскина договорот со унгарскиот прволигаш Залаегерсег. 25 годишниот Миловановиќ е на Тиквеш од Кавадарци и ќе биде одлично освежување на десната крилна позиција.


Јанц се повреди, Словенија без големиот ас на Европското првенство

Ракометната репрезентација на Словенија има голем проблем затоа што на Европското првенство кое ќе се игра во јануари ќе мора без најдобриот играч Блаж Јанц.

Десното крило кое е член на Барселона во последниот месец има проблеми со грбот. Поради нив го пропушти стартот на подготовките, а иако имаше оптимизам, сепак, нема да може да помогне на ЕП 2024.

„Да играм за репрезентацијата за мене е чест така што навистина ми е жал што ќе го пратам ЕП 2024 во улога на навивач. Иако срцето сака да биде поинаку, паметот вели дека не смее да се брза со работите кога повреда е во прашање. Им благодарам на сите за поддршката и на сите кои ми помогнаа на прегледите“, изјави Јанц.

Играчот дебитираше за репрезентацијата во 2016 година, а досега забележа 96 настапи на кои постигна 344 гола.


Саудијците го зголемуваат бројот на странци, нови звезди наскоро ќе пристигнат

Саудиската про лига во текот на летото стана побогата за бројни светски ѕвезди, но се чини дека немаат намера да застанат.

Напротив. Според британски „Телеграф“, раководството на саудиската професионална лига планира да ја зголеми границата за странски играчи на 10. Тие сметаат дека зголемувањето на лимитот за странски фудбалери ќе го подобри имиџот на натпреварувањето и ќе му даде на саудиското првенство поголема моќ на светскиот пазар.

Во моментов клубовите од Саудиска Арабија можат да имаат осум фудбалери од странство.

Во јануари 2023 година, португалскиот репрезентативец Кристијано Роналдо се пресели во Ал Наср и ја отвори вратата за пристигнувањето на бројни светски ѕвезди во арапската земја.

Веќе во летниот период тамошните клубови потрошија вкупно една милијарда евра за ангажирање нови играчи!

Меѓу играчите кои дојдоа во Саудиска Арабија се Марез, Бензема, Митровиќ, Сергеј Милинковиќ Савиќ, Малком, Нејмар, Менди, Фабињо, Мане, Лапорте, Брозовиќ, Фереира Караско, Кулибали, Рубен Невес, Хендерсон, Вајналдум… но и бројни, скапо платени тренери.


Симон Аман ќе скока на новогодишната турнеја и на 42 години

Швајцарскиот ски-скокач Симон Аман на 42-годишна возраст ќе настапи на својата 25 Новогодишна турнеја „Четири скокалници“.

Тој се наоѓа на списокот на репрезентацијата што го објави Швајцарската скијачка федерација.

Четирикратниот олимписки шампион од 2002 и 2010 година ќе биде на скокалниците во Оберстдорф, Гармиш-Партенкирхен, Инсбрук и Бишофсхофен во тим со Грегор Дешванден, Килијан Пејер и 20-годишниот Рем Имхоф.

Многумина очекуваа дека ланската олимписка сезона ќе биде последна за Аман, но тој повторно беше вклучен во репрезентацијата пред новата сезона.

Светски првак стана во 2007 година во Сапоро, има 23 индивидуални победи на Светското првенство и 80 пати бил на подиумот.

Новогодишните празници тешко се замислуваат без „Четирите скокалници“, традиционално натпреварувањето започнува во двата германски зимски центри Оберстдорф (29 декември) и Гармиш-Партенкирхен (1 јануари), а потоа најдобрите светски натпреварувачи се селат во Австрија, односно Инсбрук (3 јануари) и Бишофсхофен (6 јануари).


Рајан Черки интересен за Наполи и Јуве

Наполи и Јувентус покажуваат сериозен интерес за младиот талент на Лион, Рајан Черки, пренесуваат француските медиуми.

20-годишниот офанзивен играч за врска игра одлична сезона за Лион и го привлече вниманието на многу европски гиганти. Черки е офанзивен фудбалер кој може да игра и како плејмејкер, но и по крилните позиции. Тој е продукт на школата на Лион и важи за најголем француски талент во моментов.

Черки на лето ќе влезе во последната година од договорот, па Лион е спремен да слушне понуди, а италијанските гиганти сакаат да ја искористат таквата ситуација.

Лион за неговата слобода бара 30 милиони евра, сума која Наполи и Јувентус се спремни да ја платат.


Барса ќе го врати позајмениот Чади Ријад од Бетис

Чади Ријад кој во текот на летото ја напушти Барселона и замина во Бетис, по само една сезона ќе се врати на „Камп Ноу“.

Мароканскиот фудбалер игра на позицијa стопер и извонредно се покажа во Андалузија во првиот дел од сезоната. Затоа Чави и директорите на Барса ќе ја вклучат клаузулата вредна 7 милиони евра со која Ријад ќе се врати кај Каталонците.

20-годишниот фудбалер кој беше купен од Мајорка помина три сезони во Барселона но, не успеа да се наметне за првиот тим.


Соланке доби понуда за трансфер во Тотенхем

Фудбалерот на Бoрнмаут, Доминик Соланке, веројатно ќе добие понуда да се пресели во Тотенхем.

„Спарси“ по заминувањето на Хари Kејн се обидуваат интензивно да пронајдат негова замена. Медиумите наведуваат дека тренерот, Постекоглу, сака да го ангажира 26-годишниот напаѓач кој во континуитет покажува одлични партии.

Соланке претходно играше за Челзи, Витезе и Ливерпул. За селекцијата на „Гордиот Албион“ има еден меч.


Аврамовски ќе ја замени БиХ со Турција

Даниел Аврамовски неодамна го напушти тимот на Сараево, а веќе се најавува кој клуб може да биде негова наредна дестинација.

Имено, Аврамовски изгледа ќе продолжи во Турција и тоа во редовите на Болуспор кој е дел од Втората лига. За Аврамовски ова ќе биде кам-бек во турскиот фудбал, откако претходно го носеше дресот на Кајзериспор. За Сараево, Аврамовски одигра 45 натпревари, постигна четири гола и подели осум асистенции.

Покрај Сараево и Кајзериспор, Аврамовски во кариерата играше уште за Македониај Ѓорче Петров, Црвена Звезда, ОФК Београд, Војводина, Олимпија и Вардар.

Беше дел и од репрезентацијата на Македонија која играше на Европското првенство, а вкупно дресот на националиот тим го носеше на осум натпревари.


Сити и Ривер преговраат за Клаудио Ечевери

Клауидо Ечевери, 17-годишниот Аргентинец е на чекор од потпис против Манчестер Сити.

Европскиот шампион е во завршни преговори со Ривер за трансфер на капитенот на кадетската репрезентација на Аргентина.

Сити на Ривер најверојатно ќе и плати сума од 20 милиони евра. Ечвери во аргентинскиот клуб би останал на позајмица откако се ќе биде официјализирано. Таков договор Сити постигна околу трансферот на Хулијан Алварез.

За првиот тим на Ривер, Ечевери одигра шест натпревари и запиша една асистенција. Ечевери беше забележан на Светското првенство до 17 години каде што постигна пет голови, а против Бразил во четвртфиналето запиша хет-трик.