feature

Брајтон прави обид за доведување на Чембрлејн од Ливерпул

Англискиот премиерлигаш Брајтон, размислува за доведување на фудбалерот од Ливерпул, Алекс Окслејд-Чембрлејн.

Брајтон посакува ангажман на фудбалерот во јануарскиот трансфер период, но тоа ќе зависи од подготвеноста на Ливерпул да му дозволи напуштање на клубот без обештетување.

Окслејд-Чембрлејн на крајот од сезоната со сигурност го напушта „Енфилд“ бидејќи истекува неговиот договор, но ќе биде интересно дали Ливерпул е подготвен да му даде дозвола да си замине веднаш. Брајтон ја засили желбата за ангажман на Чембрлејн откако пред неколку дена го продаде Леандро Тросар во Арсенал.

Алекс Окслејд-Чембрлејн е член на Ливерпул од 2017 година, кога за 38 милиони евра пристигна од Арсенал.


Мбапе лобира за трансфер на Бернардо Силва во Париз

Килијан Мбапе сака раководството на тимот да се обиде да го
ангажира играчот од средниот ред на Манчестер Сити, Бернардо
Силва, пренесува печатот на Островот.
Португалскиот интернационалец минатото лето беше блиску до
заминување од „граѓаните“ во правец на Барселона, но договор
никогаш не беше постигнат. Сепак, тој неодамна потврди дека ќе ја
преиспита својата иднина по завршувањето на сезоната и може да
замине во друга екипа.
Токму овие изјави го наведоа Мбапе да се обиде да ги убеди Кристоф
Галтие и Луис Кампос да направат се што е во нивна моќ за да го
донесат играчот во француската престолнина. Бернардо Силва е под
договор со Манчестер Сити до летото 2025 година, но Пеп Гвардиола
изјави дека нема намера да го задржи на сила доколку не сака да
остане на „Етихад“.


Модриќ добива богатство за премин во Ал-Наср

Ал Наср го обезбеди потписот на Кристиано Роналдо, но клубот од Саудиска Арабија сака да привлече уште неколку големи ѕвезди, а најголема желба е Лука Модриќ.

Лука Модриќ има 37 години, но се уште игра на врвно ниво во Реал Мадрид. Како што објави весникот „Оказ“, клубот од Саудиска Арабија на Модриќ му нуди 2,5-годишен договор тежок 100 милиони евра. Годишната плата на фудбалерот ќе биде околу 40 милиони евра.

Ал Наср сакал веднаш да го реализира трансферот во јануари, но Модриќ го одбил тоа и сака да остане во Реал.

Хрватот преферира да остане уште една година на „Сантиаго Бернабеу“, а доколку Реал не му понуди нов договор тогаш ќе ја прифати понудата од Ал Наср.


Кејн: Сакам трофеи во дресот на Тотенхем

Капитенот на Тотенхем, Хари Кејн, очекува наскоро да започне разговори со челниците на клубот околу продолжување на неговиот договор.

Кејн на последниот натпревар на Тотенхем, го постигна својот 266.гол во дресот на лондончани, и го израмни клупскиот рекорд на Џими Гривс. Актуелниот договор на Кејн со Тотенхем истекува за 18 месеци, и се побројни се шпекулациите дека тој на лето би можел да го напушти Лондон.

Манчестер Јунајтед и Баерн Минхен се клубовите кои најчесто се поврзуваат со трансфер на англискиот голгетер, но Кејн напоменува дека негова цел е оваа сезона да освои трофеј со Тотенхем.

„Сигурен сум дека ќе има разговори во следните месеци. Јас сум фокусиран на оваа сезона и како да го дадам најдоброто за овај тим. Има уште многу да се игра до крајот на сезоната, и ние ќе пробаме да обезбедиме место во Лигата на шампиони, ни остануваат натпревари во ФА купот и дуели во Европа. Знам дека ќе има многу шпекулации и гласини околу мојата иднина, но мене ме интересира што можам да постигнам во моментот. Моја цел уште откако заиграв за првиот тим на Тотенхем е освојување на трофеи со овај тим“, изјави Кејн.


Талант Душебеаев заминува во ПИК Сегед и ги води своите синови со себе

Киелце го „тресе“ голема финансиска криза и иднината на полскиот гигант е под знак прашалник. Клубот е во потрага по главен спонзор, но засега најавите не се добри.

Ситуацијата во Киелце ја следат многу големи тимови и сигурно ќе се обидат нешто да искористат. Последните информации се дека првиот сериозен чекор го направил ПИК Сегед. Според информациите на полските медиуми раководството веќе има подготвено понуда за целото семејство Душебаеви.

Унгарскиот шампион сака да ги доведе Алекс и Даниел, како и нивниот татко Талант за тренер.

Рокот за спас на Киелце истекува до крајот на јануари и тогаш работите би требало да бидат многу појасни.


Ибра се враќа на терените по долгото отсуство

Ѕвездата на Милан, Златан Ибрахимовиќ најави дека е блиску до враќање на терените.

41-годишниот напаѓач објави „стори“ на Инстаграм на кое покажа дека почнал да тренира со топка, а потоа ја покажа и насмевката.

Ибрахимовиќ нема одиграно ниту една минута оваа сезона, откако го оперираше коленото во јуни.

Иако е во зрели години, Ибра успеа да ја помине рехабилитацијата успешно и во предвиденото време да се врати на тренинзите.


Чаби Алонсо е желбата на Реал за наследник на Анчелоти

Медиумите од Шпанија пренесуваат дека тренерот на Баер Леверкузен, Чаби Алонсо, би требало да го преземе кормилото на Реал Мадрид кога Италијанецот Карло Анчелоти ќе донесе одлука да  го напушти „Kралскиот клуб“.

Анчелоти во повеќе наврати најави дека ќе остане тренер на Реал до крајот на договорот, кој му истекува во јуни наредната година. Шпанските медиуми тврдат  дека клубот од „Сантијаго Бернабеу“ веќе ги разгледува можностите за негов наследник. Најголеми шанси за наследник на Анчелоти има легендата на шпанскиот фудбал Чаби Алонсо.

41-годишниот Алонсо, минатата година стана тренер на Баер Леверкузен, а пред тоа го тренираше Б тимот на Сосиедад.


Горан Перковац фаворит за селектор на хрватската репрезентација

Хрватската ракометна јавност е гневна на Хрвоје Хорват кој уште еднаш потфрли како селектор, па не донесе очекуван резултат и од Мундијалот во Полска и Шведска. Целта на Хрватска беше пласман барем во четвртфиналето, но на крајот „каубоите“ ќе завршат како деветтопласирани.

Јавноста во Хрватска сега шпекулира дека најсериозен кандидат за негов наследник е искусниот, Горан Перковац кој имаше одлична кариера како играч, но барем досега не водел клубови и репрезентации од врвно ниво.

Перковац чиј последен клуб беше Криенс потврди дека разговарал со челниците на Хрватскиот ракометен сојуз и дека е заинтересиран за селекторската позиција.

„Зборувавме пред неколку денови, но ништо конкретно. Заинтересиран сум, но се уште не се залетувам. Тоа е нормално, прво мора да се реши ситуацијата со Хорват. Секогаш сум подготвен да помогнам, но конкретни разговори со Управниот одбор и Сојузот се уште не сум имал#, изјави Перковaц.


Данџума наместо во Евертон заврши во Тотенхем

Арно Данџума ќе биде големото зимско засилување на Тотенхем, пренесуваат англиските медиуми. Иако фудбалерот на Виљареал беше пред трансфер во Евертон, сепак Тотенхем успеа да го „украде“ во последен момент.

Крилниот фудбалер е на пат кон Лондон да ги мине медицинските прегледи и да биде промовиран во Тотенхем.

Данџума ќе пристигне во Тотенхем како позајмен фудбалер за 3 милиони евра, а „спарси“ ќе имаат опција за откуп.


Клоп и Ливерпул заинтересирани за Киеза од Јувентус

Италијанскиот „Калчомеркато“ пренесува дека напаѓачот на Јувентус, Федерико Киеза, би требало да биде долгорочна замена за Мохамед Салах во Ливерпул.

Медиумите од Италија објавуваат дека тренерот на тимот од „Енфилд“, Јирген Клоп, има високо мислење за италијанскиот репрезентативец, и според него тој одлично би се вклопил во составот на Ливерпул.

Моменталната цена на 25-годишниот италијански напаѓач изнесува околу 60 милиони евра, и истатата би била повисока доколку Киеза немаше проблеми со повредите после освојувањето на европската титула со репрезентацијата на Италија во 2021. година.

30-годишниот Салах неодамна го продолжи договорот со Ливерпул до јуни 2025.година, и е најплатениот фудбалер во екипата, но конкуренцијата која би ја донел Киеза со неговото евентуално пристигнување на „Енфилд“, би била одлична за иднината на тимот.