ракомет

Мукаетов очекува пласман во втората фаза на Мундијалот

Претседателот на Ракометната федерација на Македонија (РФМ), Живко Мукаетов, пред ракометниот Мундијал во Хрватска, посочи што посакува.

„Очекуваме голем број македонски фанови да заминат за Хрватска. Ги повикуваме да дојдат во што поголем број бидејќи очекуваме многу пријатни моменти. Моја желба е да останеме најмалку 12 дена а тоа значи дека сме завериле пласман во главната рунда. Ако се прашувам јас, посакувам најмалку три победи“ – вели првиот човек на РФМ.

Нашите ракометари во првата фаза ќе играат со Унгарија, Холандија и Гвинеја. Мечевите ќе бидат во Вараждин.


Лазаров: Имаме добри спомени од Хрватска, јас сум умерен оптимист пред овој турнир

Македонската ракометна репрезентација ги прави последните подготовки во Скопје пред да замине за Хрватска, каде најпрво во Вараждин ќе одигра контролна средба со домаќинот на 8.јануари, а една недела подоцна ќе ги почне и натпреварите на Светското првенство.

Денес во просториите на долгогодишниот партнер на македонскиот ракомет, Македонски Телеком, селекторот Кирил Лазаров и капитенот Филип Кузмановски ги искажаa своите очекувања за претстојниот Мундијал.

„Од 2012 година па наваму имаме еден страшен континуитет кој многу значи и кој заеднички го направивме. Како една мала држава, сакаме да признаеме или не тоа е еден голем успех за македонскиот спорт. Имаме 14 големи натпреварувања по ред на што не можат да се пофалат ниту еден од нашите соседи од Балканот, тие не секогаш биле присутни на големите турнири како нас. Тоа е голем резултат, како држава и како национален тим и се надевам дека ракометот така и ќе продолжи во иднина“, рече селекторот Кирил Лазаров.

Македонија претходно имаше два настапи на големи турнири во Хрватска, каде традиционално имавме добри настапи, па нашиот предводник се надева на истото и во оваа 2025 година со голема подршка од навивачите.

„Од Хрватска имаме позитивни спомени од Светското првенство во 2009 година и од 2018 година на Европското, каде имавме квалитетен прв круг и добри натпревари против силни репрезентации. Се надевам дека така ќе биде и оваа година. Знаеме дека ќе имаме подршка од нашите навивачи, јас и претходно кажав дека тие треба да бидат нашиот осми играч, бидејќи ја познаваат ракометната игра и во важни моменти да бидат наш играч плус и да ја имаме таа дополнителна подршка што многу ќе ни значи“.

Лазаров верува во квалитетот кој го имаат македонските играчи и затоа се селектирани во националниот тим.

„Јас сум умерен оптимист, знаејќи го нашиот менталитет и квалитет. Не сакам да создавам алиби однапред, напротив ние имаме млада селекција, ја сменивме генерацијата и имаме млади играчи кои допрво ќе го докажуваат својот квалитет, а во тоа сум сигурен. Играчи селектирани кои имаат карактер кои имаат храброст, талент и кои што се многу вредни и сакаат да работат. Мислам дека македонскиот ракомет е на добар пат и на националната селекција и следуваат многу успеси, како и на македонските клубови“, заврши нашата ракометна легенда.

Противниците на Македонија се тешки, особено Унгарија и Холандија, но и Гвинеја не треба да се потцени иако влегуваме како фаворити во дуелот со африканската селекција.


Младеновиќ отпадна, селекторот Лазаров со деветнаесет ракометари на подготовките

Селекторот на ракометната репрезентација на Македонија, Кире Лазаров изврши уште една измена во составот кој ќе настапи на Светското првенство кое ќе се одржи во Хрватска, Данска и Норвешка.

Лазаров го остава дома Михајло Младеновиќ (Алкалоид), кој игра на позицијата лев бек.

Македонија ќе ги започне натпреварите во групната фаза на 15 јануари со дуел против Унгарија. Потоа, на 17 јануари следи натпреварот со Холандија, а последниот натпревар во групната фаза ќе го одиграме против Гвинеја на 19 јануари.


Цвијиќ и Лекиќ спремни да се вратат во репрезентацијата на Србија

Andrea Lekic i Dragana Cvijic rukomet zene reprezentacija Srbija utakmica cetvrtfinala 1/4 IHF Svetskog prvenstva Srbija 2013 protiv Norveska u hali Kombank Beogradska arena 18.12.2013. godine Foto: Marko Metlas

Ракометарките на Србија добија две огромни засилувања во името Андреа Лекиќ и Драгана Цвијиќ.

Селекцијата не успеа да дојде до резултат на неодамна завршеното Европско првенство, доживеа три порази во групната фаза и така го зазеде 21. место во генералниот пласман.

Последната победа Србија на Европското првенство ја оствари пред четири години кога ја совлада Холандија, а оттогаш има осум порази во низа, што е поразителен податок за федерацијата.

Двете ракометни ѕвезди ќе бидат на располагање за бараж натпреварите за Светското првенство. Лекиќ и Цвијиќ играат со голем успех во Лигата на шампионите, каде се главни играчи на унгарски Ференцварош.

Србија оди во битка за мундијалска виза против Словенија, а дуелите ќе се играат на 9 и 10, односно 12 и 13 април.


Иван Чупиќ почнува тренерска кариера, ќе го предводи Метковиќ

Поранешниот ракометар на Вардар и легенда на хрватскиот ракомет, Иван Чупиќ, го започнува своето ново поглавје како тренер. Со својата богата кариера и искуство на теренот, тој го презема управувањето со РК Метковиќ, клуб од неговиот роден град.

Чупиќ се соочува со предизвикот да го задржи Метковиќ во елитниот ранг на хрватскиот ракомет, откако тимот освои само три бода во првиот дел од сезоната. Според правилата на првенството, двете најслабо рангирани екипи директно испаѓаат, додека следните две играат бараж за опстанок, што дополнително ја отежнува задачата.

Покрај улогата на главен тренер, Чупиќ ќе работи и како координатор за младинските категории, со цел да го поттикне развојот на младите таленти и да го зајакне тимот на долг рок.


Степанчиќ го замени ПИК Сегед со Висла Плоцк

Полскиот шампион Висла Плоцк го потврди доаѓањето на искусниот Лука Степанчиќ, кој во тимот на Хавиер Сабате ја остане најмалку шест месеци.

Хрватскиот десен бек во првиот дел од сезоната ги бранеше боите на Ал Араби од Кувајт, па за кратко време се враќа на европско тло и повторно ќе игра во Лигата на шампионите.

Степанчиќ во својата кариера настапуваше за Загреб, беше дел и од ПСЖ и ПИК Сегед. Со репрезентацијата на Хрватска освои бронзен медал на Светското првенство 2013 и сребро на континенталниот собир во 2020.


Дибиров најави пензија од ракометот на крајот од оваа сезона

Легендарниот руски ракометар, Тимур Дибиров става крај на успешната приказна и ја завршува кариерата на крајот на оваа натпреварувачка кампања.

Дибиров кој во јули ќе го прослави 42 роденден донел одлука да се повлече и покрај тоа што се уште е значаен дел од хрватскиот великан Загреб.

-Најтешката работа за нас е растојанието. Јас сум со синот во Загреб, Ирина пак со ќерката е во Ростов. Затоа и одлучив, ќе ја финиширам сезоната и ќе ја завршам кариерата. Сакам да сум блиску до нив, -вели Тумур за „Спорт.ру“.

Левото крило е поранешен член на Вардар, вистинска икона на клубот во кој мина скоро една деценија, период во кој испиша историја и беше дел од составите кои освоија две европски титули.


Французинот Мае ќе стигне навреме да заздрави и ќе игра на Мундијалот

Францускиот репрезентативец Кентан Мае се врати на ракометните терени по кратката пауза и ќе биде подготовен за настап на СП 2025.

Тој ја повреди раката во ноември, му се предвидуваше пауза од три месеци, но тој заигра порано од предвиденото за неговиот клуб Гумерсбах и постигна два гола на мечот со Фуксе Берлин.

Франција е во група со Катар, Австрија и Кувајт, а најдобрите три од оваа репрезентација ќе вкрстат со најдобрите три од групата на Македонија, во која се уште и Холандија, Унгарија и Гвинеја.


Македонските ракометари го надиграа и Динамо Панчево на подготовките во Стара Пазова

Подготовките на машката ракометна репрезентација на Македонија продолжуваат според планот. Момците на Кирил Лазаров забележаа победа и на вториот тест на подготовките во Србија.

По победата против Нови Београд, „црвено-жолтите“ го совладаа и Динамо Панчево со резултат 51-46. Натпреварот пак траеше деведесет минути – три полувремиња по триесет минути. Тимот кој се наоѓа на третото место во српскиот шампионат зад Партизан и Војводина им даде силен отпор на Кузмановски, Митев, Пешевски…

Македонија на Светското првенство во Вараждин ќе ги одмери силите со Унгарија, Холандија и Гвинеја.


Убедлива победа над Нови Београд на стартот на подготовките во Стара Пазова

Само три дена по стартот на подготовките за Светското првенство во Данска, Норвешка и Хрватска, репрезентација на Македонија го одигра првиот контролен турнир. Момците на Кирил Лазаров во натпревар трипати по триесет го совлада српскиот суперлигаш Нови Београд со 85-44.

Сите ракометари кои ги поведе селекторот добија шанса и скоро сите се запишаа во листата на стрелците.

До крајот на подготовките во Стара Пазова македонските ракометари ќе одиграа пријателски мечеви и против Динамо Панчево и Саудиска Арабија.

Унгарија, Холандија и Гвинеја се ривали на нашиот национален тим на Мундијалот во Вараждин.