feature

Раниери е нов тренер на Каљари

Италијанскиот фудбалски клуб Каљари соопштува дека за нов тренер на екипата е поставен искусниот стручњак Клаудио Раниери со кого е потпишан договор до 2025.година.

За Раниери ова ќе биде втор пат како седнува на клупата на Каљари. Претходно тој го водеше тимот од 1988.година до 1991.година, кога го воведе Каљари од Серија Ц во Серија А.

Клаудио Раниери има богата тренерска кариера и во минатото меѓу другите ги има водено Рома, Интер, Монако, Лестер, Нант, Фулам, Сампдорија, Фатфорд.

Најголем успех во тренерска работа на Раниери е освојувањето на Премиер лигата со екипата на Лестер во 2015.година.


Алегри: Целта на Јувентус е пласман во топ 4

Јувентус ќе се бори со сите сили за да ја задржи позицијата меѓу четирите најдобри екипи во Серија А, изјави тренерот Масимилијано Алегри, кој потенцира дека ова е минималната цел на тимот до крајот на сезоната.

Бјанконерите беа трети на табелата во Серија пред паузата за Светското првенство, два бода зад Милан и 10 зад водечкиот Наполи, но само еден бод повеќе од четвртопласираниот Лацио и петтопласираниот Интер.

„Минималната цел е да останеме меѓу првите четири, но и да се обидеме да се приближиме што е можно повеќе до Наполи, кој продолжува да има сериозно водство. Потоа, тука се натпреварите во Лигата на Европа и Купот на Италија. Би било добро да стигнеме до самиот крај на овие натпреварувања“, истакнува Алегри.


Милан фаворит за потписот на Дани Олмо

Милан покажува сериозен интерес за ѕвездата на Лајпциг, Дани Олмо, пренесува „Газета дело Спорт“.

Олмо игра одлично во Лајпциг каде оваа сезона има постигнато 4 гола и 5 асистенции, а покажа добри партии и на Мундијалот. Олмо на лето влегува во последната година од договорот, па Милан сака да ја искористи таквата ситуација и да го доведе на „Сан Сиро“.

Шпанецот може да игра на сите позиции во нападот, а „росонерите“ се спремни да понудат 40 милиони евра за неговиот потпис.


Лапорта: Летните засилувања ни донесоа компетитивна Барса

Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта ги коментираше резултатите од годината која завршува за каталонскиот клуб, а исто така рече дека финансиските инекции кои ги активирале летото овозможиле да се создаде конкурентен тим.

„Тоа беше тешка година, почеток на нашето опоравување. Ова лето, напорно работевме на градење тим кој може да се претстави добро две години – со мали измени доколку е потребно. Ова е тим кој може да се натпреварува за трофеи. Дел од радоста се врати, но нема да се врати целосно додека не почнеме да освојуваме титули. Сега го контролираме нашиот долг и ги намалуваме платите на играчите. Работите одат во добра насока и спортски и финансиски. Сигурен сум дека има работи кои можеа да бидат подобри, но ние даваме се од себе и мораме да гледаме во иднината. Навивачите на Барса имаат чувство дека доаѓа ера на величина и тоа мора да го оствариме. Летните засилувања ни помогна да изградиме поконкурентен тим и сега го враќаме престижот во фудбалскиот свет“, рече Лапорта во новогодишното интервју за официјалната веб-страница на Барселона.


Бенфика одреди висока цена за продажба на Енцо Фернандез

Енцо Фернандез е едно од најголемите откритија на Светското првенство и беше прогласен за најдобар млад фудбалер на турнирот. 21-годишниот Аргентинец го привлече вниманието на многу европски гиганти, пред се Ливерпул и Реал Мадрид.

Новинарот Педро Сепулведа објави дека Бенфика се уште не се договорила за трансфер на Фернандез во ниту еден клуб, вклучувајќи го и Ливерпул. Португалскиот клуб нема намера да го продаде играчот од средниот ред во јануари, освен ако не биде платена откупната клаузла од 120 милиони евра.

Фернандез минатото лето пристигна во Бенфика за 18 милиони евра, но неговата цена драстично порасна после Мундијалот.


Њукасл фаворит за потписот на Депај

Мемфис Депај најверојатно ќе ја напушти Барселона во зимскиот преоден рок и кариерата ќе ја продолжи во Премиер лигата.

Депај е во втор план па сака да ја промени средината, а и Барселона сака да го продаде во јануари бидејќи на крајот на сезоната ќе замине без обештетување. Најконкретен интерес за Холанѓанецот покажува Њукасл, кој сака да го доведе во зимскиот преоден рок.

Примарна цел на клубот за следната сезона е пласман во некое европско натпреварување, а во моментов Њукасл се наоѓа на третата позиција.

Тренерот Еди Хау бара нови засилувања за екипата, а примарна цел е токму Депај.


Јуве го стави Мекени на продажба

Италијанскиот гигант Јувентус бара купувач за американскиот играч за врска на тимот Вестон Мекени.

24-годишниот играч за врска е дел од „старата дама“ од 2020 година кога беше ангажиран од Шалке 04, првично на позајмица, а потоа и трајно за 20,5 милиони евра. Јувентус за играчот од средниот ред ќе бара меѓу 25 и 30 милиони евра.

Американскиот играч за врска и летото беше поврзуван со трансфер од Јувентус, но потоа остана бидејќи не беше пронајден тим кој е подготвен да ја плати бараната сума. Од почетокот на сезоната, Мекени има 11 настапи со еден гол и една асистенција во Серија А.


Џеко има понуда од Галатасарај

Турскиот фудбалски гигант Галатасарај е заинтересиран за доведување на напаѓот од Интер, Един Џеко.

Според информациите од Италија, челниците на Галатасарај се подготвени да му понудат на Џеко двегодишен договор со плата од пет милиони евра по сезона.

Оваа понуда со сигурност е повеќе од прифатлива за босанскиот интернационалец кој следната година ќе наполни 37 години. Иако Џеко има одлична сезона со Интер, и сите во клубот се задоволни од неговите настапи, сепак неговото продолжување на договорот со италијанскиот клуб кој истекува на крајот од сезоната најверојатно нема да се резлизира.


Милан заинтересиран за доведување на Коло Муани

Според италијанскиот весник Република, челниците на италијанскиот клуб Милан се заинтересирани за купување на репрезентативецот на Франција, Коло Муани.

Скаутите на Милан се убедени дека Муани кој е фудбалер на Ајнтрахт, би можел да игра во нападот на росонерите заедно со својот сонародник Оливие Жиру, и да го пополни отсуството на повредените Дивок Ориги и Златан Ибрахимовиќ.

24-годишниот Муани настапи на три натпревари за Франција на Мундијалот во Катар, а ќе биде запаметен и по големата шанса која не успеа да ја реализира на крајот од второто продолжение во финалето со Аргентина.


Бразил го сака Мурињо за селектор

Италијанскиот весник „Република“, пренесува дека фудбалската федерација на Бразил сака за нов селектор да го ангажира Жозе Мурињо.

Во информациите на весникот се вели дека водечките луѓе на федерацијата кои после елиминацијата на Бразил во четвртфиналето на Мундијалот во Катар ја прекинаа соработката со селекторот Тите, испратиле понуда до тренерот на Рома, Мурињо, и ќе чекаат негов одговор до крајот на јануари.

Мурињо има понуда и од неговата Португалија за да го наследи Фернандо Сантош на местото селектор.

Следниот селектор на Бразил ќе има задача да го донесе шестиот трофеј за оваа селекција на наредното Светско првенство.