feature

Кошаркарскиот клуб Црвена звезда нема да може да го регистрира Кампацо до 28.февруари

Кошаркарската Евролига му изрече забрана за регистрација на нови играчи на Црвена звезда, која ќе мора да плати и парична казна од 25.000 евра, поради сериозни прекршувања на финансиската стабилност и правилата за фер плеј.

Поради изречената забрана, црвено-белите од Белград нема да можат да го регистрираат аргентинскиот кошаркар Факундо Кампацо кој неодамна беше доведен во клубот. Тој ќе може да настапува за Црвена звезда само во натпреварите од регионалната АБА лига.

Раководството на белградска Црвена звезда најави жалба на одлуката за казна и правна борба со Евролигата.


Габриел Жесус ја започна втората фаза на рехабилитацијата

Габриел Жесус ги отфрли патериците и ја започна својата програма за рехабилитација. Ова е јасно од последната објава на Бразилецот на социјалната мрежа „Инстаграм“ во која објави „стори“ на која се гледа како ги остава патериците на страна и мавта со нив збогум, а самиот Жесус пишува „пеј за слобода“.

25-годишниот напаѓач беше дел од тимот на Бразил на Светското првенство во Катар, но заработи повреда на коленото на натпреварот против Камерун.

Сепак, очекувањата во моментов се тој да може да се врати на терените дури на крајот на февруари, а Микел Артета веќе призна дека размислува дали да привлече или не неговата замена. И покрај неговото отсуство, „топчиите“ се снаоѓаат добро и ги добија двата натпревари во Премиер лигата од рестартот на сезоната против Вест Хем и Брајтон.


Роналдо ја раскина соработката со менаџерот Мендеш

Португалските медиуми пренесуваат дека Кристијано Роналдо ја раскина соработката со неговиот долгогодишен менаџер Жорж Мендеш.

Роналдо и Мендеш соработуваа повеќе од 20 година, а до раскин на соработката наводно дошла во ноември минатата година, откако познатиот менаџер му се наљути на Роналдо, кој самоиницијативно одлучи да го раскине договорот со Манчестер Јунајтед.

Роналдо потпиша договор со саудискиот клуб Ал Наср до 2025.година според кој годишно ќе  заработува 200 милиони евра. Неговиот сега веќе поранешен менаџер од овој договор требаше да добие провизија во висина од 30 милиони евра, но сега нема да добие ниту евро. Мендеш за време на соработката со Роналдо од разни провизии заработи повеќе од 100 милиони евра.


Директорот на Рома убеден дека Мурињо останува во клубот

Директорот на фудбалскиот клуб Рома, Тијаго Пинто, е убеден дека тренерот Жозе Мурињо ќе остане во клубот и покрај тоа што за негов ангажман е заинтересиран Фудбалскиот сојуз на Португалија.

Португалците бараат нов селектор откако репрезентацијата ја напушти Фернандо Сантош после остварениот слаб резултат на Светското првенство во Катар и елиминацијата во четвртфиналето.

Во медиумите излегоа шпекулации дека Фудбалскиот сојуз на Португалија сака да го доведе Мурињо, но ќе му дозволи да остане да работи и во Рома, но од римскиот клуб изјавуваат дека се навикнати на шпекулации.

„Кога имате тренер како Мурињо мора да се навикнете на гласини и шпекулации. Ништо не ги пореметува припремите на екипата и сите сме концентрирани на нашата работа. Јас сум Португалец и сум сигурен дека иднината на Мурињо е во Рома“, изјавува спортскиот директор Пинто.


Меси се врати во ПСЖ и започна со тренинзи

Фудбалерот на Париз Сен Жермен, Лионел Меси, кој неодамна стана светски шампион со Аргентина, се врати во тренинг центарот на клубот.

После големата прослава откако Аргентина ја освои светската титула, Лионел Меси доби неколку дена одмор со своето семејство во родниот град Розарио, по што се врати во Париз и им се приклучи на своите соиграчи во тренинзите со екипата.

Меѓу првите соиграчи кои го поздравија враќањето на Меси во ПСЖ беше Бразилецот Нејмар. Претходно Килијан Мбапе кој му беше противник на Меси во финалето на Мундијалот, се врати во клубот од Париз само три дена после турнирот.


Њукасл врза 15 натпревари без пораз, првпат по 17 години

Синоќа се одигра натпреварот од 19. коло во англиската Премиер лига помеѓу лондонски Арсенал и Њукасл. Натпреварот на стадионот „Емирати“заврши со резултат 0:0.

За Њукасл ова беше 15-ти меч во серија, земајќи ги предвид сите натпреварувања, во кои избраниците на Еди Хау не загубија. Во овој период тие успеаа да победат на девет натпревари, а шест завршија нерешено (вклучувајќи ја и средбата со Арсенал). Ваква долга серија без пораз Њукасл немал од декември 1995 година.

Во 20. коло од англискиот шампионат, Њукасл на домашен терен ќе го пречекаат Фулам. Натпреварот ќе се одигра на 15 јануари и тоа ќе биде шанса да се продолжи серијата на позитивни резултати.


Карагер: На Ливерпул му требаат 200 милиони за да се бори за титула

Ливерпул загуби на гостувањето кај Брентфорд со 1-3 и така направи чекор назад во битката за топ-4 во Премиерлигата. Поранешниот фудбалер на Ливерпул, Џејми Карагер испрати порака до тренерот Јирген Клоп и раководството на тимот да потрошат многу пари за да се спасат од мизеријата.

„Не гледам друг начин, освен Ливерпул да потроши над 200 милиони фунти на засилувања за да напредува“, кажа Карагер

Ливерпул сезонава има 28 бода по 17 одиграни кола во Премиерлигата.


Македонија ЃП ќе игра на интернационален турнир во Хрватска

Екипата на Македонија Ѓорче Петров ги започнува подготовките за вториот дел од оваа сезона и тоа во Хрватска каде ќе биде дел од „Арена Куп 2023“.

„Лавовите“ тука ќе одиграа најмлаку три натпревари и тоа против Истра од Хрватска, Арсенал Тиват од Црна Гора и Колкети од Грузија.

„На 3 јанувари официјално ги започнуваме подготовките за прелетниот дел на сезоната. Во Хрватска наредните 12 дена ќе престојуваме во Хотел Белведере Медулин, каде имаме одлични услови за работа. На 4 јануари имаме закажани лекарски прегледи во Пула. Ќе учествуваме на Арена Купот, каде ќе одиграме најмалку три натпревари. Играчите ќе имаат време и за одмор, но по посебна програма за работа. Подготвени сме за наредните предизвици кои не очекуваат во кои се надеваме дека и оваа година ќе бидеме успешни, -истакна тренерот Муарем Бајрами.

На 25 јануари пак тимот заминува во Анталија.


Милан се засили со голманот Васкез од Колумбија

Фудбалскиот клуб Милан соопшти дека голманот од Колумбија, Девис Васкез е нов играч на екипата.

24-годишниот Васкез во Милан доаѓа од парагвајскиот клуб Гуарани, а со росонерите потпиша договор до јуни 2026.година.

Васкез за Гуарани во две сезони одигра 28 натпревари во парагвајската лига како и три натпревари во Копа Либертадорес.

Милан во моментот се наоѓа на второто место во Серија А, после 15 одиграни натпревари.


Бразилецот Силвињо е нов селектор на албанската репрезентација

Албанија и официјално го соопшти наследникот на Едоардо Реја кој го водеше националниот тим од 2019 до 2022 година.

Фудбалската федерација на нашиот западен сосед се реши за јужноамериканско решение и тоа во името на Силвињо. Некогашниот ас на Арсенал, Барселона и Манчестер Сити се реши да каже „ДА“ па ќе ја води Албанија во наредните 18 месеци или поточно до крајот на Европското првенство во 2024 година.

Негови помошници ќе му бидат Пабло Забалета и Доривал Жуниор.

Силвињо не се прослави во досегашната кариера како тренер, па брзо заработи откази во Лион и потоа во Коринтијанс.