feature

Арда ја заврши американската турнеја заради повреда и предвреме се врати во Мадрид

Арда Ѓулер воодушеви во првата фаза од тренинг кампот на Реал Мадрид и сите со нетрпение го чекаа неговото деби во првиот тим, но за жал, фановите ќе мора да почекаат на тоа уште извесно време.

Талентираниот Турчин не настапи против Милан и Манчестер Јунајтед поради повреда на мускулот, но сега испадна дека поголем проблем му создавале болките во коленото.

Реал Мадрид вечерва излезе со официјално соопштение за состојбата на Ѓулер, кој експресно ќе ја напушти турнејата во Америка и се враќа во Мадрид за да продолжи со рехабилитација.

Арда има проблем со менискусот на коленото и ќе подлегне на алтернативен третман, кој според проценките на Реал Мадрид многу брзо треба да вроди со плод.

„Сакав да бидам денеска на теренот, но морам да се вратам во Мадрид за да го забрзам моето враќање на теренот и да бидам подготвен што поскоро. Ви благодарам за поддршката“, порача Арда Ѓулер на неколку часа пред одигрување на „Ел Класико“ пресметката меѓу Реал и Барса во Америка.


Челзи заработи казна од 10 милиони евра од УЕФА

Европската фудбалска унија го казни Челзи со десет милиони пари за кршење на правилата за финансиски фер-плеј кои датираат од „ерата на Роман Абрамович“.

Откако Роман Абрамович беше принуден да го продаде клубот, Тод Биоли веднаш по купувањето на Челзи (мај 2022 година) контактираше со УЕФА за да ја разјасни оваа ситуација.

Прекршувањата на правилата за финансиски фер-плеј се однесуваат на недоставувањето на нецелосни финансиски извештаи за работата на клубот за период од 2012 до 2019 година, а беа прекршени и правилата за лиценцирање на УЕФА.

По истрагата на надлежните комисии на УЕФА, одлучено е Челзи да биде казнет со десет милиони евра.


Хојлунд од Аталанта во Јунајтед за 70 милиони евра

Манчестер Јунајтед одамна се откажа од опцијата Хари Кејн и тргна во сосема друг правец кога е новиот напаѓач во прашање, но оваа тема „ѓаволите“ и дефинитивно ја заокружиле оваа вечер.

Сите угледни медиуми од Англија ја пренесоа ексклузивата на „Би-Би-Си“, извор кој никогаш не објавува вести се додека работата не е целосно завршена. Влијателниот медиум информира дека Јунајтед конечно попуштил во преговорите со Аталанта и ги прифатил условите на клубот од Бергамо, па така Расмус Хојлунд ќе се претвори во трето големо засилување за тимот на Тен Хаг ова лето.

После Мејсон Маунт и Андре Онана, Јунајтед одново реши да пазари во Италија, а за талентираниот Данец ќе издвои фиксни 70 милиони евра, со опција трансферот да достигне и 85 милиони евра.

Вторите 15 милиони евра се варијабилни и ќе се исплатат доколку бидат исполнети одредени бонуси, што автоматски значи дека Манчестер сепак малку успеал да се „исценка“ и да ја намали почетната сума која ја бараше Аталанта.

Италијанскиот калчолигаш ги започна преговорите со барање од 90 милиони евра, а иако водечките луѓе на Јунајтед во прв момент најавија дека нема да понудат повеќе од 60, на крајот очигледно сфатија дека не им преостануваат многу други опции на трансфер пазарот.


Јокиќ добива астрономски договор од преку 400 милиони евра

Почнувајќи од претстојната сезона, српскиот ас Никола Јокиќ ќе го почне својот петгодишен договор, вреден 274 милиони долари, но тој нема да биде последен супермакс во неговата кариера.

Американските новинари сметаат дека веќе во 2026 година, кошаркарот на Денвер ќе потпише уште поголем договор и ќе биде првиот што ќе ја пробие границата од 400 милиони долари.

„Никола Јокиќ е без дилеми најдобар кошаркар кој оди по земјата во овој момент. Потпиша договор вреден 274 милиони долари, но благодарение на неговата опција во летото 2026 година, би можел да потпише на уште пет сезони за 404 милиони долари. Јокиќ ќе ги добие тие пари без оглед на тоа дали ќе освои уште една титула или ќе биде МВП бидејќи веќе ќе има над десетгодишен стаж во НБА“, тврди НБА аналитичарот Курт Хелин.

Претстојните години, почнувајќи од идната, нови договори треба да потпишат и другите големи ѕвезди на НБА лигата, како Јанис Адетокунбо, Џејсон Тејтум, Жоел Ембид и Лука Дончиќ и сите ќе бидат над 300 милиони евра.


Сити одобри проширување на стадионот „Етихад“

Градскиот совет на Манчестер го одобри планот на Сити за проширување на стадионот „Етихад“, на кој капацитетот ќе се зголеми на 62.000, но ова ќе биде само една последица од проектот вреден 350 милиони ев

„Етихад“ повеќе нема да биде само фудбалски стадион, туку и дестинација за одмор, бидејќи планот е да се изгради хотел со 400 кревети, како и телевизиско студио, пешачка патека на покривот и фан зона која ќе може да прими до 3.000 луѓе. . Проектот се очекува да отвори 3.000 нови работни места, вклучувајќи 1.795 постојани работни места и да донесе 80 милиони евра годишно за економијата на пошироката област Манчестер.

„Среќни сме што Градскиот совет го одобри планот на клубот да создаде најдобро можно искуство на навивачите и да го трансформира „Етихад“ во дестинација за забава и одмор преку целата година“, рече Дени Вилсон, проект менаџер на Градот.

Работите ќе започнат во ноември годинава, а планот е да завршат до август 2025 година, односно до почетокот на таа премиерлигашка сезона. Работите ќе ја опфатат само северната трибина на стадионот, која ќе се прошири за 7.900 седишта и ќе го зголеми вкупниот капацитет на 61.968.


Гвардиола: Давид Силва е најдобриот на мал простор што сум го видел

Фудбалските патишта некогаш можат да завршат на најнепосакуван можен начин и сосема спротивно од планираното и на највисоко можно ниво, а последен пример за такво нешто е Давид Силва.

Легендарниот шпански играч за врска реши да стави крај на фудбалската кариера порано од предвиденото, пред се поради тешката повреда на коленото која ја заработи на еден од последните тренинзи со Реал Сосиедад.

Офанзивниот фудбалер кој оствари историја во Манчестер Сити ќе остане во сеќавање и по освоените европски и светски титули како член на шпанската фудбалска репрезентација, а за Пеп Гвардиола тој ќе остане запаметен како најдобриот играч на мал простор.

„Вестите кои пристигнаа од Шпанија се навистина тажни. Влијанието кое го имаше Силва за фудбалот беше навистина неверојатно. Не го велам ова само за Сити, тоа важи и за Валенсија, Еибар, Реал Сосиедад и националниот тим на Шпанија. Силва беше најдобриот играч кој сум го видел на мал простор. Тој беше човекот кој го започна успешниот пат на Манчестер Сити. Цело семејство на Манчестер Сити му посакува се најдобро во иднина. Беше привилегија да се биде тренер на таков играч, беше чест да се гледа секој ден на теренот“, изјави Гвардиола.


Верстапен казнет пред Белгиското Гран-при

Актуелниот светски шампион Макс Верстапен ќе ја започне трката во Белгија пет места поназад од оствареното на патеката, казна која ќе ја добие поради надминувањето на дозволениот број на промена на делови за трансмисијата на болидот.

Холанѓанецот ќе добие казна од пет позиции, кои ќе бидат валидни само за главната трка, а не и за спринт трката, која е закажана за во сабота.

И со ваква казна, Верстапен ќе биде главен фаворит за победа со оглед на перформансите на болидот на Ред Бул, но на патеката Спа се очекува и дожд, па никој со сигурност не би можел да прогнозира што ќе се случува на трката закажана за претстојниот викенд.

Во прилог на Макс оди фактот што на ланската трка во Белгија стартуваше од 14. позиција и на крајот доминантно стигна до победата.


Сити го продаде Марез во Ал Ахли

Алжирскиот репрезентативец Ријад Марез ги напушти редовите на европскиот шампион Манчестер Сити и кариерата ќе ја продолжи во саудискиот клуб Ал Ахли, соопшти англискиот премиерлигаш. Крилниот напаѓач дојде во Манчестер Сити во 2018 година од Лестер Сити и постигна 78 гола и даде 59 асистенции на 236 натпревари. Со „граѓаните“ освои и 11 трофеи, вклучувајќи ја и тројната круна минатата сезона – Лигата на шампионите, англискиот шампионат и ФА Купот.

„Дојдов во Сити да освојувам трофеи и да уживам во мојот фудбал и постигнав сето тоа и многу повеќе. Имав пет незаборавни години со овој фудбалски клуб, работејќи со неверојатни играчи, фантастични навивачи и најдобриот менаџер во светот“, изјави Марез на неговото збогување.

Во текот на кариерата настапуваше и за Ле Авр и Кимпер, а за алжирскиот тим забележа 83 настапи и постигна 30 голови.


Брајтон одбил огромна понуда за Каиседо од Челзи

Откако ги доведе Кристофер Нкунку, Николас Џексон, Анџело и Диего Мореира, Челзи е подготвен да направи уште еден голем потег во летниот преоден рок.

Сините од Лондон веќе некое време го гледаат и го следат Мојсес Каиседо, а за еквадорскиот фудбалер понудија голема сума.

Челзи неодамна даде дури четири понуди за Мојсес Каидедо, но Брајтон ги одби сите.

Според новинарот Дејвид Орнштајн, „сините“ испратиле нова понуда за централниот играч за врска во средата на 27 јули.

Новиот предлог што го направи Челзи беше приближно 95 милиони евра. Сепак, споменатиот новинар тврди дека Брајтон набргу потоа јасно ја одбил понудата.


Алкалоид ќе ја отвори Европската лига против Војводина

Македонскиот вицепрвак Алкалоид во моментов е единствениот сигурен учесник во фазата по групи во Европската лига на ЕХФ.

Ракометарите на Алкалоид дебито на европската сцена ќе го имаат на 17 октомври во Скопје, а противник е шампионот на Србија, Војводина.

Во следното коло на 24 октомври, Алкалоид и гостува на Ла Риоха, а еден месец подоцна следува и соочувањето со Силкеборг во Скопје. Во последните две рунди на 28 ноември, Алкалоид гостува во Нови Сад, а на петти декември на домашен терен игра против Ла Риоха.

Доколку ракометарите на Вардар успеаат да ја минат првата пречка во квалификациите Рајн Некар Левен, настапот во фазата по групи би го отвориле на 17 октомври со гостување во Крисијанштад, а седум дена подоцна следува и домашен натпревар против Нант.