feature

Педро Поро од Спортинг на чекор до потпис со Тотенхем

Антонио Конте наскоро ќе го добие посакуваното засилување.Бројни извори пренесуваат дека Педро Поро наскоро би можел да стане член на Тотенхем, бидејќи Спортинг е подготвен да ја прифати понуда од 40 милиони евра.

Клубот од Лисабон упорно инсистираше на клаузула од 45 милиони евра, но прифати пет помалку од Спарс. Личните услови не се проблем, Поро веќе ги договорил сите детали за договор до летото 2027 година и само чека Спортинг да ја прифати понудата.

Станува збор за одличен десен бек, многу офанзивен и се очекува добро да се вклопи во формацијата 3-4-3 која ја игра Конте. Тотенхем моментално е петти на табелата со 36 бодови, три помалку од Њукасл и Манчестер Јунајтед кои имаат и натпревар помалку.


Герет Бејл започнува голф кариера

Неколку денови откако објави крај на својата фудбалска кариера, Герет Бејл најави дека започнува со професионално играње голф.

Сега веќе поранешниот велшки фудбалски репрезентативец, преку Инстаграм пост најави дека ќе учествува на професионален голф турнир со награден фонд од седум милиони евра.

За Бејл уште од порано е познат фактот дека е вљубеник во играњето голф, и додека беше член на Реал Мадрид приоритет му беше посeтување на голф терените.


Баерн го отпушти тренерот на голманите

Баерн Минхен ја изненади јавноста со одлуката да ја прекине соработката со Тони Тапаловиќ, инаку тренер на голманите во првиот тим на германскиот великан.

Тапаловиќ одамна е во баварскиот клуб и му беше асистент и на Јулијан Нагелсман, но сега дефинитивно остана без ангажман. Тоа го потврди и спортскиот директор Хасан Салихамиџиќ, кој се заблагодари за досегашната соработка.

„Тони беше дел од нашите успеси изминатите години како тренер на голманите и благодарни сме за тоа. Разликите во ставот за начинот на работа доведоа до тоа секој да продолжи по својот пат, му посакуваме се најдобро на Тапаловиќ во иднина“, изјавил Салихамиџиќ.

Според германските медиуми, хрватскиот стручњак имал недоразбирања со Нагелсман, а дополнителен притисок направил и конфликтот со Александер Нубел.


Садио Мане им се врати на тренинзите

Сенегалскиот фудбалер во редовите на Баерн Минхен, Садио Мане, продолжи со тренинзите за својот тим.

Крилниот напаѓач поради повреда беше надвор од терените повеќе од два месеци. Неговото повторно враќање на тренинзите ќе биде од големо значење за баварците, кои за три недели ќе го играат првиот натпревар од осмина финалето во Лигата на шампионите против Париз Сен Жермен.

https://twitter.com/FCBayernEN/status/1617822898705600513?ref_src=twsrc%5Etfw%7Ctwcamp%5Etweetembed%7Ctwterm%5E1617822898705600513%7Ctwgr%5Ef54a9be003ee14cdac2a9c29683122cdb9331597%7Ctwcon%5Es1_&ref_url=https%3A%2F%2Fwww.zurnal.rs%2Fscc%2Fclanak%2F146228%2Ffudbal%2Fvelika-petorka%2Fmane-se-vratio-treninzima

Овермарс долго ќе закрепнува од мозочниот удар

Легендарниот холандски фудбалер Марк Овермарс кој доживеа срцев удар во последните денови од минатата година, три недели подоцна доживеал и исклучително тежок мозочен удар.

Според медиумите, спортскиот директор на белгиски Антверпен бил примен во болница на 30 декември, а сега е пуштен на домашно лекување. Состојбата му се стабилизира, иако срцето му работи со капацитет од 30%.

Срцевиот мускул на поранешниот крилен напаѓач престана да работи и неговата способност да пумпа крв во телото е намалена за 70 проценти. Прогнозите се дека ќе му треба најмалку една година да закрепне, а до крајот на животот ќе мора да зема соодветна терапија.


Краковија нов клуб на македонскиот репрезентативец Јани Атанасов

Македонскиот фудбалски репрезентативец Јани Атанасов ги напушти редовите на Хајдук Сплит и се одлучи за нов предизвик во кариерата. 

Атанасов се договори со полската екипа Краковија и веќе пристигна во Полска каде потпиша договор на три ипол сезони, а финансиските детали од договорот не се познати. Македонскиот играч за врска ја задолжи опремата со бројот шест и ќе се приклучи на тимот во наредните денови. 

Атанасов потекнува од школата на Академија Пандев, од каде во 2018 година се пресели во Турција каде беше дел од Бурсаспор. По две години, Хајдук од Сплит го доведе Атанасов во своите редови и тој ги бранеше клупските бои до оваа зима. За хрватскиот клуб, македонскиот репрезентативец одигра 69 натпревари, даде шест гола и две асистенции по што одлучи да замине во Полска. 


Челзи е подготвен да издвои 125 милиони евра за Енцо Фернандез

Португалските медиуми пренесуваат дека водечките луѓе на Челзи започнаа преговори со Бенфика околу трансфер на Аргентинецот Енцо Фернандез.

Клубот од „Стенфорд Бриџ“ уште на почетокот од годината проба да го ангажира Фернандез, меѓутоа Бенфика не сакаше да прифати продажба на фудбалерот за износ помал од 120 милиони евра.

Медиумите потсетуваат дека Челзи веќе потроши околу 300 милиони евра за нови фудбалери во овој зимски преоден рок, но клубот од Лондон не се откажува од Фернандез кој неодамна со Аргентина ја освои светската титула на Мундијалот во Катар.

Според информациите од Португалија, веќе се започнати нови преговори помеѓу Бенфика и Челзи, и ако трансферот биде договорен, тогаш лондонскиот премиерлигаш за услугите на Енцо Фернандез ќе издвои најмалку 125 милиони евра. Тоа би бил најголем трансфер во историјата на Премиер лигата, а рекордот го држи Џек Грилиш кој од Астон Вила прејде во Манчестер Сити за 117,5 милиони евра.


Марио Танкоски продолжува во Еурофарм Пелистер до 2025

Средниот бек на Еурофарм Пелистер, Марио Танкоски, го продолжи договорот со клубот до 2025. година.

Танкоски е еден од најдобрите ракометари на битолскиот клуб оваа сезона, како во домашното првенство, така и на настапите во Лига Европа. Тој е член на Еурофарм Пелистер од 2020. година, кога пристигна од екипата на Металург.

Еурофарм Пелистер претходно ги продолжи договорите со Цветан Кузманоски, Ненад Костески, Емилијан Ѓоргоски, и Павле Атанасијевиќ кои ќе останат во тимот најмалку до 2025. година.


Јужна Кореја е противник на Македонија за 27 место на ракометниот Мундијал

Ракометната репрезентација на Македонија, после триумфот над Мароко со 45:25, го дозна последниот противник на Светското првенство кое се одржува во Полска и Шведска.

Противник на нашата селекција за 27-то место на Мундијалот ќе биде Јужна Кореја. Овај натпревар ќе се одигра на 25.јануари од 18:00 часот во Плоцк.

Јужна Кореја го освои второто место во групата 1 од Президент Купот, каде беше во група со селекциите на Чиле, Саудиска Арабија и Уругвај.


Арсенал доведе ново јануарско засилување

Фудбалскиот клуб Арсенал, на својата официјална веб страница соопшти дека во своите редови го доведе полскиот фудбалер Јакуб Кивиор.

Според официјалните податоци, трансферот на 22-годишниот Кивиор изнесува 25 милиони евра. Полскиот дефанзивец во Арсенал пристигна од редовите на италијанскиот клуб Специја. Фудбалерот е второ јануарско засилување за премиерлигашот од Лондон, после доаѓањето на Леандро Тросард од Брајтон. „Одлична вест е доаѓањето на Јакуб во нашиот тим. Тој е млад и перспективен дефанзивец кој покажа голем потенцијал и квалитет играјќи за Специја во Серија А. Полскиот репрезентативец ќе ни даде екстра квалитет во задната линија“, изјави тренерот на Арсенал, Микел Артета.