Слот во одбрана на Вирц и стратегијата на Ливерпул среде критики

Тренерот на Ливерпул, Арне Слот, остро одговори на критиките од фудбалските аналитичари кои го нападнаа клубот поради амбициозниот летен трансфер период, обвинувајќи ги дека игнорираат важен финансиски контекст и покажуваат пристрасност во своите анализи.
Слот ја бранеше трансфер-политиката на клубот, која вклучи осум нови засилувања за околу 450 милиони фунти, меѓу кои и рекорден трансфер на Александар Исак и Флоријан Вирц. Тој нагласи дека критичарите премногу се фокусираат на бруто-трошоците, додека ретко спомнуваат дека Ливерпул заработи околу 300 милиони фунти преку продажба на играчи, суштински дел од стратегијата на клубот.
„Ние не трошиме без причина, повторно инвестираме,“ рече Слот, објаснувајќи дека фокусот е ставен на млади, перспективни фудбалери под 25 години, со цел да се изгради конкурентен тим за иднината и да се задржи висока продажна вредност.
Холанѓанецот застана и во одбрана на Флориан Вирц, еден од најгласно критикуваните, кој сè уште не блеска во дресот на Ливерпул. Слот смета дека Вирц е неправедно на мета, особено имајќи ги предвид тешките натпревари во воведните кола, и потсети дека и други нови играчи сè уште не оставиле статистичка трага.
Тој дополнително сугерираше дека дел од аналитичарите имаат двојни аршини кога се работи за Ливерпул. „Постојано се занемаруваат клучни факти кога се анализира нашата работа,“ рече Слот, алудирајќи на тенденциозно прикажување на трошоците без спомнување на приходите од трансфери.
Додека клубот се подготвува за клучни натпревари, вклучувајќи дуел во Лигата на Шампионите против Атлетико Мадрид и градското дерби против Евертон, Слот нагласува дека фокусот останува на тимската хемија и резултатите. Тој уверува дека визијата на Ливерпул е долгорочна и вредна за вложувањата.