feature

Аргентинецот Рули фаворит за голманското место во Ајакс

Голманот на Аргентина и Виљареал, Џеронимо Рули би можел да се пресели во Ајакс, објави новинарот Фабрицио Романо на Твитер.

Според изворот, клубот од Холандија планира да потпише со нов голман во јануари, а Рули е кандидат број еден на листата на нивни желби.

Аргентинскиот голман е клучен играч на Виљареал, но Ајакс веќе започнал разговори со играчот.

Рули стана победник на Светското првенство како дел од репрезентацијата на Аргентина, но не учествуваше на натпреварите на турнирот.

Оваа сезона 30-годишниот голман одигра 14 натпревари за Виљареал и седум пати ја чуваше неговата мреже недопрена. Трансфермаркт го вреднува голманот со 10 милиони евра.


Интер и Реал преговараат за трансфер на Дани Себаљос

Интер е силно заинтересиран за плејмејкерот на Реал Мадрид, Дани Себаљос, пренесуваат италијанските медиуми.

За Себаљос повеќе нема место во Реал Мадрид, па јасно е дека на крајот на сезоната ќе го напушти „кралскиот“ клуб. Неговиот договор со Реал истекува на крајот на сезоната и ќе замине како слободен агент, а може да преговара со заинтересираните клубови уште во јануари.

Интер сака да го засили средниот ред, а Инзаги верува дека Шпанецот би можел да биде идеална алтернатива за Брозовиќ.

„Нероаѕурите“ наскоро ќе стапат во контакт со агентот на Себаљос и сакаат да го донесат на лето без обештетување.


Мукоко одбива нов договор со Борусија Дортмунд

Германските медиуми пренесуваат дека фудбалерот Јусуфа Мукоко одбил да го продолжи договорот со Борусија Дортмунд, бидејќи играчот барал плата од седум милиони евра по сезона.

18-годишниот Мукоко има договор со Борусија до крајот на сезоната, а годишно заработува 1,8 милиони евра. Според информациите, челниците на клубот од Дортмунд му понудиле на младиот фудбалер нов договор по кој ќе заработува шест милиони евра по сезона, меѓутоа Мукоко барал еден милион повеќе.

Според Трансфермаркт, вредноста на Мукоко на фудбалскиот пазар вреди околу 30 милиони евра.


Де Хеа нема да добие нов договор, Јунајтед ќе ангажира нов голман

Голманот на Манчестер Јунајтед, Давид де Геа, по цели 12 сезони ќе си замине од стадионот – „Олд Трафорд“ , најавија медиумите во Англија.

Тренерот, Тен Хаг, има намера да го врати Дин Хендерсон, кој брани како позајмен за Нотингем Форест а во опција влегува и чуварот на мрежата на Борусија Дортмунд, Зомер.

Актуелниот договор на Давид Де Геа со „црвените ѓаволи“ ќе истече на крајот на сезонава.


Жоао Феликс во јануари се сели во Англија

Португалскиот репрезентативец Жоао Феликс, сака да си замине од Атлетико Мадрид и да се пресели во Премиер лигата, пишуваат француските медиуми.

Откако извршниот директор на Атлетико, Анхел хил Марин призна дека имало конгфликт помеѓу Феликс и тренерот Симеоне, јасно е дека Португалецот ќе го напушти клубот. Порталот „Ле 10 спорт“ пишува дека ПСЖ нема намера да го купува Феликс бидејќи во нападот ги има Мбаше, Меси и Нејмар и дека Португалецот ќе избира меѓу Арсенал и Манчестер јунајтед.

Во Арсенал сакаат да го ангажираат Португалецот уште во зимскиот преоден рок како замена за повредениот Габриел Жесус, додека Манчестер јунајтед го гледа како идеален наследник на Кристијано Роналдо.


Во Далас е откриена статуа во чест на Новицки

Кошаркарскиот клуб Далас Маверикс, пред својата сала откри статуа во чест на легендарниот играч Дирк Новицки.

Статуата го прикажува Новицки како го изведува својот легендарен шут на една нога, кој беше негов заштитен знак во кариерата.

„Беше емотивно. Кога статуата беше откриена, помислив како е денес сонцето совршено“, изјави Новицки. Германскиот кошаркар е единствениот играч во НБА кој провел 21 сезона играјќи за ист клуб. Тој со Далас стана НБА шампион во сезоната 2011/2012. Новицки е номиниран и за влез во кошаркарската Куќа на славните.


Ѓоковиќ: Сакам да играм во Австралија и се надевам на добар прием

Еден од најдобрите светски тенисери, Новак Ѓоковиќ, изјавува дека се надева оти ќе има добар прием од јавноста во Австралија, при неговиот настап на гренд слем турнирот во Мелбурн.

„После она што ми се случи минатата година, се надевам дека ќе бидам дочекан на прав начин, и дека тоа ќе ми помогне да го играм својот најдобар тенис. Во минатото секогаш сум имал одлични настапи во Австралија и навистина сакам да играм таму“, изјавува Ѓоковиќ.

Српскиот тенисер минатата година беше депортиран од Австралија, откако тогашниот министер за имиграција му ја укина визата поради можноста присуството на невакциниран играч да има влијание на вакцинацијата против корона вирусот во таа земја. На Ѓоковиќ му беше изречена и трогодишна забрана за влез во Австралија, но таа одлука беше поништена минатиот месец.

Гренд слем турнирот Австралија опен се одржува од 16. до 29. јануари.


ФИФА: Немаше наместени натпревари на Светското првенство во Катар

Меѓународната фудбалска федерација – ФИФА, објави дека после спроведената истрага не е откриено било какво местење на натпревари на Мундијалот во Катар.

Работната група за интергитет во ФИФА, беше задолжена за истрага на 64 натпревари одиграни на Мундијалот, со цел откривање на потенцијални неправилности или обиди за манипулација. Истрагата ги опфати бизнисите со обложување, биле спроведени многу анализи од повеќе подрачја и е прегледан надзорот на местата на натпреварите.

На крајот од истрагата е заклучено дека немало манипулации на СП во Катар, и дека сите натпревари се регуларни.


Две големи имиња кандидираат за португалската клупа

Зинедин Зидан и Луис Енрике се кандидати за селектор на португалската репрезентација, тврди весникот „А Бола“.

По одбивањето на Жозе Мурињо да работи со португалската репрезентација, главни кандидати за оваа функција се Зинедин Зидан, кој претходно работеше со Реал Мадрид и Луис Енрике, кој ја напушти шпанската репрезентација по Мундијалот во Катар.


Матеус Куња е нов играч на Вулверхемптон

Бразилскиот напаѓач Матеус Куња и официјално е нов фудбалер на Вулверхемптон. Оваа вест е потврдена од англискиот премиерлигаш.

Куња во Волвс пристигна на инсистирање на новиот тренер на екипата, Лопетеги. Фудбалерот од Бразил во клубот од Англија пристигнува како позајмен играч на Атлетико Мадрид каде претходно беше најавуван како огромно засилување за тимот, но тој не се вклопи во концепцијата на Диего Симеоне кој многу ретко му даваше шанса за настап.

На 54 натпревари за Атлетико Мадрид, Куња постигна само осум голови и имаше седум асистенции.