feature

Македонија закажа пријателски натпревар против Фарски Острови

Македонската машка фудбалска репрезентација на 27 март во
Скопје ќе одигра пријателски натпревар против Фарските острови,
што, воедно, ќе биде нивен прв меѓусебен дуел во историјата.
Како што попладнево официјално соопшти Фудбалската
федерација на Фарските острови (ФСФ) натпреварот ќе се игра на
Националната арена „Тодор Проески“ со почеток во 18 часот.

Репрезентацијата на Фарските острови ќе допатува во Скопје од
Молдавија каде на 24 март ги почнува квалификациите за
пласман на Европското првенство.
Македонија, пак, ги стартува евроквалификациите ден порано
против Малта на домашен терен, во рамки на групата Ц во која се
и Англија, Италија и Украина.


Конте и Тотенхем се разделуваат во јуни

Антонио Конте може да го напушти Тотенхем на лето, бидејќи раководството нема намера да му го продолжи договорот на Италијанецот, пренесува „Дејли Мејл“.

Актуелниот договор на Конте истекува на лето, но клубот има опција да го продолжи за уште една година. Меѓутоа, тоа нема да се случи бидејќи претседсателот Леви и Конте имаат различни визии за иднина.

До скоро се сметаше за сигурно неговото останување во Тотенхем, но слабите резултати во последно време, како и изјавите на Конте воопшто не му се допаѓаат на раководството.

Според „Дејли Мејл“, Тотенхем веќе размислува за негова замена, а прво име на списокот е Томас Тухел, кој во моментов е без ангажман, а живее во Лондон.


Барса и Атлетико се договорија, Депај се сели во Мадрид

Напаѓачот на Барселона, Мемфис Депај, кариерата ќе ја продолжи во Атлетико Мадрид. Веднаш после заминувањето на Жоао Феликс, прва желба на Атлетико за негова замена беше Мемфис Депај од Барселона.

Последните информации од Шпанија говорат дека двата клуба постигнале договор и Депај ќе се пресели во Атлетико за сума од 3 милиони евра.

Неговиот договор со Барселона истекуваше на крајот на сезоната, па поради тоа сумата на трансферот е симболична. Како што објави „Мундо Депортиво“, холандскиот напаѓач веќе се договорил за соработка со мадридскиот клуб до 2025 година.

Оваа сезона 28-годишниот Депај одигра четири натпревари за Барселона во сите натпреварувања и постигна еден гол.


Сити му понуди нов договор на Алварез

Шампионот на англиската Премиер лига, Манчестер Сити, му понуди нов договор на аргентинскиот напаѓач, Хулијан Алварез.

Одлуката на водечките луѓе на Сити е донесена после одличните игри на Аргентинецот за својата репрезентација при освојувањето на светската титула во Катар.

Манчестер Сити го доведе Алварез во летото 2022.година од Ривер Плата. Напаѓачот во досегашниот дел од сезоната одигра 23 натпревари и постигна осум гола.

Алварез на СП во Катар одигра седум натпревари и успеа да постигне четири погодоци. Актуелниот договор на 22-годишниот Алварез со Манчестер Сити е со траење до 2027.година.


Скалони: За мене Меси е најдобриот во историјата

Лионел Скалони како селектор и донесе големи успеси на Аргентина, па така за кратко време успеа да го предводи тимот до титули на Копа Америка и Светското првенство.

Името на Скалони тежи повеќе, неговиот збор тежи повеќе, па така тој беше запрашан да направи избор меѓу две легенди, асови на Аргентина кои засекогаш ќе останат врежани во срцата на сите Аргентници-тоа се Диего Армандо Марадона и Лионел Меси.

На многумина им е тешко да одговорат, изберат еден од нив, ама не и за Скалони кој кратко и јасно порача:

„За мене Меси е најдобриот во историјата. Марадона беше одличен, ама со Лео имам нешто посебно,“, истакна предводникот на новиот светски шампион.


Арсенал и Фулам преговараат за Седрик Соареш

Фудбалерот на Арсенал, Седрик Соареш, има реална шанса до крајот на неделава да замине во редовите на Фулам.

31-годишниот играч на „топчиите“ досега имаше само едно појавување на теренот и тоа против Брајтон во третото коло на Карабао купот.

Медиумите во Англија велат дека единствен проблем за најавениот трансфер може да биде платата на Седрик од 26.000 фунти неделно бидејќи Фулам не може да си ја дозволи.


Милијардер од Саудиска Арабија плати 2,4 милиони евра за да го гледа дуелот на Роналдо и Меси

Францускиот весник Л`Екип пренесува дека бизнисмен од Саудиска Арабија платил 2,4 милиони евра за ВИП влезница за пријателскиот фудбалски натпревар помеѓу Ол-стар екипата од Ријад и Париз Сен Жермен.

Овај натпревар воедно ќе биде и деби за Кристијано Роналдо пред публиката во Саудиска Арабија, после потписот за неговиот нов клуб Ал-Наср. Ревијалниот натпревар би можел да биде и последниот дуел на големите фудбалски звезди Лионел Меси и Кристијано Роналдо.

Износот платен за ВИП влезницата бил постигнат на наддавање, а целата сума ќе оди во хуманитарни цели.


Санчо им се врати на тренинзите, Јунајтед добива уште една офанзивна опција

Фудбалерот, Џејдон Санчо, кој досега тренираше индивидуално, од вчера им се приклучи на соиграчите во Манчестер Јунајтед.

22-годишниот фудбалер по рехабилитацијата во Холандија на која го испрати менаџерот, Тен Хаг, сега се врати во Англија. Тој бил активен на вчерашниот тренинг.

Санчо последниот меч го одигра изминатиот октомври против Челзи во рамките на 13. коло на Премиер лигата.


Јувентус доби нов директор

Фудбалскиот клуб Јувентус за нов претседател го назначи Џанлука Фереро, кој на оваа функција ќе го замени Андреа Ањели.

Ањели и целокупната управа на „бјанконерите“поднесе оставка кон крајот на ноември минатата година. Оставката беше поднесена поради судските обвиненија за можни финансиски проневери.

60-годишниот Фереро беше единствен кандидат за претседател, и тој беше номиниран од компанијата „Екор“, која е во сопственост на семејството Ањели, и која има контрола врз водењето на Јувентус.

Фереро ќе има задача да ја подобри спортската и финансиската ситуација во клубот, бидејќи Јувентус минатата година забележа загуба од 200 милиони евра.


Најбогатиот Британец и официјално влезе во трка за купување на Манчестер Јунајтед

Компанијата Инеос, која е во сопственост на британскиот милијардер Џим Ретклиф, и официјално влезе во трката за купување на фудбалскиот клуб Манчестер Јунајтед.

Медиумите од Англија, шпекулираат дека Јунајтед би можел да го промени сопственикот до крајот на март оваа година.

Актуелните сопственици на англискиот фудбалски гигант, семејството Глејзер, во ноември минатата година објавија дека размислуваат за продажба на клубот.