feature

Витсел добива нов договор со Атлетико Мадрид

Атлетико Мадрид е заинтересиран за продолжување на соработката со играчот од средниот ред Аксел Витсел и има намера да го активира условот за продолжување на договорот до летото 2024 година.

Витсел му се приклучи на шпанскиот клуб во летото 2022 година како слободен фудалер. На 28 натпревари, белгискиот играч за врска има постигнато еден гол и една асистенција.


Барди: Трабзонспор се спрема за уште една турска титула

Трабзонспор славеше на големото дерби против лидерот на табелата Фенербахче, па тимот на нашиот Енис Барди се врати во трката за титулата.

Барди влезе од клупата за резерви и им помогна во големата победа на неговиот тим.

„Среќни сме што го добивме мечот. На секој дуел одиме на победа, сакаме да бидеме на врвот. Знаеме дека битката за титулата е тешка, но ќе се бориме и не се откажуваме“, изјави Барди.

Фенербахче во моментов е лидер со 27 бодови, Галатасарај има еден помалку, а Трабзонспор има 24 бода.


Ван Дијк има голема заслуга за доаѓањето на Гакпо во Ливерпул

Англиските медиуми пренесуваат дека фудбалерот на Ливерпул, Вирџил ван Дијк има голема заслуга за успешниот трансфер на Коди Гакпо во клубот од „Енфилд“.

Дефанзивецот на Ливерпул во телефонски разговор лично го убедил својот сонародник дека Ливерпул е вистинскиот клуб за него и дека треба својата кариера да ја продолжи во тој клуб. Гакпо претходно беше трансфер цел на големиот ривал на Ливерпул, Манчестер Јунајтед, меѓутоа 23-годишниот фудбалер сепак се одлучи да потпише договор со клубот од Мерсисајд.

Според извештаите од медиумите, Ливерпул како обештетување за Гакпо ќе плати 50 милиони евра со вклучени дополнителни бонуси.


Украинецот Мудрик прва зимска желба на Микел Артета

Арсенал е силно заинтересиран за талентот на Шахтјор и новата украинска ѕвезда, Михајло Мудрик.

21-годишниот крилен фудбалер игра одлично оваа сезона и особено воодушеви со натпреварите во Лигата на шампиони. Мудрик оваа сезона на 22 меча постигна 10 гола и запиша 8 асистенции, а експертите му предвидуваат блескава кариера.

Арсенал го сакаше уште во текот на летото, но Шахтјор тогаш ја одби понудата од 30 милиони евра. Сепак, „топџиите“ не се откажуваат и сега спремаат многу побогата понуда.

Украинецот има договор со Шахтјор до 2026 година, а медиумите тврдат дека Арсенал е спремен да плати 60 милиони евра.


Атлетико Мадрид заинтересиран за Маркус Турам

Францускиот весник „Лекип“, пренесува дека челниците на фудбалскиот клуб Атлетико Мадрид се заинтересирани за доведување на францускиот репрезентативец Маркус Турам.

Французинот Турам има договор со екипата на Борусија Менхенгладбах до крајот на сезоната, и веќе неколку пати ја одби можноста да ја продолжи соработката со германскиот клуб. 

Покрај Атлетико, за потписот на Турам голем интерес покажуваат и Баерн Минхен, Интер и Њукасл.

Маркус Турам игра во Бундеслигата од 2019.година, а пред тоа настапуваше за француските Гингамп и Сошо. За првиот тим на француската репрезентација има настапено на девет натпревари.


Аргентинците „навалија“ по новиот дрес на репрезентацијата

Во Аргентина започна претпродажбата на новиот дрес на фудбалската репрезентација со три звездички, која ја симболизира третата светска титула. Од компанијата Адидас која е изработувач на аргентинските дресови, велат дека дресовите и опремата од првата фаза се распродадени. Од таму информираат дека залихите наскоро ќе бидат пополнети и се очекува зголемување на продажбата во јануари.

Фановите во Аргентина велат дека системот за онлајн набавка на дресот не функционира најдобро, веројатно поради преоптовареност со порачки, а огромен интерес има и за набавка на дресот од продавниците за спортска опрема.

Аргентина пред осум дена ја освои титулата светски првак, откако во финалето ја совлада селекцијата на Хрватска. Претходно Аргентина беше шампион на Мундијалите во 1978. и 1986.година.


Мукоко одбил висока плата за нов договор со Борусија Дортмунд

18-годишниот напаѓач Јусуф Мукоко, одби да го продолжи договорот со германскиот клуб Борусија Дортмунд, што значи дека европските гиганти ќе тргнат по неговиот потпис.

Мукоко во овој момент има договор со Борусија само до крајот на актуелната сезона, а „Трансфермаркт“ моментално го цени на 30 милиони евра. Во Борусија моментално заработува 1,8 милиони евра годишно, а клубот му понуди зголемување на неговата плата на шест милиони по сезона. Но, младиот напаѓач, кој доби минутажа во германската репрезентација на Мундијалот, ја одби понудата.

Агентите на Мукоко наводно на „милионерите“ им порачале дека тој ќе си замине ако неговата плата не биде најмалку седум милиони евра по сезона.


Норвич го отпушти тренерот Смит

Англискиот фудбалски клуб Норвич, соопшти дека ја прекина соработката со тренерот Дин Смит. Причина за разделбата помеѓу двете страни се слабите резултати на „канаринците“ во последниов период.

Тимот на Норвич запиша само три победи во последните 13 натпревари во англискиот Чемпионшип. Тренерот Смит влезе во конфликт со навивачите на Норвич кои ги обвини дека не даваат силна поддршка на екипата после домашниот пораз од Блекбурн, што придонесе за неговиот отказ од раководството на клубот.


Клоп го сака Елмас во Ливерпул уште во јануари

Пред влезот во Новата година од Островот пристигнуваат информации според кои македонскиот репрезентативец Елиф Елмас е голема желба на Јирген Клоп.

Информациите од Островот се дека Елмас веќе имал разговор со Ливерпул и клубот му објаснил на Елиф какви се плкановите. Клоп сака фудбалер со кој ќе го реши проблемот во средниот ред. Во летниот преоден рок на „Енфилд“ пристигна Артур како решение за тој проблем, но Бразилецот не се снајде.

Сезонава Елмас не добива преголема минутажа, па можеби трансфер во Ливерпул изгледа како одлична можност за Елмас.

Сепак, неговиот договор со Наполи е до 2025 година и прашање е клубот од Неапол дали ќе сака да се откаже од неговите услови. Елмас се проценува на околу 23 милиони евра.


Меси доби подолг одмор, ќе се врати во Париз во јануари 2023 година

Француски „Л’Екип“ објави дека Лео Меси, веројатно ќе се врати на клупските обврски во ПСЖ на 11 јануари.

Аргентинскиот фудбалер максимално ќе ги искористи деновите за одмор и ќе ја прослави титулата освоена на Мундијалот во Катар. Тој сигурно нема да игра против Стразбур во Лига 1 потоа против Ленс на 1 јануари и во Купот на Франција против Шатору на  6 јануари.

Меси според најавите првиот меч во новата година ќе го одигра на 11 јануари и тоа против Анжи.