feature

Маунт шест недели надвор од терените

Повредата на играчот од средниот ред на Манчестер Јунајтед, Мејсон Маунт се покажа како посериозна од очекуваното и тој ќе биде надвор од терените подолго време, објави Дејли Мејл.

Претходно во текот на неделата се зборуваше дека поранешниот играч на Челзи ќе ги пропушти следните два натпревари на тимот до репрезентативната пауза, но ќе биде достапен после тоа. Сепак, последните наоди покажале дека повредата ќе го оддалечи Маунт од терените и до шест недели.


Бернардо Силва го продолжи договорот со Манчестер Сити

Португалскиот репрезентативец, Бернардо Силва, го продолжи договорот со Манчестер Сити и ќе остане во клубот до јуни 2026 година.

“Го сакам тренерот, соиграчите и навивачите. Се надевам дека во иднина ќе можеме да поделиме уште поубави спомени во наредните години“, изјави Силва.

Бернардо Силва во Сити стигна 2017.година од Монако, а за актуелниот освојувач на тројната круна одигра 308 натпревари и освои 14 трофеи.


Марибор е новата средина на Бехар Фета

Бехар Фета и официјално е промовиран како нов фудбалер на Марибор. Воска Спорт во текот на вчерашниот ден го потврди трансферот на Фета во 16-кратниот шампион на Словенија.

За Фета ова е прв интернационален предизвик и голем чекор напред во неговата кариера. Со Марибор Фета потпиша договор на три години.

Со 20 години тој ги помина сите младински категории на Македонија, а во овој момент е член на селекцијата до 21 година за која собра шест настапи. Пред Воска беше дел од Шкендија.


Најдобриот фудбалер на Младост Лучани потпиша за Стоук Сити

Младост Лучани успеа својот фудбалер да го продаде во англиски Стоук.

Младиот репрезентативец на Србија, Никола Јојиќ кој до неодамна го носеше дресот на Младост Лучани потпиша договор на четири години со англискиот клуб. Несекојдневниот трансфер е големо изненадување за сите, па можеби и за самиот фудбалер кој на 15 септември ќе наполни 20 години.

Стоук во овој момент се натпреварува во Чемпионшип, а Јојиќ ќе ја засили конкуренцијата во средниот ред. Во претходната сезона тој постигна 10 голови и запипша 11 асистенции на 45 настапи.


Француската федерација го назначи Анри за селектор

Тиери Анри потпиша двегодишен договор со францускиот фудбалски сојуз.

Еден од најдобрите француски фудбалери на сите времиња, прославениот Анри е именуван за нов селектор на младата фудбалска репрезентација на Франција. Капитенот на националнио така се враќа на тренерската работа откако претходно беше помошник во репрезентацијата на Белгија и го водеше Монако.

Во кариерата како играч Анри освои бројни трофеи, меѓу останатите и Светско првенство во 1998 година и Лига на шампиони во сезоната 2008/09.


Пешиќ ги одбра српските адути на Мундобаскетот

Селекторот на кошаркарската репрезентација на Србија, Светислав Пешиќ го објави списокот на играчи кои ќе настапат на престојоното Светско првенство.

Србија на Мундобаскетот најверојатно ќе ја претставуваат: Стефан Јовиќ, Алекса Аврамовиќ, Богдан Богдановиќ, Марко Гудуриќ, Огњен Добриќ, Вања Маринковиќ, Дејан Давидовац, Бориша Симаниќ, Никола Јовиќ, Филип Петрушев, Душан Ристиќ и Никола Милутинов. Во игра е и името на Алакса Раданов, но тој ќе биде прва опција за замена.


Чави ќе добие нов договор во Барселона

Барселона ќе разговара за продолжување на договорот со тренерот Чави, но дури откако и официјално ќе заврши летниот пероден рок.

Преговорите со Чави за нов договор ќе започнат по затворањето на летниот преоден рок, бидејќи Барса сака да го продолжи договорот со тренерот под подобрени услови, но најпрво да се стабилизира екипата за новата сезона.

Агентот на Чави веќе одржал неколку консултативни разговори со раководството на клубот. Преговорите за нов договор ќе ги води новиот спортски директор на Барселона, Деко.


Чурлинов во октомври се враќа на терените

Македонскиот фудбалски репрезентативец Дарко Чурлинов нема да ја промени клупската средина ова лето. По здравствените проблеми, Чурлинов се уште е надвор од тренинг-процес, па според последните информации од неговиот сегашен клуб тој би можел целосно да се врати со тренинг и натпревари дури во октомври.

Германски Шалке беше заинтересиран за Чурлинов, но ваков трансфер засега нема да се реализира.


Унион Берлин пред потпис со Леонардо Бонучи

Унион Берлин го сака Леонардо Бонучи. Искусниот италијански стопер не е во плановите на тренерот на Јувентус, Макс Алегри, а клубот од Торино му дозволи да си замине.

Унион, кој се пласираше во Лигата на шампионите по фантастичната сезона, на Бонучи му нуди едногодишен договор.

Германците чекаат одговор до понеделник, а Бонучи наводно размислува за понудата. Бонучи дојде во Јувентус во летото 2010 година од Бари за 15,5 милиони евра. Брзо стана еден од најдобрите дефанзивни играчи во Европа, а во сезоната 2017/2018. играше за Милан кој плати 42 милиони евра.

Следната сезона за 35 милиони евра се врати во торинскиот клуб со кој во кариерата освои осум титули во италијанскиот шампионат.

Неговиот договор со Јувентус истекува следното лето.


Тернана ќе биде новиот клуб на Илија Несторовски

Илија Несторовски е пред трансфер во Тернана, потврдија од клубот.

Несторовски е без клуб откако му истече договорот со Удинезе каде што играше во претходните четири години. Најсилен интерес за него покажа Тернана, кој моментално е член на Серија Б.

Последните информации се дека Несторовски ја прифатил понудата и наскоро ќе стави потпис на договорот.