feature

Наби Кеита од Ливерпул ќе биде замената за Брозовиќ во Интер

Интер започнал преговори со играчот на Ливерпул, Наби Кеита.

28-годишниот играч од средниот ред е на излезните врати во Ливерпул и на лето ќе си замине како слободен агент. Откако стана јасно дека нема да го продолжи договорот со Ливерпул започна битката за неговиот потпис, а најсилен интерес за него покажува Интер.

Спортскиот директор Аусилио имал средба со неговиот агент и почнал преговори, а „нероаѕурите“ наскоро ќе испратат официјална понуда.

Интер на лето сака да го продаде Брозовиќ, а раководството верува дека Кеита би бил идеална замена за Хрватот.


Два премиерлигаши го сакаат Феран Торес од Барса

Арсенал и Астон Вила се заинтересирани за играчот од средниот ред на Барселона, Феран Торес.

23-годишниот играч од средниот ред е еден од главните играчи на Барселона оваа сезона. За Барселона оваа сезона настапи на 29 натпревари во Ла Лига, постигнувајќи четири гола и една асистенција. Сепак, според информациите од Шпанија, поради финансиските проблеми и желбата да го вратат напаѓачот на ПСЖ, Лионел Меси, Каталонците ова лето може да го продадат Шпанецот.

Се известува дека за услугите на Феран Торес се заинтересирани два клуба, англиските премиерлигаши Арсенал и Астон Вила. Тренерот на Арсенал, Микел Артета го познава Торес од неговото искуство во Манчестер Сити, додека Астон Вила би можела да го привлече 23-годишниот Шпанец назначувајќи го директорот Матеу Алемани, кој неодамна ја напушти Барселона. Феран Торес помина година и пол во Манчестер Сити. Заедно со „граѓаните“ го освои шампионатот на Англија и Лига Купот.


Сари го кани Зиелински во римски Лацио

Маурицио Сари, се обидува да го убеди играчот од средниот ред на Наполи, Пјотр Зиелински да му се приклучи на неговиот Лацио.

Истиот извор вели дека, Сари има намера да го покани својот поранешен играч во Лацио затоа што ќе следува веројатното заминување на играчот од средниот ред Сергеј Милинковиќ-Савиќ од римскиот клуб.

Зиелински наводно не сака да го напушти својот сегашен клуб. Фудбалерот има намера да го продолжи договорот со Наполи со подобрени услови.

Сари веќе соработуваше со Зиелински за време на неговиот престој во наполитанскиот клуб. Полјакот беше еден од клучните играчи во тимот.


Тотенхем го посакува Рубен Аморим за нов менаџер

Челниците на фудбалскиот состав Тотенхем размислуваат да испратат понуда за тренерот на Спортинг Лисабон, Рубен Аморим.

38-годишниот Португалец исто така сака да се пресели во клубот од северен Лондон. Поранешниот репрезентативец на „европските бразилци“ седеше на клупата на Бенфика од 2008 до 2017 година а потоа беше тренер на Каса Пиа и Брага.

„Спарси“ по заминувањето на Антонио Конте, улогата на времен тренер му ја доделија на Рајан Мејсон.


Артета има две летни жеби: Рајс и Диаби

Менаџерот на фудбалерите на Арсенал, Микел Артета, планира во текот на летото да ги купи Деклан Рајс и Муса Диаби, пренесува весникот – „Дејли мејл“.

Играчот од средниот ред на Вест Хем и претходно се поврзуваше со трансфер на „Емирати“ додека Муса Диаби од Баер Леверкузен, дури сега го привлече вниманието на шпанскиот тренер.

Францускиот крилен напаѓач во тековнава сезона има 9 голови и 8 асистенции во 29 натпревари во Бундеслигата . Неговата цена на трансфер-пазарот е околу 60 милиони евра.


Меси преговара за трансфер кој ќе биде светски рекорд!

Англиски „Телегаф“ пишува дека Лионел Меси наводно е во преговори за преселба во Саудиска Арабија за неверојатни 320 милиони фунти годишно. 35-годишниот фудбалер треба да го напушти Пари Сен Жермен на крајот на сезоната кога ќе му истече договорот по две години во клубот.

Аргентинскиот репрезентативец веќе отворил разговори за неговиот иден потег со Саудијците, каде беше на мини-одмор и изминатиот викенд. Според „Дејли Телеграф“, Меси е во преговори со саудиската влада за договор кој ќе биде нов светски рекорд во фудбалот.

Евентуалниот „дил“ на Меси ќе биде поголем и од мега-договорот на Кристијано Роналдо потпишан со Ал Наср вреден 175 милиони фунти годишно.


Тод Боели не е загрижен: Челзи е долгорочен проект

Лошата серија на Челзи по заминувањето на Томас Тухел продолжува. Ниту Греам Потер кој го наследи, ниту пак, Франк Лампард кој сега седи на клупата, не успеаја да ги вратат „сините“ на победничките патеки.  

Таа ситуација се чини воопшто не го тангира сопственикот на клубот, Тод Боли. Тој вели дека фудбалот во секоја земја има пазар и секој од нив е различен.

„Има пазар во Португалија, еден во Франција и еден во Англија. Јасно е дека треба да изградиш тим. Мислам дека научивме многу“, изјави Боли.


Ребиќ се враќа во Германија, Волфсбург фаворит за неговиот потпис

Анте Ребиќ на крајот на сезоната најверојатно ќе го напушти Милан и ќе се врати во Бундеслигата, пренесуваат медиумите на Апенините.

„Росонерите“ се спремни да го продадат Ребиќ, кој игра лоша сезона и главно е на клупата за резерви. Најсилен интерес за него покажува Волфсбург каде тренерот Нико Ковач одлично го познава и го сака во својот тим.

Милан го проценува Хрватот на 15 милиони евра, сума која Волфсбург е спремен да ја плати.

Тоа за Ребиќ ќе биде враќање во Бундеслигата бидејќи својата фудбалска афирмација ја доживеа во Ајнтрахт Франкфурт.


Мане и Гнабри заминуваат од Баерн ова лето

Баерн Минхен е спремен летово да ги продаде Садио Мане и Гнабри.

Мане е незадоволен во Германија, не се снајде најдобро во Баерн, а инцидентот во соблекувалната и ударот на Лерој Сане е капка која ја пречи чашата. Баварците му соопштиле на неговиот агент дека слободно може да си бара нов клуб, а најсилен интерес покажува Пари Сент Жермен.

Проблемот со Серж Гнабри е падот на неговата форма, а раководството на клубот верува дека сега е идеален момент за негова продажба.

Гнабри исто така сака да ја промени средината, а има понуди од Премиер лигата.


Хаверц заминува од Челзи, Баерн фаворит за неговиот потпис

Каи Хаверц на лето би можел да го напушти Челзи, пренесуваат англиските медиуми.

Германецот оваа сезона не игра на препознатливото ниво, а медиумите тврдат дека сака да ја промени средината на крајот на сезоната. Хаверц веќе го известил раководството на Челзи кое му порачало дека слободно може да си бара нов клуб.

Хаверц има договор со „сините“ за уште две години, а Челзи нема да се противи на неговото заминување и му поставил цена од 60 милиони фунти.

Германските медиуми пренесуваат дека Хаверц е голема желба на тренерот на Баерн Минхен, Томас Тухел, кој имаше одлична соработка со него на „Стенфорд Бриџ“.