feature

Наполи бара 50 милиони за да го продаде Елмас

Елиф Елмас веќе четири години го носи дресот на калчолигашот Наполи, период во кој имаше подеми и падови, но секогаш кога ќе му беше дадена вистинска прилика тој секогаш одговораше на вистински начин за доброто на екипата.

Офанзивецот има договор до 30 јуни 2025 година и засега нема најави за негово заминување, меѓутоа ако некој се реши да притисне и сака да го ангажира тогаш ќе мора да плати најмалку 50 милиони евра.

„Елмас е еден од највредните фудбалери на Наполи и има нова цена. Од 50 милиони евра и никој не сака да чуе за толку пари. Сега можеби и ќе се најде купувач, ама никако за помалку од ова“, порачал италијанскиот новинар Франческо Модуњо.


Клоп: Секако дека сме во криза

Англискиот вицешампион Ливерпул, после освојувањето на двата домашни купа и поразот во финалето од Лигата на шампиони, оваа сеозна забележува очајни резултати. Тимот во моментот е на разочарувачкото 10-место во Премиер лигата, и веќе испадна од сите домашни купови.

„Секако дека сме во криза, и не се лажеме околу тоа. Мора да излеземе од неа и тоа е она што го правиме. Можете да критикувате, но не одете кај погрешни луѓе. Јас сум одговорен за се, и ако  сакате да критикувате тогаш критикувајте ме мене, јас немам проблем со тоа. Не знам колку минатата сезона влијаеше на играчите физички и психички, но знаеме дека беше напорно, но од наша гледна точка, ако страдаш од нешто, можеш да продолжиш да страдаш или да се бориш со тоа“, изјавува Клоп.

Ливерпул победи само на еден натпревар во 2023 година, и тоа во репризата од третото коло на ФА Купот против Волвс, па клубот ќе мора што поскоро да ја крене својата форма ако сака пласман во ЛШ наредната година.


Луис Диаз очекува да биде подготвен за реваншот со Реал во Лигата на шампионите

Фудбалерот на Ливерпул, Луис Диаз очекува навреме да се опорави за реваншот на „црвените“ против Реал Мадрид во Лигата на шампионите. Првата средба меѓу двата тима е на 21 февруари на Енфилд, а реваншот на Сантијаго Бернабеу е на 15 март.

Интернационалецот од Колумбија заработи повреда на коленото на мечот со Арсенал уште во октомври и оттогаш нема настапи за Ливерпул. Тој претходно продолжи со тренинзите со екипата на подготовките во Дубаи, но ја обнови повредата и мораше повторно да се опоравува.

„Да почекаме да видиме кога ќе се вратам на теренот. Ќе биде одлично ако тоа се случи на Бернабеу“, изјави 26-годишниот Диаз.


Три англиски клуба заинтересирани за Ансу Фати од Барса

Младиот крилен напаѓач на Барселона, Ансу Фати е еден од најбараните фудбалери на трансфер пазарот во моментов.

20-годишниот Фати следното лето најверојатно ќе биде ставен на продажба од управата на Барселона, а во битка за негов потпис ќе се борат неколку англиски клуба.

Споре новинарот Фабрицио Романо, премиерлигашите Ливерпул, Челзи и Арсенал, имаат сериозен интерес за Фати, и ја разгледуваат можноста за негово доведување во своите редови.

Споменатите  клубови веќе стапиле во контакт со агентот на играчот за да ја истражат можноста за негов потенцијален трансфер, а подетални преговори се очекуваат по завршувањто на сезоната.


Реал Мадрид е нов светски клупски шампион

Екипата на Реал Мадрид е освојувач на титулата од Светското клупско првенство.

„Кралскиот клуб“ во финалето кое се одржа во Рабат-Мароко, го победи Ал Хилал од Саудиска Арабија со резултат 5:3.

Реал трофејот го освојува по осми пат – 1960, 1998, 2002, 2014, 2016, 2017, 2018, 2022 година. Во полуфиналето од турнирот, освојувачот на европската Лига на шампиони го совлада египетскиот Ал Ахли, со 4:1, а азискиот шампион Ал Хилал направи право изненадување и го елиминира фаворитот од Бразил, Фламенго со 3:2.

Наградата „Златна топка“ за играч број 1 на Светското клупско првенство ја доби Винициус Жуниор, кој на двата меча на турнирот постигна три гола и една асистенција. „Сребрената топка“ му припадна на неговиот соиграч Федерико Валверде, кој исто така постигна три гола.

Стрелци за Реал во финалето беа  Винициус Жуниор, Феде Валверде и Карим Бензема, додека за екипата на Ал Хилал головите ги постигнаа Муса Марега, и Лусиано Вието.


Атлетико бара астрономска сума за откуп на Жоао Феликс

Жоао Феликс се пресели во Челзи, каде ќе игра на позајмица со крајот на сезоната.

Феликс сакаше да ја промени средината, па Атлетико се согласи да го пушти на позајмица, но без дефинирана опција за откуп на крајот на сезоната. „Мундо Депортиво“ пренесува дека „јорганџиите“ ја поставиле цената и за откуп на Португалецот од Челзи ќе бараат 140 милиони евра.

Жоао Феликс пристигна во Атлетико Мадрид во 2019 година од Бенфика за 127 милиони евра како најскап играч во историјата на клубот.

Меѓутоа, тешко е да се поверува дека после слабите сезони Челзи ќе се согласи да ја плати бараната сума.


Милан спремен да отпочне преговори со Дани Олмо

Милан покажува сериозен интерес за ѕвездата на Лајпциг, Дани Олмо, пренесуваат италијанските  медиуми.

Олмо игра одлично во Лајпциг каде оваа сезона има постигнато 4 гола и 6 асистенции, а покажа добри партии и на Мундијалот. Олмо на лето влегува во последната година од договорот, па Милан сака да ја искористи таквата ситуација и да го доведе на „Сан Сиро“.

Шпанецот може да игра на сите позиции во нападот, па поради тоа е на врвот на листата желби на „росонерите“.

Италијанскиот шампион е спремен да понуди 40 милиони евра за неговиот потпис и веќе стапиле во контакт со неговиот агент.


Тен Хаг без Антони, Марсијал и МекТоминеј против Барса

Манчестер Јунајтед и понатаму има проблем со повредени фудбалери.

Тен Хаг потврди дека нема да може да смета на Антони, Марсијал и МекТоминеј за мечот со Лидс викендов, како и за мечот со Барселона во Лига Европа.

„Не очекувам никој од Антони, Марсијал и Мектомини да биде спремен за недела. Не можам да кажам 100%, но претпоставувам дека ќе го пропуштат и мечот со Барселона. Оваа сезона календарот е многу натрупан и ситуацијата со повредите е нормална, такви работи се случуваат во фудбалот“, изјави Тен Хаг.


Атлетико Мадрид и Барса го сакаат Ињиго Мартинез од Билбао

Барселона и Атлетико Мадрид ќе водат голема битка за дефанзивецот на Атлетик Билбао, Ињиго Мартинез следното лето, пренесува „Спорт“.

Дефанзивецот беше трансферна цел на Барселона и минатото лето, но трансферот не се реализираше бидејќи Каталонците успеаа да го договорат Жил Кунде. Меѓутоа, Чави не се откажува од Мартинез и ќе се обиде да го доведе на „Камп Ноу“ по завршување на сезоната.

Сега договорот на Мартинез истекува и тој може без обештетување да се пресели во Барселона.

Сепак, Каталонците ќе имаат сериозна конкуренција бидејќи Атлетико Мадрид е силно заинтересиран и веќе работи на трансферот.


Роман Абрамович купува нов фудбалски клуб

Рускиот милијардер и поранешен сопственик на Челзи, Роман Абрамович, купува фудбалски клуб во Бразил.

Според некои информации од бразилските медиуми, Абрамович сакал повторно да се врати во фудбалот, и одлучил да го купи клубот Лондрина, кој се натпреварува во втората бразилска лига.

Порано постоеја шпекулации дека Русинот сака да купи еден клуб од Истанбул, а се споменуваа и клубовите Сао Паоло и Атлетико Минеиро, но тие вести беа демантирани од неговата прес служба.

Абрамович беше сопственик на Челзи од 2003. до 2022.година, кога поради воениот конфликт во Украина, мораше да го продаде клубот и да ја напушти Англија.