feature

Каиседо повторно тренира со Брајтон

Фудбалерот на Брајтон, Мојсес Каиседо, повторно тренира со првиот тим, откако во преодниот рок беше блиску до трансфер во Арсенал.

Челниците на Брајтон ја одбија понудата од Арсенал вредна 70 милиони фунти за 21 годишниот Еквадорец, останувајќи на ставот дека играчот не е на продажба, и покрај неговата желба да ја напушти екипата.

Зимскиот преоден рок во Англија беше завршен во вторникот навечер.


Асенсио добил понуда од ПСЖ, но Реал го одбил неговото заминување

Шпанските медиуми објавија „бомбастична“ вест дека Марско Асенсио е пред трансфер во ПСЖ. Повредата на Нејмар го натера ПСЖ итно да реагира на трансфер пазарот и сакаше да го доведе Асенсио во Париз.

Шпанецот е во последната година од договорот со Реал Мадрид, па ПСЖ испратил понуда за неговиот потпис.

„АС“ открива дека Реал ја одбил понудата и не сака да се раздели со Асесио на средината од сезоната, иако играчот на лето може да замине без обештетување.

Самиот Асенсио не инсистирал на трансфер и потврдил дека сака да остане во Мадрид до крајот на сезоната.


Барса се откажа од зимски трансфер на Бенџамин Павар

Барселона оваа зима нема да потпише со дефанзивецот на Баерн Бенџамин Павар. 

На Каталонците многу им се допаѓа дефанзивецот на Баерн, но клубот размислува да го ангажира за следната сезона, што значи дека преговорите треба да се водат на лето, а не сега. 26-годишниот репрезентативец на Франција е заинтересиран за преселба во Барселона.

Павар оваа сезона за Баерн имаше 23 настапи во сите натпреварувања и постигна четири гола. Баерн се наоѓа на првата позиција  во германското првенство, пред Унион Берлин со еден бод предност.


Душан Влаховиќ во јуни се сели во Баерн Минхен

Главна трансфер цел на Баерн Минхен на лето ќе биде Душан Влаховиќ, пренесуваат германските медиуми.

Српскиот напаѓач не се снаоѓа баш најдобро во Јувентус, наводно играта на тимот воопшто не му одговара и е спремен да ја промени средината.

Јувентус исто така е спремен да слушне понуди бидејќи е во финансиски проблеми после големиот скандал и казната, па најверојатно ќе остане без пласман во Лигата на шампиони.

Баерн нема да штеди пари за да го доведе Влаховиќ и наводно веќе имал средба со неговиот агент, а е спремен да понуди 85 милиони евра за неговиот потпис.


Барса протестира против правилата на шпанската Ла Лига

Барселона е незадоволна од барањата на Ла Лига. Поради прописите донесени во шпанскиот фудбал, Каталонците се значително ограничени на трансфер пазарот и имаат големи потешкотии да регистрираат нови играчи.

Според „Cadena SER“, во таборот на Барселона веруваат дека правилата немаат практична вредност и само работат на тоа да им го отежнат животот на тимовите. И покрај фактот што менаџерот на Барселона, Чави, повеќепати изјави за веројатно засилување на тимот во зимскиот преоден рок, тимот не ангажираше ниту еден играч во јануари 2023 година.

Во исто време, Каталонците се разделија со Мемфис Депај. Холанѓанецот замина во Атлетико Мадрид.


Одбиена жалбата на ПСЖ, Зијеш останува во Челзи

Фудбалскиот клуб Париз Сен Жермен поднесе жалба до Професионалната фудбалска лига на Франција во врска со неуспешниот трансфер на Хаким Зијеш.

Француската професионална фудбалска лига денес ја одби жалбата нa ПСЖ, поради неприфаќањето на договорот со Хаким Зијеш бидејќи истиот бил испратен предоцна и не може да биде регистриран, изјавија одговорните за овај случај.

Мароканскиот фудбалер успешно ги помина медицинските прегледи,и неговиот трансфер во клубот од Париз беше скоро извесен. Меѓутоа целата работа требаше да биде готова до полноќ, кога истекуваше преодниот рок. Челзи три пати испратил погрешно потпишан договор, и кога најпосле била испратена точната верзија, рокот за трансфери веќе бил поминат.

Од Париз Сен Жермен сметаат дека Челзи е крив за нереализираниот трансфер, меѓутоа од фудбалската лига на Франција е одлучено дека Зијеш не може да биде регистриран, со што парижаните останаа без планираното зимско засилување.


Туанзебе позајмен од Манчестер Јунајтед во Стоук

Стоук Сити го објави потписот со дефанзивецот на Манчестер Јунајтед Аксел Туанзебе на својата официјална веб-страница. Двете страни потпишаа договор за позајмица до крајот на сезоната 2022/23.

Туанзебе стана петтото засилување на Стоук Сити во зимскиот преоден рок. Трансферот на дефанзивецот на Манчестер Јунајтед го коментираше и тренерот на тимот од Чемпионшип лигата Алекс Нил.

„Беше важно да ги прошириме нашите одбранбени ресурси. Аксел е играч кој добро го познава Чемпионшип и сака повторно да се тестира на ова ниво“, изјави Нил за прес-службата на Стоук Сити.

Да потсетиме дека Туанзебе беше дел од младинскиот погон на Манчестер Јунајтед, но не можеше да се наметне во првиот тим на „црвените ѓаволи“.


Витиња од Брага се пресели во Марсеј

Олимпик Марсеј реши да инвестира сериозна сума во нов напаѓач, па го собори клупскиот трансфер рекорд во финишот на зимскиот преоден рок.

Францускиот прволигаш платил 32 милиони евра за Витиња, голгтерот на Брага, за кого се интересираа и многу побогати и поуспешни европски клубови.

Игор Тудор доби сериозно засилување во сезоната во која Марсеј има мало заостанување зад лидерот ПСЖ и амбициите се да биде обезбеден настап во Лигата на шампионите.

Португалскиот клуб ќе добие 10 проценти од следниот трансфер на 22-годишниот фудбалер, а интересно има опција и да го откупи договорот на Витиња за 70 милиони евра.


Диего Љоренте од Лидс се пресели во Рома

Рома го договори трансферот на Диего Љоренте од Лидс, кој доаѓа на позајмица до крајот на сезоната.

Шпанецот ќе ја засили одбраната, што беше приоритет на Мурињо во зимскиот преоден рок. Љоренте во 2020 година за сума од 20.000.000 евра од Реал Сосиедад се пресели во Лидс, каде запиша 59 настапи.

Рома на крајот на сезоната ќе може да го откупи договорот на Љоренте за 10 милиони евра.


Арсенал ги позајми Локонга и Соареш на крајот од преодниот рок

Покрај потписот на Жоржињо од Челзи, Арсенал направи уште два договори во последниот ден од јануарскиот преоден рок. „Топџиите“ во други клубови ги префрлија дефанзивецот Седрик Соареш и играчот од средниот ред Алберт Самби Локонга.

Соареш се пресели во Фулам. Португалецот беше донесен на „Кревин Котиџ“ на експресно инсистирање на менаџерот Марко Силва, со кого работеа заедно во Спортинг Лисабон.

Самби Локонга ќе ја заврши сезоната како позајмен во Кристал Палас. 23-годишниот Белгиец има само 6 настапи во Премиер лигата од почетокот на сезоната. За него имаше понуда од Монако, но Арсенал не сакаше да го продаде талентираниот играч за врска.