feature

Француски Безансон нов клуб на Леонида Гичевска

Леонида Гичевска кариерата ја продолжува во четирикратниот француски шампион Безансон.

Гичевска во овој шампионат прави трансфер од екипата на Локомотива Загреб со која играше во Лигата на шампионите. За 24-годишната ракометарка ова нема да биде прво искуство во Франција затоа што веќе играше за Самбре-Авесноа и Ле Пузин.

„Среќна сум што пристигнувам во Безансон. Ова е клуб со долга и убава историја. Клубот има големи цели и задоволство ќе ми биде да играм тука и да го дадам најдоброто од себе, со нетрпение чекам да ја започнам авантурата“, изјави Гичевска.

Во овој момент Безансон е на седмото место во француското првенство, а во минатото четири пати ја освојувал шампионската титула.


Супер вести за Ливерпул: Ван Дајк и Фирмињо продолжија со тренинзите

Одлични вести за Ливерпул пристигнуваат од тренинг базата на екипата. Од објавените фотографии на социјалните мрежи, може да се забележи дека фудбалерите Роберто Фирмињо и Вирџил ван Дајк им се вратија на тренинзите.

Двајцата играчи се опоравија од повредите поради кои имаа пауза неколку недели, и започнаа со индивидуални тренинзи. Сепак, најверојатно тие нема да бидат подготвени за настап на претстојниот дуел од Премиер лигата со Вулверхемптон кој се игра во сабота.

Тимот предводен од тренерот Клоп, веќе подолг период се соочува со сериозни проблеми околу повредени играчи. Освен Ван Дајк и Фирмињо, од претходно повредени се Жота, Луис Диаз, Артур Мело, Карваљо, а пред некој ден на листата повредени се најде и дефанзивецот Конате.


Јувентус поради нова казна се соочува со испаѓање во Серија Б

Италијанскиот фудбалски гигант Јувентус се соочува со нова казна поради која може да заврши во Серија Б.

Јувентус, пред две недели заработи казна од Фудбалскиот сојуз на Италија, и му беа одземени 15 бода. Сега според пишувањето на „Кориере дело Спорт“, истрагата за неправилностите во клубот се проширува и сојузот може да му одземе дополнителни 20 бода, со што бјанконерите ќе паднат на последното место во Серија А.

Ако веста за доделување дополнителна казна за Јувентус навистина се случи, тогаш клубот до крајот на сезоната ќе се бори за опстанок во лигата, бидејќи ќе остане само на три бода.


Раул Гонзалес останува тренер на ПСЖ до 2025 година

Шпанскиот ракометен тренер Раул Гонзалес, ја продолжи соработката со Париз Сен Жермен. Поранешниот стратег на Вардар останува на кормилото на екипата од Париз до 2025.година.

„ Горд сум што можам да ја продолжам работата што ја започнав во 2018. година, и што ќе останам во клубот уште две сезони. Мојата амбиција е  оваа екипа да настапува на највисоко национално и европско ниво, и да ги израдува навивачите со нови високи достигнувања“, изјавува Гонзалес.

Шпанскиот стручњак пристигна во Париз Сен Жермен во 2018.година.


Шпанските клубови никогаш понеактивни во зимскиот преоден рок

Тимовите од Ла Лига не беа особено активни во последниот преоден рок. Анализата на весникот „АС“ покажува дека шпанските клубови потрошиле најмала сума на трансфери во последните шест години, ако ја исклучиме годината по пандемијата на ковид 19.

Причина за ова е пасивноста на двата големи гиганти Барселона и Реал Мадрид, кои во јануари не потпишаа ниту еден нов играч. Останатите клубови дадоа вкупно 37,6 милиони евра за нови играчи, а во исто време продадоа играчи во вкупна вредност од 78,4 милиони евра.

Само во сезоната 2020/21, која беше погодена од пандемијата, тимовите трошеа помалку пари за нови играчи во зима. Тогаш клубовите дадоа само 20 милиони евра за нови играчи. Инаку, пред тоа, година со најмала потрошувачка беше 2017 година, кога за трансфери беа дадени 27,7 милиони евра.

Сите споменати суми изгледаат прилично ниски во однос на парите што се трошат во Англија. Само Астон Вила даде повеќе пари за нови играчи од сите тимови во Ла Лига. Од друга страна, Челзи инвестираше неверојатни 326 милиони евра, што е повеќе од сите тимови во останатите 4 големи првенства.


Серена Вилијамс се враќа на тенискиот терен?

Поранешната американска тенисерка Серена Вилијамс ја најави можноста за нејзино враќање на теренот.

42-годишната легендарна тенисерка која се повлече од официјалните натпревари минатата година после УС Опен, изјавува дека нејзиниот татко, Ричард Вилијамс, инсистирал таа повторни да се врати на тенискиот терен.

„ Мојот татко ми вели: Серена мораш да одиграш уште еден или два грен слем турнири, а мојот одговор е дека јас повеќе не се гледам на така важни турнири, но би можела да продолжам да тренирам. Понекогаш чувствувам олеснување кога ќе го погледнам тенискиот терен, бидејќи сум среќна на фактот дека не морам да тренирам секој ден по два часа“, изјавува легендарната тенисерка.

Серена истакнува дека и недостига играњето тенис, но во исто време чувствува презаситеност поради фактот што буквално целиот свој живот и го посвети на овај спорт. Таа во својата кариера има освоено 23 грен слем турнири.


Повредата спречила трансфер на Несторовски во Сампдорија

Се најавуваше дека Илија Несторовски може да го напушти Удинезе и да премине во Сампдорија, но сепак неговото заминување од „Фриули“ не се реализираше. Во игра беа повеќе клубови, но најблиску беше Сампдорија. Сепак, трансферот пропаднал во последен момент и тоа откако двата клуба имале договор.

Трансферот пропаднал поради новата незгодна повреда која ја заработил македонскиот напаѓач. Првичните информации се дека Нестор ќе мора да паузира најмалку еден месец. Српскиот стратег, Дејан Станковиќ инсистирал да му се доведе напаѓач кој веднаш ќе му биде ставен на располагање што немаше да биде случај со Нестор по неговата повреда.

Несторовски во Удинезе добива мала минутажа и сигурно дека во Сампдорија ќе одиграше повеќе минути до крајот на сезоната.


Ковачиќ, Кулибали и Пулишиќ на трансфер листа во Челзи

Челзи e „крал“ на преодниот рок и потроши неверојатни 300 милиони евра за нови засилувања.

Пристинаа неколку големи засилувања, а секако фокусот е на Енцо Фернандез, кој стана најскапо засилување во историјата на Премиер лигата. Со новите засилувања „сините“ и официјално ја започнаа реконструкцијата на тимот, замина Жоржињо, а Челзи е спремен на лето да продаде уште три големи ѕвезди.

Имено, Челзи е спремен да слушне понуди за Ковачиќ, Кулибали и Кристиан Пулишиќ, а вратата ќе му биде отворена и на Обамејанг. Кулибали не се покажа како добро засилување, па „сините“ сакаат да вратат дел од вложената сума за него.

Ковачиќ и Пулишиќ пак влегуваат во последната година од договорот и Челзи сака да ги продаде на лето.


Модриќ одбил да потпише во МЛС и во Саудиска Арабија, сака да остане во Мадрид

Лука Модриќ ги одбил понудите на неименувани клубови од Саудиска Арабија и американската МЛС лига, објавија медиумите од Мадрид.

Според изворот, хрватскиот фудбалер веќе ја одбил втората понуда од арапскиот клуб. Модриќ за прв пат го одби Ал Наср за кој сега игра Кристијано Роналдо.

Модриќ одлучи дека сака да остане во мадридскиот клуб уште една година и нема намера да разгледува понуди од други тимови.

Модриќ оваа сезона одигра 17 натпревари во лигата, постигна три гола и даде две асистенции. Фудбалерот од средниот ред се пресели во Реал Мадрид од Тотенхем во 2012 година и е добитник на наградата „Златна топка“. Како што стојат работите можно е Лука Модриќ да одлучи да ја заврши кариерата во Реал Мадрид.


Елнени добива нов договор во Арсенал

Арсенал има намера да го продолжи договорот со играчот од средниот ред Мохамед Елнени. Актуелниот договор на Египќанецот истекува на лето, но има опција за негово автоматско продолжување на уште една сезона и „топчиите“ имаат намера да го активираат, откриваат медиумите од Островот.

Иако не го користи многу често, Микел Артета го сака Елнени во својот тим како алтернатива на Томас Парти и Гранит Џака. Оваа сезона 30-годишниот фудбалер одигра 8 натпревари во сите натпреварувања и постигна 1 гол.

Тој неодамна заработи сериозна повреда на коленото која може да го натера да паузира до крајот на сезоната. Се вели дека предметната повреда не ги променила намерите на челниците на Арсенал и Артета, кои сепак сакаат да го задржат Елнени уште една сезона.