feature

Трпчевски се врати од Шпанија и потпиша за Еурофарм Пелистер 2

Стефан Трпчевски се врати во Битола и потпиша договор со Еурофарм Пелистер 2.

26-годишниот ракометар потекнува од школата на битолскиот и се враќа во Битола по неколку интернационални искуства. Во претходните неколку сезони играше за шпанскиот Бургос, финскиот БК-46, израелскиот Хапоел Кирјат Оно и грчкиот Фаикас Корфу.

Трпчевски во македонскиот ракомет ги бранеше боите на Пелистер, Вардар Јуниор, Вардар, Охрид, Струга и Тиквеш.

Трпчевски ќе се јави на прозивката на тренерот Михаил Петровски на 24 јули, а официјално ќе биде претставен во август оваа година.


Ивановски скокна на ВТА листата за 39 места

Најдобриот македонски тенисер Калин Ивановски направи скок за уште 39 позиции на најновата ранг листа, објавена денеска.

Сега тој се наоѓа на 331. позиција на АТП листата што е негов убедливо најдобар пласман во кариерата. Напредокот е остварен благодарение на пласманот во четвртфиналето на Челинџерот во Јаши.

Од почетокот на 2023 година, Ивановски скокнал дури 210 позиции и сега е многу блиску до најдобрите 300 во светот.


Рашфорд на „Олд Трафорд“ до 2028 година

Манчестер Јунајтед постигнал договор со напаѓачот Маркус Рашфорд за продолжување на неговиот актуелен договор. Новиот договор на 25-годишниот Англичанец ќе биде со важност до летото 2028 година.

Рашфорд е во Манчестер Јунајтед од јануари 2016 година. Неговиот актуелен договор беше до 30 јуни 2024 година.

Во сезоната 2022/23 Рашфорд одигра 55 натпревари на кои постигна 30 голови и 6 асистенции.


Севиља фаворит за потписот на Де Геа

Откако пред неколку дена му истече договорот со Манчестер Јунајтед, Давид Де Геа е слободен агент и наскоро ќе избира нов клуб.

Јунајтед и самиот голман ја потврдија разделбата пред десетина дена, по што стана јасно дека клубот од Манчестер, ќе донесе нов голман, а по се судејки, тоа ќе биде Андре Онана од Интер.

32 годишниот голман ќе може да избира нов клуб, а откако првично се шпекулираше дека е пред трансфер во Саудиска Арабија, во клубот каде што настапува и Кристијано Роналдо, сега работите се менуваат.

Давид Де Геа е повторно на идеја да се врати во својата родна земја, во Шпанија. Според медиумот „Fichajes“, се верува дека Давид Де Геа е интересен за Севилја, која се обидува преку агентот на голманот, да постигнат договор на две сезони.

Пред заминување од Манчестер, во емотивна порака, Де Геа ги поздрави „црвените ѓаволи“: Секогаш за мене беше чест кога го носев овој дрес, чест беше да ја водам оваа фдбалска институција, еден од најголемите светски клубови, а тоа го имаат само неколку среќни фудбалери. Ова беше неверојатно и успешно искуство и период во мојата кариера. Не мислев дека како млад ќе го напуштам Мадрид и ќе освојам се што освоив овде. Манчестер секогаш ќе биде во моето срце, останувам фан на овој клуб до крајот“, порача Де Геа.


Интер Мајами ги претстави Меси и Бускетс

Лионел Меси синоќа и официјално беше претставен како нов фудбалер на Интер Мајами. Презентацијата се одржа во неговиот нов дом, на стадионот ДРВ ПНК, а Меси беше пречекан од илјадници фанови на неговиот нов клуб. Иако на Флорида времето беше многу лошо, а се очекуваше дождот да го натера клубот да го одложи претставувањето на Меси, тоа не се случи.

„Пред десет години го започнав моето патување со намера да изградам нов тим во МЛС. Тогаш реков дека сонував да донесам големи играчи во Мајами.

Сакав тие да бидат играчи кои ја делат нашата амбиција да ни помогнат да изградиме фудбал во оваа земја. Многу сме среќни што сите сте тука да го прославите овој неверојатен момент. Ве молам простете ми што сум емотивен вечерва. Ова е остварување на сонот за мене. Меси е во Интер Мајами”, рече Бекам.

Сепак, синоќа не беше само претставувањето на Лео Меси, туку и уште еден феноменален играч и неговиот пријател од Барселона.


Квадрадо го изневери Јуве и потпиша за конкурентниот Интер

Пред 20-тина дена Јувентус се раздели со Хуан Квадрадо, а сега Колумбиецот е пред потпис со еден од најголемите ривали на клубот од Торино.

Како што пренесуваат Џанлука Ди Марцио и Фабрицио Романо, Квадрдо ќе остане во Италија и ќе го облече дресот на Интер. Осум години го носеше дресот на Јувентус, па сигурно нема да добие добар пречек кога со Интер ќе гостува во Торино.

Во кариерата претходно, Квадрадо играше за Челзи, Фиорентина, Лече, Удинезе и Индепендиенте од Меделин. Meдицинските прегледи во Милано за фудбалерот се закажани за во текот на утрешниот ден.

Според најавите, Квардадо ќе потпише договор на една година. Интересно е што овој трансфер доаѓа по најавите дека Ромелу Лукаку би можел да го облече дресот на Јувентус.


Алварез е опција за Баерн ако пропадне трансферот на Кејн

Баерн Минхен е во потрага по врвен напаѓач, а најново име на списокот е Јулијан Алварез од Манчестер Сити.

Баерн веќе подолго време преговара со Хари Кејн, но не може да најде заеднички јазик со Тотенхем. Поради тоа Баварците веќе бараат алтернатива, а прва желба е токму Јулијан Алварез од Манчестер Сити.

Алварез одигра одлично на Мундијалот и го покажа својот потенцијал, но не добива голема минутажа на „Етихад“, па Баварците се спремни да понудат 80 милиони евра за неговиот потпис.

Аргентинецот е спремен за трансфер во Минхен, каде ќе има статус на прв напаѓач, а сега е во сенка на Халанд.


Двата милански клуба го меркаат Рајан Гравенберх

Милан и Интер ќе видат битка за потписот на играчот на Баерн Минхен, Рајан Гравенберх, пренесува „Калчомеркато“.

21-годишниот холандски талент блесна во дресот на Ајакс и направи трансфер во Баерн, каде не добива голема минутажа и е спремен да ја промени средината. Самиот играч јавно го изрази незадоволствот од малата минутажа и сака да направи трансфер ова лето, а Баерн за неговара слобода бара 30 милиони евра.

Миланските гиганти се во потрага по засилување за средниот ред и сакаат да ја искористат ситуацијата.

Двата клуба наскоро ќе почнат преговори за едногодишна позајмица со право на откуп следното лето за 25 милиони евра.


Тен Хаг го сака Горецка на „Олд Трафорд“

Леон Горецка стана предмет на сериозен интерес на Манчестер Јунајтед. Исто така, уште 2-3 европски врвни клубови се заинтересирани за играчот, објави „Скај Спорт Германија“.

Клубот од Минхен е подготвен да го пушти германскиот фудбалер доколку добие сериозна понуда од 40 до 50 милиони евра. Тренерот на Баерн Минхен Томас Тухел планира да го користи Конрад Лајмер во средниот ред во пар со Џошуа Кимих и не смета на Горецка како главен играч.

Самиот Леон не сака да си замине, но може да се премисли во случај на малку време на теренот. „Црвените ѓаволи“ внимателно ја следат ситуацијата околу играчот и покрај потписот на Мејсон Маунт. Исто така, за играчот се заинтересирани уште 2-3 европски врвни клубови, кои се подготвени да го ангажираат доколку играчот биде достапен на трансфер пазарот.

Горецка (28) на 40 натпревари минатата сезона за Баерн во сите натпреварувања постигна шест гола и имаше шест асистенции. Проценетата цена на овој фудбалер е 45 милиони евра.


Баерн Минхен спремен да го доведе Чуамени за сто милиони евра

Баерн Минхен е подготвен да го направи најголемиот клупски трансфер, односно да платат рекорден износ за фудбалерот на Реал, Аурелио Чуамени.

Германскиот шампион е сигурен дека Реал Мадрид ќе ја прифати понудата, доколку таа отиде над 100 милиони евра за Чуамени.

Моменталниот трансфер рекорд во Баерн го држи Лукас Ернандез во 2019 година, кога Баерн Минхен за неговите услуги на Атлетико Мадрид му плати 80 милиони евра.

Но во Реал Мадрид откако ова лето потрошија нешто повеќе од 130 милиони евра за трансферите на Џуд Белингем, Арда Гулер, Фран Гарсија и Хоселу, Реал сега има ограничен буџет и по се судејки, ќе мора да продадат некој за да купат уште нешто.