feature

Давид Силва предвреме замина во фудбалска пензија

Шпанските медиуми минатата седмица ја известија јавноста дека Давид Силва заработил тешка повреда на коленото и ќе биде во аут цела сезона, а за жал, ова го принуди легендарниот Шпанец да стави крај на кариерата.

Еден од основоположниците на моќниот Манчестер Сити ќе остане вечно во сеќавање по својот талент, визијата, техниката и фудбалската магија на теренот, бидејќи на денот кога кажуваше збогум, не заборави ниту еден од петте клуба за кои настапуваше во кариерата.

Силва става крај на најнепосакуван можен начин и причина за тоа е скинатиот преден вкрстен лигамент на коленото, кој направи да го раскине договорот со Реал Сосиедад една година порано од предвиденото.

„Денес е многу тажен ден за мене, велам збогум на она на кое го посветив цел живот. Денеска се простувам од соиграчите кои се како семејство за мене. Сите ќе ми недостасувате“, рече Силва.


Хуанчо Хернангомез потпиша за Панатинаикос

Шпанскиот репрезентативец Хуанчо Хернангомез ќе биде десеттото засилување за Панатинаикос во пресрет на новата сезона.

Тој ја напушта НБА лигата по пауза од седум години и со ПАО ќе потпише договор на две сезони за вкупно 4,5 милиони евра. Четири сезони помина во Денвер Нагетс, а во последните три смени пет екипи: Минесота, Бостон, Сан Антонио, Јута и Торонто од каде доаѓа во Грција. Одигра вкупно 339 натпревари со просек од 5 поени и 3,3 скока, но факт е дека најголемите успеси во кариерата ги оствари со шпанската репрезентација со која беше светски шампион во 2019 година и европски лани.

Трансферот уште не е потврден од клубот, но со фотографија на својот Инстаграм профил, го објави сопственикот Димитрис Јанакопулос и тоа во зелен дрес, од деновите кога Шпанецот беше член на Бостон.

Пред Хуанчо, чиј брат летово исто така се врати од НБА и потпиша со Барселона, Панатинаикос се засили со: Костас Слукас, Кајл Гај, Димитрис Мораитис, Лука Вилдоса, Џеријан Грант, Јоанис Папапетру, Костас Адетокунбо, Констатинот Митоглу и Матијас Лесор. Според најавите од клубот, тоа нема да биде се бидејќи ПАО се наоѓа во преговори со Торнике Шенгелија и Александер Балчеровски.


Уапсени дваесеттина навивачи на Шкупи и Левски

Деветнаесет навивачи на Левски од Бугарија се приведени доцна синоќа поради нарушување на јавниот ред и мир пред и за време на натпреварот со Шкупи.

Осум лица за насилство на спортски натпревар, две лица за физички напад на полициски службеници кои вршеле службени дејства а девет поради агресивно однесување кон нив. По документирање на случајот против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци

Околу полноќ полициски службеници од СВР Скопје лишиле од слобода и двајца навивачи на навивачката група на Шкупи, кои го нарушиле јавниот ред и мир со физичка пресметка.


Ливерпул фаворит за потписот на Лавија

Челзи и Ливерпул остануваат во трката за играчот од средниот ред на Саутемптон, Ромео Лавија.

Лондончани веројатно ќе испратат подобра понуда но, прашање е дали фудбалерот ќе ја прифати бидејќи неговата желба е да заигра за „црвените“. Челзи и во летото во 2022 се обиде да го купи Лавија за 60 милиони но, трансферот пропадна.

Младиот играч има 34 мечеви за Саутемптон во сите конкуренции. Тој постигна еден гол и оствари асистенција. Неговиот договор со „светците“ е до јуни 2027 година.


Ким Мин Јае: Најмногу научив во Наполи од Ди Лоренцо

Ким Мин Јае мина само една сезона во Италија, но тоа беше доволно за да се етаблира како национален шампион и да биде избран за најдобар дефанзивец во Серија А.

Кореецот имаше брилијатна сезона под водство на Лучијано Спалети и изворендно се адаптираше на неговата фудбалска филозофија, по што беше еден од најважните за освоеното Скудето од страна на Наполи после цели 33 години.

Фантастичните изданија привлекоа голем интерес од најголемите европски клубови и Ким веќе направи трансфер во Баерн Минхен, но вели дека секогаш позитивно ќе се навраќа на времето кое го мина под Везув.

„Кога ја добив наградата за најдобар дефанзивец во Серија А, сакав да ја поделам истата со Кварацхелија, Осимен и со останатите од тимот. Се додека сум жив ќе ги паметам навивачите на Наполи. Тие постојано ме поддржуваа и ме охрабруваа на секој натпревар“, вели Ким, кој открива дека најмногу научил од капитенот Ди Лоренцо.


Грузиец Робакидзе потпиша за штипска Брегалница

Грузиецот Лука Робакидзе е најновото засилување за Брегалница за новата сезона во Првата македонска фудбалска лига. 23-годишниот Робакидзе, кој игра во офанзивниот среден ред, доаѓа од редовите на грузискиот Шукура, а претходно има настапувано и за Самтредиа во домашниот шампионат, како и за екипата на Таборско во Чешка.

Грузискиот фудбалер изминативе денови веќе се приклучи на екипата пред денешното официјализирање на потписот со „сините“.

Претходно, Брегалница се засили и со дефанзивецот Самал Дикенс од Панама, фудбалерот од средниот ред Филип Стојчевски од Силекс, репрезентативците на Јамајка, Колин Андерсон и Роналдо Вебстер, офанзивецот Фабрицио Венегас од Костарика, голманите Мартин Давков и Кире Новаков, како и десниот бек Ване Јованов, кои се повратници меѓу „сините“.


Лаутаро разочаран од одлуката на Лукаку

Лаутаро Мартинез не бираше зборови кога зборуваше за довчерашниот соиграч од Интер Ромелу Лукаку.

Белгиецот го напушти Интер, за кого до летово настапуваше како позајмен од Челзи, а се уште не е познато каде ќе ја продолжи кариерата.

Италијанските медиуми објавија дека Лукаку бил во преговори со Јувентус, што го изнервирало неговиот поранешен соиграч Лаутаро Мартинез.

„Ромелу ме разочара. Му се јавив неколку пати од моментот кога се дозна за Јувентус, но тој не ми одговори. Слушам дека не контактира ниту со другите играчи на Интер, а до вчера беше дел од нас. Разочаран сум по толку многу ситуации низ кои поминавме заедно. Сепак, тоа е негов избор. Му посакувам се најдобро, иако не очекував вакво однесување“, изјави Мартинез за „Газето дело спорт“.


МЗТ Скопје го продолжи договорот со тренерот Атанасов

Кошаркарскиот шампион на Македонија, МЗТ Скопје, и официјално потврди дека младиот стратег Васко Атанасов и следната сезона ќе биде тренер на клубот од Аеродром. 29-годишниот тренер кон крајот на минатата сезона седна на клупата на МЗТ Скопје и дојде до шампионската титула, откако претходно од клубот си замина Драган Николиќ.

Очигледно дека раководството на клубот е задоволно од работата за младиот тренер и тој ја добива довербата да го води МЗТ Скопје на три фронта следната сезона. Пред МЗТ Скопје и Атанасов постои една цел: освојување на двојната круна во домашната кошарка, но и враќање во најквалитетното јадранско друштво преку настапите во АБА-2 лигата, иако од МЗТ Скопје се во исчекување околу ситуацијата со Морнар.


Порто го купи Нико Гонзалез од Барса

Чави Хернандес ги повика на американската турнеја сите играчи на кои ќе смета за новата натпреварувачка сезона, а еден од нив не беше продуктот од младинската школа на каталонскиот гигант, Нико Гонзалес.

Нико беше споменуван како можен идеален наследник на Бускетс од самиот Чави во моментите кога тренерот го презема првиот тим пред речиси две години, но со текот на времето стана јасно дека не верува доволно во квалитетите на талентираниот играч за врска.

Поради тоа што западна во втор и трет план, Нико изминатава сезона ја мина на позајмица во Валенсија, но откако Барселона инсистираше да се направи перманентен трансфер и да заработи од продажба, овие услови ги исполни Порто.

Великанот од „Драгао“ ги договорил сите детали со Барселона за трансферот на Нико, кој ќе стане член на „сино-белото“ семејство за сума од 11 милиони евра.


Малком од Зенит потпиша за Ал-Хилал

Бразилското крило од екипата на Зенит, Малком сега е фудбалер на Ал-Хилал од Саудиска Арабија. Финансиските детали од трансферот не беа соопштени, но пред една недела извршниот директор на Зенит, Александар Медведев изјави дека Ал-Хилал е подготвен да плати 60 милиони евра за голгетерот на тимот.

26-годишниот крилен напаѓач е четвртото ново засилување на Ал-Хилал ова лето. Претходно беа донесени сенегалскиот дефанзивец Калиду Кулибали, српскиот играч за врска Сергеј Милинковиќ-Савиќ и Португалецот Рубен Невес.

Малком, кој е поранешен играч на Барселона, стана најдобар стрелец во руската Премиер лига со 23 гола кога Зенит ја освои титулата.

Бразилецот е уште едно ѕвездено име кое дојде во саудиската лига. Ал-Хилал е од Ријад, еден од историски најсилните клубови во земјата, но минатата сезона ги загуби и титулата и националниот Куп.