feature

Бензема го продолжува договорот со Реал

Шпанскиот весник „АС“ објави дека фудбалерот на Реал Мадрид, Карим Бензема, ќе го продолжи договорот со клубот на уште една сезона.

Челниците на „кралскиот клуб“ веруваат дека Бензема има уште потенцијал кој може да го пренесе во екипата до 2024.година.

Актуелниот договор на Французинот со Реал истекува на 30.јуни, а според информациите 35-годишниот фудбалер ги прифатил условите за нов договор после победата на екипата против Челзи во четвртфиналето од Лигата на шампионите.

Освојувачот на Златната топка е еден од најважните играчи на Реал во последните години, и е втор најдобар стрелец во историјата на клубот.

Деталите околу новиот договор се очекува да бидат објавени за неколку дена.


Хоакин најави крај на кариерата

Легендата на шпанскиот фудбалски клуб Бетис, Хоакин Санчез, одлучи на крајот од сезоната да ја заврши својата професионална кариера.

Зелено-белите од Севиља одлуката на капитенот ја објавија преку Инстаграм пост во кој се вели:

„Икона, мит, неповторлив фудбалер кој на крајот од сезоната ќе се прости од играчката кариера“.

Хоакин својата сениорска кариера ја започна во 1999.година во Б тимот на Бетис за потоа да заигра за првата екипа на овај клуб. После Бетис, тој имаше настапи и за Валенсија, Малага и Фиорентина.

41-годишниот фудбалер е рекордер на Бетис по бројот на настапи со вкупно 521 натпревар,  а има постигнато 112 гола и 102 асистенции. За репрезентацијата на Шпанија одигра вкупно 51 натпревар со постигнати четири гола.


Вест Хем го контактирал Потер за наследник на Мојс

По отказот во Челзи, Грем Потер би можел повторно да води клуб од Лондон. Вест Хем игра катастрофална сезона во која се надеваат на опстанок во друштвото на најдоброто, а според најавите Дејвид Мојс наскоро ќе плати за лошите резултати.

По четири години, Мојс според најавите на британските медиуми ќе биде семенет. „Чеканите“ ја подобрија својата форма во последно време и се четири бода над опасната зона, но тоа е слаба утеха за лондонскиот клуб.

Имињата кои се најавуваат како можни наследници на Мојс се Брендан Роџерс, Пауло Фонсека и Грем Потер.

Роџерс и Потер добија откази од Лестер и Челзи, но можеби некој од нив нема да чека долго на нова работа. Од друга страна на Фонсека добро му оди со Лил со кој се бори за излез во Европа.


Емил Рајковиќ е најдобар тренер во ВТБ лигата

Емил Рајковиќ вторпат во својата кариера е прогласен за тренер на сезоната во регионалната ВТБ лига.

Рајковиќ признанието го доби пред вчерашниот натпревар во полуфиналната серија против Локомотив Кубан кој неговиот тим го загуби со 83-84.

Со ЦСКА, Рајковиќ собори дури пет рекорди: Најдобар старт на сезоната (24-0), најдолга низа победи (24), 30 победи во основниот дел од сезоната (30), 14 натпревари со 100 или повеќе поени и најдобар напад во историјата со просек од 95,6 поени по натпревар.

Во регуларниот дел од првенството ЦСКА стигна до 30 победи во 32 натпревари, додека во првата рунда од плеј-офот го елиминираа Саратов со 3-0.

Треба да се истакне дека Рајковиќ е само втор тренер во историјата на ВТБ лигата кој повеќе од еднаш бил тренер на сезоната, рекордер со четири сезони е Димитрис Итудис. Рајковиќ ова признание претходно го доби во 2019 година.


Канаѓанецот Дејвид прва цел на Баерн за следната сезона

Приоритет на Баерн Минхен во летниот преоден рок ќе биде доведување на врвен напаѓач.

Најновото име во списокот на Томас Тухел е голгетерот на Лил, Џонатан Дејвид.

23-годишниот Канаѓанец оваа сезона има постигнато 21 гола и 4 асистенции, па е мета на многу клубови ширум Европа. Тој веќе најави дека е спремен за чекор напред во кариерата и на лето сигирно ќе го напушти Лил, кој за неговата слобода бара 65 милиони евра.

Баерн сака да ја победи конкуренцијата и е спремен да ја плати оваа сума.


Фабиан Руиз по само една сезона заминува од Париз

Фабиан Руиз минатото лето беше еден од најбараните фудбалери на трансфер пазарот, а тој одлучи кариерата да ја продолжи во ПСЖ.

Шпанецот блескаше неколку сезони во Наполи, па интерес за него покажуваа Реал Мадрид, Барселона и Јувентус, но на крајот ПСЖ ја доби битката за неговиот потпис. „Светците“ за 24 милиони евра го доведоа Шпанецот во Париз и со него потпишаа 4-годишна соработка.

Меѓутоа, Руиз не се снајде баш најдобро во Париз и во системот на игра на Галтие, па сака да ја промени средината.

ПСЖ исто така е спремен да го продаде, а најсилен интерес за него покажуваат италијанските гиганти Јувентус и Милан.


Лапорт сигурно заминува од „Етихад“ ова лето

Емерик Лапорт готово сигурно ќе го напушти англискиот шампион Манчестер Сити на лето.

Поранешниот дефанзивец на Билбао го загуби првотимскиот статус во Манчестер Сити и поради тоа сака да ја промени средината. „Граѓаните“ за неговиот потпис платиија 65 милиони евра, но се спремни да го пуштат на лето ако пристигне добра понуда.

Ситуацијата будно ја следи Барселона, која покажува сериозен интерес за Шпанецот и ќе се обиде да го доведе на лето.

Лапорт дури е спремен да ја намали платата за да се пресели на „Камп Ноу“.


Мурињо фаворит за тренерското место во ПСЖ

ПСЖ летово ќе прави големи промени во тимот, а готово сигурно ќе има и тренерска смена.

Оваа сезона веќе ја сметаат за неуспешна во Париз и се во потрага по нов тренер, а веруваат дека Жозе Мурињо би бил идеално решение. Спортскиот директор Луис Кампос веќе го убедува Мурињо да ја напушти Рома и да седне на кормилото на „светците“.

 Мурињо честопати зборуваше за финансиските ограничувања во Рома и бара големи засилувања, па е спремен на лето да се пресели во Париз.

„Специјалниот“ гледа шанса за последно искуство со клуб кој е еден од најсилните во Европа и се стреми за освојување на Лигата на шампиони.


Нејмар се враќа на терените за три-четири месеци

Бразилскиот напаѓач на францускиот ПСЖ Нејмар до крајот на април би требало да се врати во тренинг базата на парискиот клуб.

Според париските весници, Нејмар, кој моментално е во Бразил, ќе пристигне во Париз и ќе го продолжи опоравувањето од тешката повреда. Напаѓачот ќе се подготвува за следната сезона.

ПСЖ претходно потврди дека Нејмар повеќе нема да игра оваа сезона поради повреда на лигаментите на коленото. Се очекува да пропушти три до четири месеци.

31-годишниот Нејмар оваа сезона одигра 29 настапи за ПСЖ, постигнувајќи 18 гола и 17 асистенции. Договорот на Бразилецот со парискиот клуб е до летото 2025 година.


Хрватот Бјелица пред промоција во Трабзонспор

Трабзонспор го избрал новиот тренер, а тоа веројатно ќе биде Хрватот, Ненад Бјелица.

Хрватскиот стратег ќе го преземе актуелниот турски шампион и тој веќе е во Турција, деталите помеѓу двете страни се договорени и се очекува наскоро се да биде официјализирано.

Бјелица се најавуваше како нов тренер во Динамо Загреб откако од таму си замина Игор Бишчан, меѓутоа откако не излезе ништо од неговото враќање во хрватскиот гигант ги интезивираше преговорите со Трабзон.

Така Бјелица по работењето во неговиот мандат во Динамо со Аријан Адеми, сега ќе соработува и со Енис Барди во Турција. Претходниот стратег на Трабзон не беше најзадоволен од формата на Барди и се најавуваше дека македонскиот репрезентативец ќе си замине на лето, меѓутоа ќе видиме каква ќе биде ситуацијата сега со Бјелица.