feature

Падна договор, Лукаку доаѓа на потпис во Неапол

Белгискиот напаѓач на Челзи, Ромелу Лукаку во рок од 24 часа ќе стане играч на Наполи, објави Фабрицио Романо на социјалната мрежа Х.

Според изворот, претставници на клубовите ќе се сретнат во Лондон во следните 24 часа за да разговараат за последните детали и да го комплетираат трансферот.

Претходно во медиумите се појави информација дека Челзи е заинтересиран за трансферот на Осимен и е подготвен да го вклучи Лукаку во зделката за стекнување на нигерискиот напаѓач. Сепак, беше објавено дека клубовите не можеле да се договорат за сумата за трансфер што ќе ја придружува оваа размена.

Минатата сезона Лукаку играше како позајмен во Рома. На 47 натпревари за клубот постигна 21 гол и четири асистенции. Проценетата цена на фудбалерот, според интернет порталот Трансфермаркт, е 30 милиони евра.


Лунин следното лето бесплатно заминува од Мадрид

Голманот на Реал Мадрид, Украинецот, Андриј Лунин ќе остане во клубот до крајот на сезоната, што во неговиот случај значи и до крајот на договорот.

Тој потоа ќе го напушти „Сантијаго Бернабеу“ како слободен играч и мадридскиот гигант нема да профитира од неговото заминување.

Украинскиот голман беше првиот голман на клубот минатата сезона, но враќањето на Тибо Куртоа по повредата и операцијата на менискусот на десното колено, значеше дека тој повторно ќе се пресели на клупата.

Тие пишуваат и дека Лунин донел одлука да го одработи договорот, што значи дека на крајот од сезоната ќе биде слободен играч, и во меѓувреме ќе може да преговара со други клубови за подобра плата, веќе од јануари.


Фоден го зграпчи признанието за најдобар премиерлигашки фудбалер минатата сезона

Крилниот напаѓач на Манчестер Сити, Фил Фоден ја доби наградата за најдобар фудбалер на годината во англиската Премиер лига во изборот кој традиционално го прави Асоцијацијата на фудбалери во Премиерлигата.

Минатата сезона во англиското првенство, 24-годишниот фудбалер учествуваше на 35 натпревари, на кои постигна 19 голови и осум асистенции.

Вo изборот на Асоцијацијата на фудбалери од Премиерлигата, наградата за најдобар млад фудбалер замина во рацете на фудбалерот на Челзи, Кол Палмер.


Атлетико Мадрид официјално го претстави Конор Галагер

Шпански Атлетико Мадрид на социјалните мрежи го објави трансферот на фудбалерот на Челзи, англискиот играч за врска Конор Галагер.

Претходно беше објавено дека англискиот играч за врска ќе потпише договор со „јорганџиите“ до летото 2029 година. Во медиумите се појавија и информации дека мадридскиот клуб ќе плати 40-45 милиони евра за Галагер.

Минатата сезона Галагер учествуваше на 50 натпревари во сите натпреварувања, на кои постигна седум гола и девет асистенции. Атлетико минатата сезона ја заврши на четвртото место во поредокот и заработи билет за Лигата на шампионите.


Ајакс го враќа Кристијан Ериксен во своите редови

Кристијан Ериксен е на добар пат да си замине од Манчестер Јунајтед.

Ерик Тен Хаг веќе му ставил до знаење на данскиот фудбалер дека нема да биде дел од плановите за посериозна минутажа,

Ериксен немал проблем и да биде резерва, но ситуацијата се променила кога пристигнала понуда од Ајакс.

Ајакс е клуб каде што Ериксен играше во почетоците на неговата кариера кога пристигна како 18-годишник.

Дресот на Ајакс го носеше во три сезони, а потоа се пресел иво Тотенхем. Често пати и во минатото Ериксен не криеше дека Амстердам го смета за свој дом.

Медиумите на Островот пишуваат и дека Манчестер Јунајтед одредил цена од пет милиони евра.


Ветеранот Беговиќ потпиша за Евертон

Босанскиот фудбалски голман Асмир Беговиќ е пред враќање во Премиер лигата и тоа во дресот на Евертон.

Според најавите на медиумите Беговиќ кој минатата сезона го чуваше голот на Квинс Парк Ренџерс во Чемпионшип сега повторно ќе биде дел од најсилната конкуренција.

Евертон беше клубот со кој последен пат настапуваше во англиската елита и големи се шансите да се врати на „Гудисон Парк“.


Вујовиќ нов селектор на Катар

Ракометниот тренер на Вардар Веселин Вујови ќе стане селектор на Катар, а ќе биде промовиран во среда во Доха.

По Србија и Црна Гора, Македонија, Словенија и Иран, славниот Црногорец има нов селекторски ангажман во оваа земја.

Вујовиќ ќе го замени српскиот тренер Дарко Тавриќ, кој претходно го наследи Валери Ривера, кој речиси десет години беше селектор на Катар.


Фабрегас добива уште три засилување за својот Комо

Во новата сезона италијанскиот Комо лошо ја отвори сезоната со пораз од 3-0 на гостувањето кај Јувентус и јасно е дека на тимот на Фабрегас му требаат уште играчи за да остане во најелитното друштво на Италија.

Преговорите со тројца играчи се во завршна фаза и се очекува тие да потпишат во текот на оваа недела.

Тоа се Серхи Роберто кој ќе пристигне како слободен играч. Нико Паз од Реал Мадрид и Максимо Пероне од Манчестер Сити.


Мициќ доаѓа кај Јокиќ во Денвер

Никола Јокиќ во Денвер Нагетс пред новата сезона ќе добие уште еден играч и тоа колега од репрезентацијата на Србија јавуваат американските медиуми.

Се работи за одличниот Василије Мициќ, кој во моментов е играч на Шарлот Хорнетс, но деновиве најверојатно ќе биде „трејдуван“ и ќе се пресели во Денвер, каде би можел да биде големо засилување за тимот.

Се претпоставува дека треба само да се договорат финасиите каде Мициќ следната сезона треба да заработи околу осум милиони долари, а Денвер во моментов може да си дозволи плата од 5,5 милиони.


Тони Џерона нов селектор на Јапонија

Шпанскиот ракометен стратег Тони Џерона ќе биде селектор на машката репрезентација на Јапонија.

Тој доаѓа на местото на Aнтонио Ортега, кој беше селектор по заминувањето на Дагур Сигурдсон и ги водеше „самураите“ на Олимписките игри во Париз.

Херона беше без ангажман по заминувањето од селекторската позиција во Србија и од францускиот Шартр.