feature

Бензема пред потпис на нов договор со Реал Мадрид

Карим Бензема го однесе Реал до европскиот трон и ја доби „Златната
топка“ за најдобар играч оваа година. Неговиот договор со
„кралевите“ истекува на крајот на сезоната, но Реал веќе спреми нов
договор за голгетерот.
Најавите од Шпанија се дека Реал сака да го задржи Бензема најмалку
до 2024 година и двете страни се блиску до договор.
Во Реал се надеваат дека наскоро ќе бидат договорени сите детали и
Бензема ќе стави потпис на договорот.


Шкрињар од јуни се сели на „Емирати“

Дефанзивецот на Интер, Милан Шкрињар, кој на лето ќе стане
слободен играч, најверојатно ќе се пресели во Арсенал.
Тоа го пренесува „Калчомеркато“ и тврди дека „Топџиите“ се меѓу
клубовите кои будно ја следат ситуацијата со неговиот договор.
Словачкиот фудбалер во последно време беше предмет на бројни
трансфер гласини, а за играчот се борат ПСЖ и Тотенхем. Арсенал
бара нов дефанзивец и планираат да го ангажираат Милан Шкрињар,
а Тотенхем и ПСЖ би испаднате од конкуренција за играчот.
Да потсетиме дека Шкрињар игра за Интер од 2017 година. Оваа
сезона словачкиот дефанзивец учествуваше на 15 натпревари од
италијанската Серија А и не постигна гол.


Манчестер Јунајтед во март добива нови сопственици

Семејството Глејзер сака да го продаде Манчестер Јунајтед уште во

првото тромесечие од 2023 година, објави реномираниот новинар
Дејвид Орнстин.
Американската банка „Raine Group“ која ја контролира целата
продажба има поставено рок до март за извршување на продажбата.
Глејзер бараат помеѓу 7 и 8 милијарди за акциите на Манчестер
Јунајтед.
Поради тоа, Манчестер Јунајтед нема да купува играчи во зимскиот
преоден рок, а ќе бара засилување на позајмица, откриваат медиумите
на Островот.
Веста дека клубот ќе доведува засилувања само на позајмица е
сериозен удар за менаџерот Ерик тен Хаг, кој имаше големи надежи,
дека значително ќе го засили тимот во јануари.


Клоп има нова желба, Ливерпул го сака Каиседо од Брајтон

Ливерпул сака да го засили тимот во зимскиот преоден рок, а позната
е најголемата трансфер желба на Јирген Клоп.
Јирген Клоп има малку алтернативи во средниот ред и сака да донесе
квалитетен играч за врска, бидејќи во моментов има многу повредени
фудбалери. Најголема желба е играчот на Брајтон, Моизес Каиседо,
кој одигра одлично на Мундијалот за репрезентацијата на Еквадор.
Ливепул веќе испратил првична понуда која била одбиена бидејќи
Брајтон за слободата на играчот бара 60 милиони фунти.
Ливерпул во наредните денови ќе испрати нова понуда, но „црвените“
сигурно нема да ја надминат сумата од 45 милиони пренесуваат
медиумите на Островот.


Влаховиќ неизвесен за супер-дербито меѓу Наполи и Јуве

Душан Влаховиќ се уште се мачи со повредата на препоните, поради
која најверојатно ќе го пропушти дерби натпреварот против Наполи
на 13 јануари во Серија А, објавија денеска италијанските медиуми.
Клубот се надеваше дека тој ќе биде на располагање за мечот против
Наполи, трет во новата година, но според „Газета дело спорт“,
Влаховиќ ќе го пропушти и тој меч.
Влаховиќ не тренираше со тимот откако се врати од Катар каде одигра
само 79 минути и постигна еден гол на два натпревари. Српскиот
репрезентативец веќе неколку месеци се мачи со оваа повреда.
Последниот меч за Јувентус го одигра на 25 октомври против
Бенфика, а последен пат цели 90 минути ги одигра на 15 октомври
кога постигна гол во победата против Торино.


Пливачот Поповичи е балкански спортист на годината

Романскиот пливач Давид Поповичи го понесе признанието за
најдобар спортист на Балканот во 2022 година, во изборот кој
традиционално го организира бугарската новинска агенција БТА.
Младиот, 18-годишен Поповичи оваа година освои златни медали на
100 и 200 метри слободно на Светското првенство во Будимпешта, а
во истите дисциплини ги освои и европските титули во Рим. Воедно
го подобри и светскиот рекорд во дисциплината 100 слободен стил.
Во 40-ти по ред избор на најдобар балкански спортист во
организација на БТА, во кој учествуваа десет регионални новински
агенции, Поповичи освои 64 бодови, три повеќе од српскиот тенисер
Новаќ Ѓоковиќ на второто и капитенот на хрватската фудбалска
репрезентација Лука Модриќ на третото место (48).
Избор на најдобар спортист на Балканот, 2022:
Давид Поповичи (Романија, пливање) 64 бодови
Новак Ѓоковиќ (Србија, тенис) 61
Лука Модриќ (Хрватска, фудбал) 48
Милтиадис Тентоглу (Грција, атлетика) 46
Тијана Бошковиќ (Србија, одбојка) 31
Никола Јокиќ (Србија, кошарка) 27
Јанис Антетокумпо (Грција, кошарка) 23
Александар Везенков (Бугарија, кошарка) 21
Лана Пудар (БиХ, пливање) 20
Таха Акгул (Турција, борење) 20.


Австралија опен го зголеми наградниот фонд за следното издание

Првиот календарски грен – слем турнир Австралија опен ќе им
понуди на тенисерите рекордно висок награден фонд во износ од 76.5
милиони австралиски долари (48.5 милиони евра).
Организаторите на првиот од четирите сезонски грен – слем турнири,
кој ќе стартува на 16 јануари, соопштија дека наградниот фонд на
Австралија опен 2023 е зголемен за 3,4% во однос на годинешното
издание.
Победниците во машка и женска конкуренција ќе инкасираат по 1.886
милиони евра, а само пласманот во првото коло на тенисерите ќе им
донесе заработка од 67.384 евра.

На Австралија опен го зголемивме наградниот фонд за секое коло,
особено за првото, изјави директорот на Австралија опен, Грег Тили.


Клоп: Борбата за место во ЛШ во Премиер лигата ќе биде пеколна

Јирген Клоп е свесен дека иако Премиер лигата се уште не е стигната
ни до половина, неговиот тим нема шанси за титулата оваа година.
„Црвените“ имаа лош старт на сезоната и играа „топло-ладно“ па во
моментов се далеку од врвот на табелата и годинава им преостанува
борба за пласман во Лигата на шампионите.
Тоа го знае и самиот Клоп кој истакна дека Арсенал и Сити ќе се
борат за титулата во Премиер лигата, а дека дури пет клубови ќе се
борат за останатите две места кои ќе водат во Лигата на шампионите.
„Оваа сезона ќе имаме топ 7 тимови затоа што знаеме дека Њукасл е
голем конкурент од оваа сезона. Само четири ќе успеат да стигнат до
целта, а се чини дека во овој момент само две места се останати.
Арсенал има неверојатна сезона, Сити е Сити, а Манчестер Јунајтед е
јасно дека се враќа. Тотенхем секогаш се бори до крај, а Челзи е се
уште тука.
Ќе биде тешко, треба да играме специјално во вториот дел од сезоната
за да имаме шанса да се пласираме во Лигата на шампионите, што е и
наша цел“, изјави Јирген Клоп.


Топ 10 фудбалски трансфери во 2022 година

Трансферот на Бразилецот Антони од Ајакс во Манчестер Јунајтед кој изнесуваше вкупно 95 милиони евра е најскапиот во 2022 година. 22-годишниот фудбалер потпиша петгодишен договор со тимот од Олд Трафорд.

За одбележување е фактот дека седум од топ 10 трансферите се на англиски клубови, а листата според сајтот Трансфермаркт е следната:

  1. Антони – трансфер од Ајакс во Манчестер Јунајтед – 95 милиони евра
  2. Душан Влаховиќ – трансфер од Фиорентина во Јувентус – 81,6 милиони евра
  3. Весли Фофана – трансфер од Лестер во Челзи – 80,4 милиони евра
  4. Орелиен Чуамени – трансфер од Монако во Реал Мадрид – 80 милиони евра
  5. Дарвин Нуњес – трансфер од Бенфика во Ливерпул – 80 милиони евра
  6. Каземиро – трансфер од Реал Мадрид во Манчестер Јунајтед – 70,65 милиони евра
  7. Александар Исак – трансфер од Реал Сосиедад во Њукасл – 70 милиони евра
  8. Матијс де Лихт – трансфер од Јувентус во Барн Минхен – 67 милиони евра
  9. Марк Кукурела – трансфер од Брајтон во Челзи – 65,3 милиони евра
  10. Ерлинг Халанд – трансфер од Борусија Дортмунд во Манчестер Сити – 60 милиони евра

Меси, Путељас и Аргентина најдобри годинава во избор на спортските новинари

Аргентинскиот фудбалер Лионел Меси и неговата шпанска колешка Алекси Путељас се прогласени за најдобри спортисти во 2022 година, а фудбалската репрезентација на Аргентина за најдобра екипа во изборот на Меѓународното здружение на спортски новинари (AIPS).

Во машка конкуренција славеше аргентинскиот капитен и член на ПСЖ, Меси, со 962 гласови, пред светскиот рекордер во скок со стап, Швеѓанецот Арманд Дуплантис (373) и францускиот фудбалер Килијан Мбапе (366).

Шпанската фудбалска ѕвезда Путељас ја освои наградата во женска конкуренција со 452 гласови, пред американската пливачка Кејти Ледецки (295) и светската рекордерка во трискок Јулимар Рохас (243) од Венецуела.

Во изборот за екипа на годината триумфираа новите светски фудбалски шампиони, Аргентинците, со 1.399 гласови, пред фудбалската репрезентација на Мароко (381) и фудбалската репрезентација на Франција (252).

Во гласањето учествуваа 420 спортски новинари од 113 држави.