feature

Бензема израмни историски рекорд на Раул Гонзалез

Синоќа во последниот неделен натпревар од шпанската Ла Лига, Реал на гостински терен го совлада Атлетик Билбао со 2:0. Водечкиот гол за мадриѓани го постигна најдобриот стрелец Карим Бензема во 24. минута со што дојде до историско постигнување.

Имено Французинот синоќа го постигна својот 228. првенствен гол за „Кралскиот клуб“, израмнувајќи се со легендарниот напаѓач на тимот, Раул Гонзалес.

Пред нив, засега, останува само Кристијано Роналдо кој во времето на престојот во Мадрид нанижа 311 гола во дресот на „кралевите“.


Гвардиола откри кога ќе го напушти Сити

Тренерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, изјави дека ќе го напушти клубот тогаш кога ќе почуствува дека нема повеќе контрола над соблекувалната, пренесуваат англиските медиуми.

Екипата на Манчестер Сити, во моментот се наоѓа на втората позиција од табелата во Премиер лигата со пет бода помалку од првопласираниот Арсенал.

Гвардиола во изјава за медиумите истакна дека разбира оти неговите играчи го немаат истиот глад за трофеи како во минатите сезони, и наведува дека имал идентична ситуација во периодот кога беше тренер на Барселона.

„Имам разбирање за фудбалерите но јас сум тука да ги поправам работите. Претседателот знае дека сакам и во иднина да останам во Сити, но ако ја изгубам довербата од моите играчи јас ќе си заминам од клубот. Верувам дека имаме шанси повторно да ја освоиме титулата во Премиер лигата, но ќе мора да ја подобриме нашата игра. Клубот мора да се движи напред. Ние сме втори, но не заостануваме 25 бода зад Арсенал, и моменталната разлика е достижна“, истакнува Гвардиола, кој со Сити има освоено 11 трофеи.


Манчестер Јунајтед му нуди нов договор на Гарначо

Челниците на Манчестер Јунајтед му понудиле нов осумгодишен договор на младиот фудбалер Алехандро Гарначо, со кој тој неделно ќе заработува 32 илјади фунти.

18-годишниот Аргентинец Гарначо има актуелен договор со клубот од „Олд Трафорд“ до 30.јуни 2024 година, а има неделна плата од 5.000 фунти. Тој во Јунајтед пристигна во 2020.година од Атлетико Мадрид за 420 илјади фунти.

Раководството на Манчестер Јунајтед е задоволно од напредокот и добрите игри на младиот Аргентинец и поради тоа му нудат нов долгорочен договор. Англиските медиуми потсетуваат дека ниту еден играч на англискиот клуб нема потпишано осумгодишен договор со екипата од „Олд Трафорд“.

Гарначо за првата екипа на Манчестер Јунајтед има одиграно 19 натпревари и има постигнато два гола.


Рогановиќ не е повеќе селектор на црногорската репрезентација

Селекторот на ракометната репрезентација на Црна Гора, Зоран Рогановиќ, одлучи да ја напушти функцијата.

Рогановиќ својата одлука ја соопшти после поразот на Црна Гора од Словенија на Светското ракометно првенство, со резултат 31:23, натпревар кој беше последен за црногорската селекција на Мундијалот.

„Бев убеден дека ќе се пласираме на Олимписките игри, меѓутоа не успеав да го реализирам ветеното, и затоа одлучив да се повлечам од селекторската позиција. За оваа одлука ја информирав екипата, и го известив претседателот на ракометниот сојуз. Мило ми е што ја оставам екипата во извонредна состојба, и тоа е најважно во моментов. Ја оставам можноста еден ден повторно да се вратам во репрезентацијата“, изјави Рогановиќ.


Абубакар по третпат ќе заигра за Бешикташ

Кристијано Роналдо предизвика големо внимание со трансферот во Ал Наср, но клубот мораше и да се ослободи од еден странец за да го регистрира Португалецот.

Изборот на крајот падна на напаѓачот Винсент Абубакар. Камерунскиот напаѓач доби отказ, меѓутоа не чекаше многу да пронајде нов ангажман.

Абубакар се врати во Бешикташ каде што играше пред да направи трансфер во Ал Наср во 2021 година. Ова ќе биде трет пат Камерунецот да игра за клубот од Истанбул, првиот пат тоа беше во сезоната 2016/2017 како позајмен од Порто. Потоа во сезоната 2020/2021 со постојан договор на 2.5+1 година.


Артета задоволен од победата против Манчестер Јунајтед

Тренерот на Арсенал, Микел Артета, во изјава за медиумите после победата на своите фудбалери во дерби дуелот со Манчестер Јунајтед од 3:2, не го криеше задоволството од играта на екипата.

„Ова беше емотивен натпревар со многу страст. Не може многу подобро да се одигра еден дуел. Нашата игра посебно во второто полувреме беше неверојатна. Бевме прибрани и одлучни во исто време. Во ниту еден момент не паничевме, и верувавме дека дека можеме да победиме. Во повеќе наврати имавме шанси за постигнување на победничкиот гол, кој за среќа успеавме да го постигнеме во самиот финиш на средбата“, изјави Артета за Скај Спортс.

Двократен стрелец за тимот од Лондон беше Еди Нкетија кој игра во одлична форма и во нападот успешно го заменува повредениот Габриел Жезус.

Тимот на Арсенал во моментот е лидер на табелата во Премиер лигата со освоени 50 бода, пет повеќе од второпласираниот Манчестер Сити.


Трабзонспор го продава Барди, македонски ас се враќа во Шпанија?

Челниците на фудбалски состав Мајорка покажуваат дека се заинтересирани за македонскиот играч, Енис Барди, кој настапува во Трабзонспор.

Тоа значи дека нашиот репрезентативец кој беше купен од Леванте за 3 милиони евра, може да се врати на Пиринеите и повторно да игра во Ла Лига.

Турскиот тим кој се раздели со тројца фудбалери со цел да го намали буџетот за плати, планира да се ослободи од уште неколку играчи меѓу кои се врти и името на Барди.


Роналдо со победа дебитира во својот нов клуб

Португалскиот фудбалер, Кристијано Роналдо, го имаше своето деби во новиот клуб Ал Наср, и забележа победа со 1:0 против екипата на Ал Етифак, во рамките на 14.коло од шампионатот на Саудиска Арабија.

Средбата се одигра на стадионот Мрсол Парк во Ријад, а единствениот гол го постигна Андерсон Талиска во 31.минута.

Роналдо имаше солидна партија на која изведе неколку добри дриблинзи, но на своето деби за Ал Наср не покажа игра по која е препознатлив, и не успеа да се запише во листата на стрелците.

Тимот на Ал Наср е прв на табелата со освоени 33 бода, додека Ал Етифак е десетти со 18 бода.


Ѓоковиќ надмоќно до четвртфинале на АО

Српскиот тенисер, Новак Ѓоковиќ, се пласираше во четвртфиналето на грен слем турнирот Австралија опен, совладувајќи го домашниот играч Алекс де Минор со 3:0 во сетови.

За пласман во наредната рунда од турнирот, на Ѓоковиќ му беа потребни само два часа игра на „Род Лејвер“ арената.

„Мислам дека првите четири-пет гема беа многу тесни. Имаше само еден брејк во првиот сет. После брејкот почнав да се чувствувам послободен и опуштен, и започнав да играм поагресивно. Почуствував дека Алекс е нервозен на крајот од првиот и почетокот од вториот сет, и тоа беше прилика да ги искористам своите шанси“, изјави Ѓоковиќ.

Новак Ѓоковиќ во четвртфиналето од турнирот во Мелбурн ќе игра против петтиот носител, Русинот Андреј Рубљев.


Овен: Оставете го Гакпо, ни Меси не би се снашол во овој Ливерпул

Ливерпул има доста проблеми во актуелнава сезона пред се во Премиер лигата каде во моментов е далеку од местата кои водат во Лигата на шампионите во наредната сезона. На премиерлигашот засега не му помогна ниту ангажманот на холандскиот репрезентативец, Коди Гакпо, меѓутоа тој е најмалку виновен за оваа ситуација и тоа многу добро го знае легенданиот Мајкл Овен кој истакна дека му е жал за засилувањето од ПСВ.

„Жал ми е за него, затоа што доаѓа во тим кој е навистина неконзистентен и исцеден од сета самодоверба што ја видовме во минатото. Тој имаше неколку полушанси против Челзи и јасно е дека се обидува. Сигурен сум дека ќе биде добро засилување за во иднина, но во моментов би кажал дека и Лео Меси би имал проблеми во овој тим кој навистина се мачи“, порача Мајкл.