feature

Јуве го сака капитенот на Наполи

Капитенот на Наполи, Џовани Ди Лоренцо изгледа се подалеку од Неапол, откако самиот им најавил на директорите на клубот дека летово сака да си замине. Ди Лоренцо е незадоволен од односот на клубот, но и од разочарувачката сезона.

Агентот на играчот Џуфреди беше јасен и се чини дека ниту доаѓањето на Антонио Конте не е позитивен сигнал за да го предомисли Ди Лоренцо. Во Италија се зборува дека репрезентативниот бек преговара со Јувентус и најверојатно ќе замине во Торино бидејќи е во одлични релации со директорот на „старата Дама“, Кристијано Џунтоли. Двајцата имаат голема меѓусебна почит од периодот на заедничка работа во Наполи. Всушност, пред неколку години токму Џунтоли го донесе Ди Лоренцо во Наполи по одличната сезона со Емполи. Ди Лоренцо има договор со Наполи до 2028 година и доколку Јуве сака да го купи ќе мора да плати околу 20 милиони евра.


Бразилецот Фабрицио Бруно ќе потпише за Вест Хем

Бразилскиот централен дефанзивец Фабрисио Бруно ќе биде првото ново засилување на Вест Хем во летниот преоден рок, објави новинарот Фабрицио Романо. 28-годишниот Бруно доаѓа од тимот на Фламенго и ќе биде првиот трансфер на новиот менаџер на „чеканите“, Хулен Лопетеги.

За неговите права Вест Хем ќе плати 12 милиони евра, а уште 1,5 милиони ќе бидат како бонуси. Оваа сезона Бруно го доби својот прв повик во репрезентацијата на Бразил и забележа учество на два натпревари по 90 минути во контролите со Англија и Шпанија. Во својата кариера, дефанзивецот играше само во тимови во Бразил.


Чави џентлменски се раздели со Барса

Чави Хернандез денеска и официјално потпиша меѓусебен раскин на соработката со Барселона, која уште пред неколку дена го потврди неговото заминување.

Каталонските медиуми открија дека Чави одлучил да се откаже од платата во последната година од договорот, со што клубот заштедил меѓу 11 и 12 милиони евра.

Но, единствениот услов му бил остатокот од стручниот штаб да биде платен до крајот на договорот, односно до летото 2025 година, колку што е вкупната сума за сите – околу три милиони евра.

Покрај тоа, Чави одби да има проштална конференција и каква било церемонија, сакаше да си замине тивко и без преголема бура и одговарање на бројни прашања. На последната конференција пред мечот со Севиља веќе се знаеше дека си заминува, а потоа џентлменски се прости од сите припадници на „седмата сила“, додека истото го направи и со играчите на последниот тренинг.

Чави си замина како господин, по две и пол години, а од тој ноември 2021 година ја освои Ла Лига и Суперкупот на Шпанија.


Бензема ќе биде замената за Џеко во Фенербахче?

Пред трансфер во клубот се наоѓа легендата на Реал Мадрид и францускиот фудбал Карим Бензема, пренесуваат тамошните медиуми.

Очекувањата се дека искусниот Един Џеко заминува од Фенербахче престојното лето и кариерата ќе ја продолжи во Саудиска Арабија, а голема желба на претседателот на клубот е него да го замени фудбалерот кој настапуваа во тој шампионат.

Бензема е дел од Ал Итихад, но не пружа добри настапи за овој тим. Во еден дел од сезоната тој беше исфрлен и од тимот, а според информациите на турските медиуми легендарниот напаѓач кој во кариерата постигна 354 голови за Реал Мадрид веќе го информирал клубот дека сака да се врати назад во Европа.


Чаби Алонсо го сака Гарсија од Џирона

Екипата на Баер Леверкузен која во наредната сезона ќе настапува во Лигата на шампионите, сака да го ангажира фудбалерот на Џирона, Гарсија.

26-годишниот играч од средниот ред настапува за шпанскиот состав од 2021 година.

Тој сезоната ја заврши со 40 мечеви на кои даде три гола и направи шест асистенции.


Басконија се раздели со Душко Ивановиќ

Душко Ивановиќ повеќе не е тренер на Басконија, потврди шпанскиот клуб. Српскиот стратег се врати во Басконија по отказот во Црвена Звезда на самиот почеток на сезоната.

Под негово водство Басконија се пласира во плеј-офот на Евролигата но не го помина Реал Мадрид во четвртфиналето.

А во домашниот шампионат не беше успешен затоа што не се пласира во плеј-офот за титулата.

Ова е четврти пат во кариерата Ивановиќ да си оди од Басконија.


Кимих одбил да потпише за Барса

Германските медиуми објавија дека фудбалерот, Џошуа Кимих, нема да замине во екипата на Барселона.

Причина за тоа се финансиските услови што ги побарал 29-годишниот Германец кои не може да ги исполнат Каталонците.

Кимих игра за Баерн Минхен од 2015 година. Неговиот договор е до наредното лето.


Таварез потпиша нов договор со „кралевите“

Реал Мадрид го продолжи договорот со репрезентативецот на Зеленортските острови, Валтер Еди Таварез. По поразот од Панатинаикос во Берлин (90-75) во финалето на Евролигата и враќањето во Мадрид, Таварез потпиша долгорочен договор со „кралскиот клуб“.

Сагата околу новиот договор траеше долго, но беше јасно дека играчот од Зеленортските Острови сака да остане во Реал.

Како што пренесува добро информираниот „Енцестандо“, Таварес потпишал петгодишен договор со Реал.

Со оглед на тоа дека има 32 години, се укажува на тоа дека високиот центар кариерата ќе ја заврши во Шпанија. Тој е дел од семејството на Реал од 2017 година.


Ван Дајк најави промени во новиот Ливерпул на Арне Слот

Стоперот на Ливерпул, Вирџил Ван Дајк, вели дека ќе му даде максимална поддршка на новиот тренер, Арне Слот, кој ќе дојде на местото на Јирген Клоп.

„Јас сум капитен на клубот и јасно кажав дека ќе го поддржувам новиот тренер.„Мислам дека може да има добро влијание на мојата кариера“, вели Ван Дајк.

Слот ќе се пресели во Англија откако го заврши престојот во екипата на Феенорд. Тој во претходната сезона се израдува на шампионскиот пехар во Холандија.


Ди Лоренцо им соопштил на челниците на Наполи дека сака да си замине

Наполи откако ја освои историската трета во Италија, сезонава игра разочарувачка сезона која ќе ја завршат на средината на табелата и нема да обезбедат настап во ниту едно европско натпреварување.

Поради таквата ситуација медиумите во Неапол најавуваат промени. Последните информации говорат дека капитенот на тимот, Џовани Ди Лоренцо го известил новиот спортски директор дека сака да ја промени средината.

Наводно, Ди Лоренцо истакнал дека повеќе не ја чувствува почитта која ја имал претходно во клубот.

Ди Лоренцо летово ќе има настап и со Италија на Европското првенство, па веројатно неговата иднина ќе биде позната по завршувањето со настапот на „Аѕурите“ на континенталниот собир. Договорот кој го има Ди Лоренцо со Наполи истекува во 2028 година.