ракомет

Лазаров го објави поширокиот список за крајот на евро-квалификациите

Селекторот на машката ракометна репрезентација , Кирил Лазаров го објави поширокиот список на играчи за претстојните натпревари во квалификациите за пласман на Европското првенство во јануари 2026 година.

Во рамките на машката ЕХФ недела, машката сениорска селекција ќе ги оддигра натпреварите од петтото и шестото коло во квалификацискиот циклус против репрезентациите на Естонија на гости и против Литванија на домашен терен.

Македонија има една победа и три порази по првите четири кола од групата.


Познати учесниците на женскиот Ф4, Данска патува во Будимпешта со два тима

Данска ќе има два претставника на Ф4 турнирот во ракометната Лига на шампиони кај дамите, откако Есбјерг успеа да го елиминира романскиот ЧСМ Букурешт.

Романскиот шампион на првиот четвртфинален натпревар триумфираше минимално со 30-29, а на реваншот, кој се одигра во Есбјерг, данскиот тим славеше со 26-22.

Една од најзаслужните за пласманот на Есбјерг на завршницата во Будимпешта беше голманката Ана Кристинсен, која на реваншот забележа 12 интервенции.

Освен Есбјерг, од скандинавската земја учесник на Ф4 ќе биде и Оденсе, кој вчера го елиминираше Ференцварош.

Останатите два учесници се Мец и актуелниот бранител на титулата – гигантот Ѓер. Ф4 турнирот во Будимпешта ќе се одржи од 31 мај до 1 јуни.


Алкалоид посреќен по пеналите, ќе игра во финалето на ЕХФ Купот

Македонскиот ракометен тим Алкалоид во Норвешка испиша нова историја, без тројца клучни играчи успеа да го издржи притисокот на реванш мечот и да дојде до резултат кој носи нови големи моменти за младиот тим. Норвежаните во регуларниот дел победија со 34-29 и ја анулираа негативата од првиот меч, тоа донесе седмерци во кои поуспешен беше Алкалоид кој даде три пенали, наспроти противникот кој промаши три.

Најдобар стрелец кај Алкалоид на мечот беше Дамјан Митев со девет гола, пред Мартин Серафимов со осум реализации, додека Велковски и Ивановски завршија со по четири гола.

Кај Рунар, Гурих имаше осум гола, а Вулвик даде седум гола. Противник на Алкалоид во финалето на Европскиот Куп на ЕХФ ќе биде грчкиот тим АЕК од Атина.


Вардар 1961 прв се избори за Ф4 на Купот на Македонија

Вардар е првиот учесник на завршниот турнир од Купот на Македонија откако „црвено-црните“ излегоа како победници на турнирот што се играше во Битола, каде организатор беше Е. Пелистер 2. Откако во четвртокот славеа на големото дерби со првиот тим на Пелистер, „црвено-црните“ денеска забележаа две нови победи, за вкупно три триумфи во „градот на конзулите“ во изминатите три дена.

Вардар во полуфиналето беше подобар од екипата на Бутел со резултат 33-30, а во финалето скопските „црвено-црни“ се сретнаа со вториот тим на Е. Пелистер.

Очекувано, фаворитската улога беше оправдана и скопскиот клуб со победа од 28-25 го чекираше својот билет за Ф4.


Вардар 1961 се засили со Французинот Кеита

РК Вардар 1961 продолжува да го гради тимот за наредната сезона, а најново договорено засилување е Махамаду Кеита.

Кеита е 29-годишен француски интернационалец кој во Скопје ќе пристигне од Шпанија од прволигашот Пуенте Хенил.

Тој претходно има играно и за Ла Риоха, Бенфика со која ја освои Лига Европа, додека во својата татковина беше дел од Иври и ЦСМ.

Тој ја покрива позицијата лево крило и треба да биде адекватна замена за Марко Срдановиќ.

„Црвено-црните“ претходно ги обезбедија потписите на Марек Марцинијак, Милош Валах и Виктор Јанковски.


Вујовиќ влезе во „Куќата на славните“ на АСОБАЛ лигата

Алберто Ентрериос, Кристина Фернандез Пинеиро, Лоренцо Рико, Валеро Ривера и Веселин Вујовиќ се членовите на втората генерација на Куќата на славните во шпанската АСОБАЛ лига.

Петте спортисти беа најгласани во процесот на гласање, кој започна пред неколку недели и, како и во претходното издание, вклучуваше донесување одлуки од страна на жирито составено од специјалисти на „куќата на славните“, како и и отворена гласачка фаза за навивачите.

Ентрериос, Фернандез Пинеиро, Рико, Ривера и Вујовиќ им се придружија на победниците на првото издание за елитата на шпанскиот машки клубски ракомет, тоа се Талант Дујшебаев, Енрик Масип, Хуанин Гарсија, Жота Хомбрадос, Хуан де Диос Роман, Рамон Гаљехо и Сесилио Алонсо.


Силвана Карбеска и Марија Илиева добија европско финале

Македонските ракометни судијки, Силвана Карбеска и Марија Илиева ќе ја имаат честа и задоволството да го судат финалниот меч од завршниот турнир во Лигата на Европа.

Овој наш искусен судиски двоец има одсудено многу мечеви во Лигата на шампионите и во Европскиот Куп, па ова секако доаѓа како награда за досега сработеното на највисоко можно ниво.

„Рајфајзен Арена“ во австрискиот град Грац ќе биде домаќин на овој завршен турнир.

Во првото полуфинале ќе играат германскиот Бломберг и данскиот Икаст, додека во втората полуфинална средба ќе се соочат францускиот Дижон и германскиот Турингер.


Еурофарм Пелистер првпат поразен во Битола, одлучи голот на Хориха

Дуелот на големите ривали Еурофарм Пелистер и Вардар 1961 заврши со победа на „црвено-црните“ од Скопје (34-35), така што се е отворено до финишот.

Одлучувачкиот погодок го постигна Дмитро Хориха во последните мигови од натпреварот, oставајќи го немоќен голманот Никола Митревски. Најефикасни кај Еурофарм Пелистер беа Дејан Манасков со десет и Филип Кузмановски со девет погодоци.

Викендов се играат натпреварите од Купот на Македонија, а плеј-офот продолжува со натпреварот со Тиквеш на почетокот од месец мај.


Раде Стојановиќ по една сезона заминува од Тримо Требње

Македонскиот ракометен стратег, Раде Стојановиќ објави дека по крајот на сезоната ќе го напушти словенечкиот клуб, Тримо Требње.

Тој преку порака на социјалните мрежи објави дека заминува.

„Благодарен сум за ова поглавје, фокусот ни е да ја завршиме сезоната што е можно посилно. Како што сезоната доаѓа до крајот, така завршува и моето време како главен тренер на РК Тримо Требње. Вистински сум благодарен за можноста за соработка и сето искуство што го земам со мене. Горд сум на прогресот на тимот, професионалниот пристап и силната релација која ја изградивме преку напорна работа, посветеност и делба на целите. Секое патување има крај, јас го затворам ова поглавје со чувство на исполнетост и голема почит за клубот, ракометарите и фановите. До последниот свиреж, ние остануваме фокусирани, заедно, ќе го дадеме максимумот за да го водиме Тримо Требње до титулата во националното првенство“, напиша Раде Стојановиќ.


Алкалоид со +5 патува за Норвешка во европското полуфинале

Алкалоид на домашен терен го победи РК Рунар Сандефјорд со 42-37 во првиот полуфинален натпревар од Европскиот Куп на ЕХФ.

На тој начин избраниците на Кирил Лазаров со солидна предност од пет гола ќе патуваат во Норвешка во обид да изборат место во финалето на ова европско натпреварување.

Најдобар стрелец кај Алкалоид на овој дуел беше Мартин Серафимов со десет гола, а го следеше Иван Џонов со седум гола.

Реваншот меѓу РК Рунар Сандефјорд и РК Алкалоид се игра на 27 април.