feature

Македонија до 17 години минимално поразена од Кипар во Радовиш

Македонската репрезентација до 17 години загуби со минимални 0:1 од селекцијата на Кипар на пријателскиот натпревар одигран денеска на Градскиот стадион во Радовиш.

Нашите млади фудбалери предводени од Влатко Колев имаа неколку добри прилики за постигнување гол, но немаа реализација.

Кирјакос Кристодолу го постигна единствениот погодок на натпреварот во 70. минута од мечот.

Андреј Цветковски во 32. минута и Мартин Џангаровски во 37. минута имаа добри обиди во првото полувреме, Папалиски и Михајловски се заканија во продолжението, но поуспешен беше гостинскиот голман.

Македонија до 17 години: 1. Суљовиќ Амин (Г), 2. Џангаровски Мартин, 3. Цветковски Филип, 4. Бајрами Анес, 5. Иванов Марко, 6. Михајловски Грегоријан (К), 7. Руфати Сеид (45’ 17. Лука Кнежевиќ), 8. Љачка Бленди (63’ 20. Ендрит Ганиу), 9. Папалиски Васко (82’ Алек Чедомирски), 10. Цветковски Андреј, 11. Ракипи Сонер (38’ 18. Марко Мирчевски). Селектор: Влатко Колев;

Кипар до 17 години: Николас Георгиу (Г), 2. Сотирис Панаги, 3. Александрос Мидлентон, 4. Мариос Тоумбас (К), 5. Андреас Димитриу, 6. Константинос Литрагкомитис, 7. Александрос Герокалис, 8. Карлосасанте Кристодолидес, 9. Ромпертос Ротис, 10. Максимос Оиконому, 11. Давид Герасиму.

Македонија и Кипар ќе се соочат и во четврток, исто така, на стадионот во Радовиш од 13:00 часот.


Интер и Милан сакаат да го купат „Сан Сиро“

Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изјави дека Интер и Милан постигнале договор за купување на стадионот „Сан Сиро“.

„Во среда ќе одиме во градскиот совет со резолуција за продажба на „Сан Сиро“, бидејќи всушност постигнавме договор со клубовите. Новиот стадион мора да биде готов до 2031 година, бидејќи УЕФА ни кажува дека нема да го смета Милано како место за натпревари од Евро 2032 ако Сан Сиро остане ваков“, изјави градоначалникот Сала за „АНСА“.

Тој додаде дека продажбата на стадионот треба да биде одобрена до крајот на месецот.

Европското првенство во 2032 година ќе се одржи во Италија и Турција.


Калчолигашите се распрашуваат за Угарте

Клубовите од Серија А покажуваат интерес за фудбалерот од средниот ред на Манчестер јунајтед, Мануел Угарте.

Според инсајдер Фабрицио Романо, англискиот клуб има намера да се раздели од 24-годишниот Уругваец само со продажба на неговите спортски права, не се разгледува позајмица. Манчестер јунајтед може да побара до 60 милиони евра за играчот.

Во сезоната 2024/25, Угарте постигна два гола и направи шест асистенции во 45 натпревари на сите турнири. Неговиот договор важи до 30 јуни 2029 година.

„Transfermarkt“ ја проценува трансферната вредност на играчот на 45 милиони евра.


Митревски: Било каков и да е, ПСЖ е европски гигант

Ракометарите на Еурофарм Пелистер го одработија последниот тренинг пред првото гостување сезонава во Лигата на шампионите. Пред утрешниот пат за Париз и дуелот со ПСЖ, со новинарите зборуваа тренерот Гарабаја и голманот Митревски.

Рубен Гарабаја
(тренер на Еурофарм Пелистер)

Мораме да се фокусираме на самите себеси, за да напредуваме секојдневно. Треба да се фокусираме на добрите страни на ПСЖ и да го дадеме најдоброто од себе. Да се обидеме да бидеме ефективни и ништо да не му биде лесно на ривалот. ПСЖ има супер-тим, со супер-ракометари и одличен тренер. Добро е што играме со нив на почетокот на сезоната, бидејќи секојдневно ќе напредуваат. Во Париз нема да ги имаме нашите навивачи, нашиот осми играч, но сигурно ќе ја почувствуваме нивната поддршка.

Никола Митревски
(ракометар на Еурофарм Пелистер)

Било каков и да е ПСЖ се работи за гигантот во спортот и во ракометот. Можеби имаат и најголем буџет во Лигата на шампионите оваа сезона. Ние се подготвуваме гледајќи на самите себе, имаме своја тактика. Подобро е кога се победува, се зголемува самодовербата на играчите, расте психичкиот момент кај секој играч и добро е што ги победивме Вардар 1961 и Загреб и освоивме два бода во ЛШ. Одиме малку порастеретени на гостински терен во Париз.

Било која победа или бод освоен во гости добро ќе ни дојде. Не треба уште одсега да правиме калкулации, туку да мислиме натпревар по натпревар. Треба да ја играме својата игра, па што биде – нека биде.


Бобан Николов се врати во Фарул Костанца

Македонскиот фудбалер Бобан Николов се враќа во Романија и тоа во редовите на Фарул Костанца, клуб кој е наследник на Академија Хаџи каде што Николов настапуваше пред 12 години.

Во Фарул тој пристигнува од Борац Бања Лука, а покрај Академија Хаџи, Николов во Романија еден период беше дел и од Стеуауа, па така е добро познато име во романскиот фудбал.

Николов зад себе има богато искуство во повеќе европски клубови, меѓу кои Вардар, Виториул, Видеотон, Лече, Шериф Тираспол, МОЛ Фехервар и Кишварда.

За македонската репрезентација има 49 настапи и четири погодоци, а последниот меч во националниот дрес го одигра во 2022 година против Азербејџан.


„Лавовите“ ја срушија Брера и запишаа значајни три бода

Во рамки 6. коло од Првата лига, кое се игра неделава, екипата на Македонија Ѓ.П. на домашен терен славеше над АП Брера од Струмица со конечни 2-0.

Во натпревар во кој домаќинот имаше далеку повеќе од играта, создаде повеќе шанси и постигна два гола, Македонија Ѓ.П. покажа дека полека, но сигурно излегува од почетната резултатска криза во овогодинешниот шампионат и започнува да собира бодови.

Од самиот старт беше јасно кој ќе доминира. Домаќините имаа повеќе од играта, поголемиот дел од времето го поминаа на противничката половина, а во 17. минута, по асистенција на Клинтон, Симеон Христов со акробатски потег го совлада Вргов од непосредна близина.

Овој гол не ги задоволи „лавовите“, кои продолжија со нападите, но не успеаја да реализираат уште еднаш во првиот дел.

По паузата, АП Брера направи измени кои донесоа свежина во нивната игра. Струмичани почнаа да играат далеку подобро и да останеа со сите единаесетмина на теренот, можеби натпреварот ќе добиеше поинаков епилог. Сепак, во 53. минута Хасан доби втор жолт картон и автоматско исклучување.

Со играч помалку Брера не успеа да парира, па во 72. минута Мартин Талаков, по одлична асистенција од левата страна, изби сам пред Вргов и погоди со помош на стативата.

Со овој триумф Македонија Ѓ.П. ја запиша втората победа сезонава и стигна до шестиот бод, додека Брера во моментов има бод помалку.


Нико Паз пред две опции: Враќање во Мадрид или дебела продажба

Медиумите од Италија пренесуваат дека талентираниот Нико Паз летоска ќе има две опции, да се врати во Реал Мадрид или да направи богат трансфер.

Нико Паз минатата сезона прикажа импресивни партии во дресот на Комо, па го привлече вниманието на неколку клубови.

Аргентинецот на крајот остана во Комо, но се чини дека летото во 2026 сигурно ќе направи трансфер.

Како што пренесува Газета дело Спорт, Нико Паз има две опции – да се врати во Реал Мадрид и да се бори за место во тимот на Чаби Алонсо, или да направи богат трансфер.

„Кралевите“ имаат клаузула според која можат да го вратат офанзивниот фудбалер во своите редови за само 10 милиони евра.

Доколку едно вакво сценарио не се реализира, Нико Паз ќе направи богат трансфер – почетната цена ќе биде 70 милиони евра.


Каи Џонс директно од НБА лигата се сели во Анадолу Ефес

Кошаркарот од Бахамите, Каи Џонс пристигна во тимот на Анадолу Ефес и ќе биде замена за Венсан Поарие, кој се повреди за време на Евробаскетот и ќе отсуствува до јануари.

Интересно е што токму тогаш Џонс ќе има можност да го прекине договорот и да се врати во НБА лигата.

Висок е 211 сантиметри, а договорот со турскиот гигант ќе трае до јуни наредната година.

Минатата сезона тој настапуваше за Далас Маверикс и Лос Анџелес Клиперс, но имаше многу ограничена улога во двата тима.

Во НБА лигата дебитираше во 2021 година како деветнаесетти пик избран од Шарлот Хорнетс. Таму мина две сезони и стана препознатлив по необичниот изглед, особено по сината коса.


Дибала се повреди баш пред римското дерби

Ѕвездата на Рома, Пауло Дибала, дефинитивно ќе го пропушти дербито со Лацио. Тој доби повреда на неделниот меч со Торино одигран во рамките на Серија A.

Аргентинецот нема да игра и на првиот натпревар против Ница во Лига Европа и против Верона во рамките на домашниот шампионат на 28 септември.

Дибала претходно имаше поголема пауза бидејќи ја оперираше тетивата.


Башкими му го нанесе првиот пораз на Силекс

Екипата на Башкими ја забележа втората победа на домашен терен и ја прекина серијата од пет победи на Силекс (2-1).

Домаќините од Куманово имаа лесна иницијатива на почетокот од натпреварот, но првата вистинска шанса ја видовме дури во 21. минута. По центаршут од десната страна, Ајдоган асистираше до Аворнио, кој во вториот обид успеа да го совлада голманот Џеков за водство од 1-0.

Башкими продолжи со притисокот и само шест минути подоцна Хоџиќ влезе во шеснаесетникот и шутираше силно, но гостинскиот голман беше на вистинското место.

Во 35. минута, по брз контранапад на Силекс, Мирчевски асистираше во шеснаесетникот, но напаѓачот Алич не успеа да ја насочи топката кон голот на Башкими, бидејќи беше блокиран од Фисник Зука.

Гостите ја имаа најдобрата прилика за израмнување во 43. минута, кога Бутуровиќ нафрли во опасната зона, а Мигуел Пирес со глава ја насочи топката кон голот. Голманот Јашар со извонредна интервенција ја испрати во корнер. Во продолжението на акцијата, Мирчевски шутираше од 20 метри, но Јашар повторно беше сигурен и спречи израмнување.

Во второто полувреме Башкими продолжи во исто темпо и во 53. минута успеа да го зголеми водството. Алексовски се најде на вистинското место и ја погоди мрежата за 2-0.

Во 60. минута домаќините останаа со играч помалку, откако Фисник Зука доби втор жолт картон и беше исклучен. Веќе во првата акција по исклучувањето, Силекс намали на 2-1. Додев нафрли кон далечната статива, каде што Мигуел Пирес непречен со глава погоди.

Во 72. минута Пирес повторно се закани со силен удар од десната страна, но Јашар одново беше сигурен. Десет минути подоцна, Тимовски се обиде од 16 метри, но топката заврши над пречката.

Во самата завршница, Силекс имаше идеална шанса за израмнување, но Матески не беше прецизен и резултатот остана 2-1.

Во 7. коло, Башкими ќе гостува во Битола против Пелистер, додека Силекс ќе ја пречека Струга Трим Лум во Кратово.