feature

Инфантино со акламација доби нов четиригодишен мандат

Џани Инфантино ќе остане на престолот на ФИФА и во наредните четири години откако ја доби поддршката од сите 211 членки на светската фудбалска федерација.

Тој на 72-конгрес кој се одржува во Кигали, главниот град на Руанда, немаше против-кандидат. Швајцарецот беше главниот иницијатор наредниот Мундијал да се реализира со учество на 48 земји.

На конгресот беше и наша делегација предводена од првиот човек на ФФМ, Муамед Сејдини.


Премиерлигашите се „тепаат“ за Алексис Мекалистер

Ливерпул и Арсенал се силно заинтересирани за аргентинскиот репрезентативец и член  на Брајтон, Алексис Мекалистер.

Мекалистер, кој има ирски корени се промовираше во еден од најважните играчи на Аргентина на Мундијалот. 23-годишиот играч за врска пристигна во Брајтон од Бока Јуниорс за 12 милиони евра и неодамна го продолжи договорот со англискиот клуб до 2025 година.

Неговата цена после Мундијалот значително порасна, а споменатите клубови се спремни да понудат 40 милиони фунти за неговиот потпис.

Ливерпул и Арсенал се во потрага по квалитетен играч за врска, а Клоп и Артета се големи симпатизери на квалитетите на Мекалистер.


Јуве повторно „гризе“ за Џиџи Донарума

Џанлуиџи Донарума на лето би можел да се врати во Серија А, пренесуваат италијанските медиуми.

Донарума пред две години го напушти Милан и се пресели во ПСЖ како слободен агент. Во првата сезона беше резерва, а оваа сезона направи многу киксови. „Газета дело Спорт“ пренесува дека Италијанецот не е задоволен во Париз и би сакал да ја промени средината.

Интерес за него повторно покажува Јувентус и сака на лето да го доведе како замена за Шчешни.

Сепак, Донарума ќе мора да прифати значително намалување на платата, бидејќи моментално заработува 12 милиони евра, а Јувентус е спремен да му понуди 7 милиони плус бонуси.

Како алтернатива се споменува Емилијано Мартинез, кој стана светски шампион со Аргентина и сака да си замине од Астон Вила.


Бајчетиќ надвор од тимот на Ливерпул до крајот на сезоната

Фудбалерот од везниот ред на Ливерпул, Стефан Бајчетиќ, соопшти дека поради повреда нема да настапува за тимот до крајот на сезоната.

„За несреќа, заработив повреда која ќе ме оддалечи од фудбалските терени до крајот на сезоната. Многу е тешко на овај начин да ставам крај на оваа сјајна сезона, но разбирам дека дека се ова е дел од фудбалот и искуство кое ќе ме направи ментално и физички посилен. Сакам да му се заблагодарам на сите навивачи на Ливерпул за поддршката во текот на сезоната и ве уверувам дека ќе се вратам појак од било кога“, објави Бајчетиќ на својот Инстаграм профил.

18-годишниот фудбалер сезонава за Ливерпул запиша 19 настапи и постигна еден гол.


Наполи го продолжи договорот со Лоботка до 2027 година

Калчолигашот Наполи објави дека го продолжи договорот со играчот од средниот ред на екипата, Станислав Лоботка до јуни 2027година, со опција за плус една година.

Интернационалецот од Словачка сезонава стана еден од највлијателните играчи во екипата од Неапол, прикажувајќи одлични партии во Серија А и во Лигата на шампионите.

Лоботка е член на Наполи од јануари 2020 година кога пристигна од Селта Виго. Неговите настапи во екипата значително се подобрија после заминувањето од тимот на Фабиан Руиз.

Наполи е лидер на табелата во Серија А, и четвртфиналист во Лигата на шампионите.


Раул: Македонија ги има најдобрите навивачи во светот

Раул Гонзалез, кој во 2017 година со Вардар стана европски шампион, сè уште не може да ги искаже чувствата од историската титула со македонскиот тим.

Раул го однесе Вардар до првата титула во Европа, а потоа кажа дека навивачите во Македонија се најдобри во свет.

„Во 2014 година го преземав Вардар и тоа беше незаборавно искуство. Во 2016 година за малку не стигнавме во Ф4-турнирот, но следната сезона го освоивме трофејот. Имавме неверојатна сезона, ги победивме Барселона и ПСЖ.

Мора да признаам дека во Македонија беше навистина лудо. Македонците се најдобри во светот. Нивната поддршка и страста која ја имаат за спортот е нешто неверојатно“, вели Гонзалез.


Австрија доби договор на ГН во Формула 1 до 2027 година

Австрија ќе има Формула 1 трка барем до крајот на 2027 година, откако денеска беше објавено дека договорот на трката е продолжен за уште 4 години.

Трката се врати во календарот во 2014 година на „Ред Бул Ринг“ и во последниве години трката имаше огромен успех, со рекордна публика од 303.000 луѓе минатата година.

Големата награда на Австрија се покажа како една од најпопуларните трки за  навивачите на Макс Верстапен, кои имаат своја трибина на патеката во Грац.

Извршниот директор на Формула 1 Стефано Доменикали му оддаде почит на починатиот Дитрих Матешиц и неговите напори да ја врати Австрија во календарот на Формула 1. Италијанецот објасни дека „љубовта, страста и визијата“ на Матешиц го обезбедиле успехот на трката.


Реал Мадрид понудил 140 милиони евра за Белингем

Шпанските медиуми објавуваат дека фудбалскиот клуб Реал Мадрид ги засилува напорите за да го обезбеди потписот со еден од најдобрите млади фудбалери во светот, Џуд Белингем, кој настапува за Борусија Дортмунд.

Според објавите на весникот Спорт, “кралскиот клуб’, доставил официјална понуда за Англичанецот во висина од 140 милиони евра, од кои 100 милиони фиксно и 40 милиони во бонуси.

Веста за понудата уште не е потврдена од шпанскиот клуб, а нема објавени детали ниту од претставниците на играчот.

За Белингем постои огромен интерес и од англискиот фудбалски гигант Ливерпул.


Рамос има понуда да ја продолжи кариерата во МЛС лигата

ПСЖ е заинтересиран да го задржи Серхио Рамос . Договорот на шпанскиот дефанзивец со парижаните истекува следното лето, а фудбалерот во рацете има понуда од американската МЛС лига. Во исто време, ПСЖ планира да упати нова понуда за соработка до Рамос, информира шпанскиот „Sport.es“.

Познато е дека 36-годишниот Шпанец со својата игра во последно време го убеди раководството и стручниот штаб за да размислуваат за продолжување на соработката. Покрај тоа, Рамос почна да добива помалку повреди, што му овозможува да игра постојано. Сега парижаните не се расположени да го пуштат Серхио Рамос.

Договорот на 36-годишниот Рамос со ПСЖ истекува следното лето. За парижаните игра од 2021 година. Вкупно, Шпанецот одигра 46 натпревари за ПСЖ, на кои постигна четири гола и една асистенција.


Ал Хилал му нуди на Меси договор од 220 милиони евра?

Спортскиот весник Марка пренесува дека челниците на саудискиот клуб Ал Хилал се подготвени да му понудат 220 милиони евра по сезона на Аргентинецот Лионел Меси.

Од Марка пренесуваат дека доколку Меси ја прифати понудата и потпише повеќегодишен договор, дел од парите би ги добил по основ на договор, а дел како маркетинг активности.

Според информациите, најдобриот аргентински фудбалер во моментов не бил премногу заинтересиран за преселба во Саудиска Арабија, но неговиот татко е фотографиран во Ријад каде имал разговори со тамошни официјални лица. Лионел Меси има договор со ПСЖ до 30.јуни оваа година.

За потсетување, Португалецот Кристијано Роналдо на почетокот од оваа година потпиша договор со клубот Ал Наср за кој ќе настапува до 2025.година.