feature

Реал Мадрид е нов светски клупски шампион

Екипата на Реал Мадрид е освојувач на титулата од Светското клупско првенство.

„Кралскиот клуб“ во финалето кое се одржа во Рабат-Мароко, го победи Ал Хилал од Саудиска Арабија со резултат 5:3.

Реал трофејот го освојува по осми пат – 1960, 1998, 2002, 2014, 2016, 2017, 2018, 2022 година. Во полуфиналето од турнирот, освојувачот на европската Лига на шампиони го совлада египетскиот Ал Ахли, со 4:1, а азискиот шампион Ал Хилал направи право изненадување и го елиминира фаворитот од Бразил, Фламенго со 3:2.

Наградата „Златна топка“ за играч број 1 на Светското клупско првенство ја доби Винициус Жуниор, кој на двата меча на турнирот постигна три гола и една асистенција. „Сребрената топка“ му припадна на неговиот соиграч Федерико Валверде, кој исто така постигна три гола.

Стрелци за Реал во финалето беа  Винициус Жуниор, Феде Валверде и Карим Бензема, додека за екипата на Ал Хилал головите ги постигнаа Муса Марега, и Лусиано Вието.


Атлетико бара астрономска сума за откуп на Жоао Феликс

Жоао Феликс се пресели во Челзи, каде ќе игра на позајмица со крајот на сезоната.

Феликс сакаше да ја промени средината, па Атлетико се согласи да го пушти на позајмица, но без дефинирана опција за откуп на крајот на сезоната. „Мундо Депортиво“ пренесува дека „јорганџиите“ ја поставиле цената и за откуп на Португалецот од Челзи ќе бараат 140 милиони евра.

Жоао Феликс пристигна во Атлетико Мадрид во 2019 година од Бенфика за 127 милиони евра како најскап играч во историјата на клубот.

Меѓутоа, тешко е да се поверува дека после слабите сезони Челзи ќе се согласи да ја плати бараната сума.


Милан спремен да отпочне преговори со Дани Олмо

Милан покажува сериозен интерес за ѕвездата на Лајпциг, Дани Олмо, пренесуваат италијанските  медиуми.

Олмо игра одлично во Лајпциг каде оваа сезона има постигнато 4 гола и 6 асистенции, а покажа добри партии и на Мундијалот. Олмо на лето влегува во последната година од договорот, па Милан сака да ја искористи таквата ситуација и да го доведе на „Сан Сиро“.

Шпанецот може да игра на сите позиции во нападот, па поради тоа е на врвот на листата желби на „росонерите“.

Италијанскиот шампион е спремен да понуди 40 милиони евра за неговиот потпис и веќе стапиле во контакт со неговиот агент.


Тен Хаг без Антони, Марсијал и МекТоминеј против Барса

Манчестер Јунајтед и понатаму има проблем со повредени фудбалери.

Тен Хаг потврди дека нема да може да смета на Антони, Марсијал и МекТоминеј за мечот со Лидс викендов, како и за мечот со Барселона во Лига Европа.

„Не очекувам никој од Антони, Марсијал и Мектомини да биде спремен за недела. Не можам да кажам 100%, но претпоставувам дека ќе го пропуштат и мечот со Барселона. Оваа сезона календарот е многу натрупан и ситуацијата со повредите е нормална, такви работи се случуваат во фудбалот“, изјави Тен Хаг.


Атлетико Мадрид и Барса го сакаат Ињиго Мартинез од Билбао

Барселона и Атлетико Мадрид ќе водат голема битка за дефанзивецот на Атлетик Билбао, Ињиго Мартинез следното лето, пренесува „Спорт“.

Дефанзивецот беше трансферна цел на Барселона и минатото лето, но трансферот не се реализираше бидејќи Каталонците успеаа да го договорат Жил Кунде. Меѓутоа, Чави не се откажува од Мартинез и ќе се обиде да го доведе на „Камп Ноу“ по завршување на сезоната.

Сега договорот на Мартинез истекува и тој може без обештетување да се пресели во Барселона.

Сепак, Каталонците ќе имаат сериозна конкуренција бидејќи Атлетико Мадрид е силно заинтересиран и веќе работи на трансферот.


Роман Абрамович купува нов фудбалски клуб

Рускиот милијардер и поранешен сопственик на Челзи, Роман Абрамович, купува фудбалски клуб во Бразил.

Според некои информации од бразилските медиуми, Абрамович сакал повторно да се врати во фудбалот, и одлучил да го купи клубот Лондрина, кој се натпреварува во втората бразилска лига.

Порано постоеја шпекулации дека Русинот сака да купи еден клуб од Истанбул, а се споменуваа и клубовите Сао Паоло и Атлетико Минеиро, но тие вести беа демантирани од неговата прес служба.

Абрамович беше сопственик на Челзи од 2003. до 2022.година, кога поради воениот конфликт во Украина, мораше да го продаде клубот и да ја напушти Англија.


Одегард: Рано е во Арсенал да размислуваме за титула

Капитенот на фудбалскиот состав Арсенал, Мартин Одегард, верува дека „топчиите“ имаат простор за напредување иако неговиот тим е во пол-позиција во трката за шампионскиот пехар во Премиер конкуренцијата.

„Во битка сме за титулата, има уште долг пат и верувајте никој не размислува за месец мај. Ако сè уште има некој што не верува во тимов, слушнете од мене – нема ограничување за тоа што може да постигне. Никој не може да ме убеди во спротивното. Многу сум горд што сум капитен“, вели Норвежанецот. 

Арсенал во текот на викендот го очекува пресметка со Брентфорд а веднаш потоа и со Манчестер Сити.


Дел Пјеро го критикува начинот на игра на Влаховиќ

Влаховиќ пред една година пристигна во Јувентус како големо засилување за 85 милиони евра и од него се очекуваше многу.
Меѓутоа, оваа сезона Влаховиќ не ги оправдува во целост очекувањата, па почнаа да пристигнуваат критики.

Големата легенда на „бјанконерите“, Дел Пјеро отворено го критикуваше Србинот и вели дека неговиот проблем е можеби психолошки.

„Не ми се допадна како играше Влаховиќ, можеби психолошки проблем е во прашање, не знам, но мора да се земе во предвид дека секој не може да се носи со притисокот кој го носи дресот на Јувентус. Сите сме свесни дека Влаховиќ има капацитет да ги тресе мрежите повеќе од потребното“, изјави Дел Пјеро.

„Затоа не ми се допадна што во некои ситуации против Фрајбург, не се обиде да шутира. Важно е што Влаховиќ ужива доверба на тренерот Алегри и навивачите. Неопходно е да се остане мирен и да продолжи да работи“, додаде легендатa.


Ноер го очекува жестока казна од Баерн

Според пишувањата на германски „Билд“, Баерн Минхен подготвува жестока казна за голманот Мануел Ноер поради неговите јавни изјави против клубот, и против директорот Хасан Салихамиџиќ.

Челниците на баварскиот клуб планираат парична казна за Ноер во висина од 1.600.000 евра, одземање на капитенската лента, па дури се споменува и раскин на неговиот договор со Баерн.

Доколку овие информации се покажат како точни, тогаш ова ќе биде најголемата казна во историјата на овај германски фудбалски гигант.  


Гвардиола: Сити е веќе осуден

Тренерот на фудбалскиот клуб Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, изјави дека бранителот на титулата во Премиерлигата е веќе осуден во случајот на кршење на финансискиот фер-плеј.

Сити во понеделникот од беше обвинет за кршење на голем број финансиски прописи во период од девет години. Доколку биде прогласен за крив, клубот би можел да се соочи со парична казна, одземање на бодови, а во најлош случај со исфрлање од англиската Премиерлига.

„Моја прва мисла ми беше дека сме веќе осудени. Имаме среќа да живееме во прекрасна земја во која си невин додека не се докаже спротивното. Во овај случај мислам дека не е така, бидејќи сме предвреме осудени. Сакам да ве убедам дека не помислувам да ја напуштам мојата функција, и сакам да останам тука повеќе од било кога“, изјави Гвардиола.

Сити од страна на англиската Премиер лига е обвинет за околу 80 точки за кршење на финансиските правила и уште 30 повреди во врска со наводна несоработка со истрагата над клубот во 2018.година.