feature

Берлускони најави дека Монца наскоро ќе се бори за титулата во Серија А

Монца минатиот викенд го победи Јувентус, а сега претседателот на овој клуб, славниот Силвио Берлускони има амбициозна најава.

Тимот освен победата против Јувентус веќе некое време игра во одлична форма, сепак сезонава прва цел е опстанокот во друштвото на најдобрите. Сепак, Берлускони порачува дека амбициите на овој тим во иднина ќе бидат многу повисоки.

Можеби звучи преамбициозно, но Берлускони верува дека Монца во следните две сезони ќе се бори за титула.

„Од кога дојде Паладино ние сме петти најдобар тим во Серија А. Веруваме и сакаме големи резултати. Веќе во следната сезона или понатаму сакаме да се бориме за скудетото“, порача Берлускони.


Иднината на Обамејанг е во Серија А

Пјер Емерик Обамејанг ова лето пристигна во Челзи од Барселона, но сигурно нема долго да се задржи.

Тој дојде во Челзи по барање на Тухел и не добива голема минутажа кај Потер, па сака да ја промени средината на крајот на сезоната. Интерес за него покажуваат италијанските гиганти Милан, Интер и Јувентус кои сакаат да ја искористат ситуацијата и да го доведат во своите редови.

Обамејанг на лето влегува во последната година од договорот, па Челзи е спремен да го пушти за само пет милиони фунти.

Напаѓачот е спремен да се врати во Серија А, каде ја започна својата кариера, па останува да видиме кој ќе ја добие битката за неговиот потпис.


Мурињо: Можев да ја напуштам Рома уште оваа зима

Тренерот на Рома, Жозе Мурињо го коментираше натпреварот и победата над Емполи. Новинарите помалку ги интересираше како Португалецот го гледа овој натпревар, а повеќе за пошироката слика за клубот и односот со Николо Заниоло.

„Заниоло е проблем за клубот, јас немам ништо со тоа. Тој мора да си ги реши проблемите со клубот, а не со мене. Што се однесува до Смолинг, не можам да направам ништо за да го убедам да потпише нов договор“, рече Мурињо, а потоа одговори на прашањето за тоа дека во текот на преодниот рок имал понуди од Премиер-лигата и од бразилската и португалската репрезентација:

„Можев да ја напуштам Рома во декември, но не го сторив тоа. Ова е мојот живот, секој ден е борба. Понекогаш може да изгледа како да се мачиме, но ние сме таму горе, блиску до врвот на табелата со другите тимови кои се силни и имаат што да кажат“.


Заниоло се сели во еден од турските гиганти?

Турските фудбалски состави Фенербахче и Галатасарај покажале дека се заинтересирани да го земат Николо Заниоло кој по сите перипетии во зимскиот трансфер период не ја напушти „римската волчица“.

Одличниот напаѓач инсистираше да замине во Тотенхем или во Милан но,двата клуба го сакаа само на позајмица а Римјаните инсистираа на перманентен трансфер.

Заниоло кој има договор со Рома до јуни во 2024 година и одби да тренира, сега е надвор од списокот на Жозе Мурињо.  


Евертон се вклучи во трката за Иско

Иско во последните моменти од преодниот рок беше блиску до трансфер во Унион Берлин, дури и пристигна на прегледи во овој клуб, но на крајот трансферот не се реализираше.

Двете страни се обвинуваа дека ги промениле барањата во преговорите во последен момент. Сега тој е слободен агент и може да потпише договор со било кој клуб иако не е отворен преодниот рок. Ситуацијата со Иско ќе се обиде да ја искористи Евертон и да го доведе во своите редови. Во Иско Евертон гледа замена за Ентони Гордон кој за 40 милиони евра направи трансфер во Њукасл.

Ќе потсетиме, Евертон неодамна како наследник на Лампард го промовираше Шон Дајч на клупата.


„Отпишаниот“ Себаљос добива нов договор во Реал Мадрид

Дани Себаљос може да го продолжи договорот со Реал Мадрид.

Претставници на играчот од средниот ред му кажале на клубот дека Дани сака да остане во Мадрид.

Реал Мадрид се согласува да ја продолжи соработката и ќе му понуди на играчот договор на 4 години. Платата на играчот ќе биде зголемена. Се истакнува дека доколку предложените услови останат непроменети, договорот ќе биде потпишан во блиска иднина.


Тен Хаг го сака Ансу Фати на „Олд Трафорд“

Англиски Манчестер Јунајтед веќе крои планови за летниот трансфер период. Каталонскиот весник „Спорт“ пишува дека Манчестер Јунајтед сака да го ангажира крилниот напаѓач на Барселона, Ансу Фати, кој годинава не се наигра во тимот на Чави.

20-годишниот фудбалер постигна три гола на 19 натпревари во Ла Лига досега оваа сезона. Во осминафиналето на Лига Европа ќе се сретнат Барселона и Манчестер Јунајтед. Првиот натпревар е на 16 февруари на стадионот „Камп Ноу“.


Еурофарм Пелистер доведе нов бек од Данска

Ракометниот вицешампион на Македонија, Еурофарм Пелистер, објави дека доведе ново засилување во тимот.

Станува збор за данскиот ракометар Каспер Кисум, кој игра на позицијата лев бек. 30-годишниот Кисум во екипата од Битола, доаѓа од редовите на Сондерјиске, а претходно има настапувано за Рингштед, Нордсјеланд, Флензбург, Битенфелд, Хановер и Феникс Тулуз.

Данецот за неколку денови ќе пристигне во Битола и ќе му се стави на располагање на тренерот Ларс Валтер за натпреварите од домашното првенство, и дуелите во Европската и СЕХА лига.


Трап доби нов договор во Франкфурт до 2026 година

Кевин Трап го продолжи договорот со Ајнтрахт Франкфурт. Ова го соопшти прес-службата на тимот. Новиот договор е со важност до летото 2026 година. Сега голманот има 32 години. Постоечкиот договор на 32-годишниот фудбалер истекуваше во 2024 година.

Голманот настапува за својот сегашен клуб од летото 2018 година. Трап одигра 286 натпревари за Ајнтрахт Франкфурт и прими 426 гола. Заедно со тимот минатата сезона ја освои Лигата на Европа.

Претходно беше објавено дека Баерн Минхен контактирал со претставници на германскиот голман за да дознае дали е можен негов трансфер во нивните редови. Интерес кај Баерн Минхен имаше поради повредата на главниот голман Мануел Нојер. Самиот Трап не беше против преминот во големиот германски фудбалски гигант, но трансферот не се реализираше.


Кајри Ирвинг станува нов соиграч на Лука Дончиќ во Далас

Американските медуми објавуваат дека кошаркарот на Бруклин Нетс, Кајри Ирвинг, својата кариера ќе ја продолжи во Далас Маверикс.

Според информациите, Бруклин ќе го замени Ирвинг со Спенсер Динвиди и Доријан Фини-Смит, а ќе добие и пик од првата и втората рунда на драфтовите во 2027. и 2029.година.

Трејдот помеѓу Маверикс и Нетс уште нема официјална потврда, но се очекува тоа да се случи многу брзо, со што тандемот Дончиќ-Ирвинг ќе стане реалност.

Ирвинг оваа сезона во просек по натпревар постигнува околу 27 поени, пет скока и пет асистенции. Тој во својата кариера играше за тимот на Кливленд, со кого во 2016 ја освои НБА титулата, а беше член и на Бостон Селтикс.