ракомет

Еурофарм Пелистер го освои Букурешт и ќе игра на Ф4 на младинската ЛШ!

Младинскиот тим на Еурофарм Пелистер го победи и домаќинот Динамо Букурешт (36-37) и се пласираа на „фајнал-фор“ турнирот во Келн во Лигата на шампионите! Младите битолчани одиграа нов одличен натпревар во Букурешт, па со втора победа стигнаа до место меѓу четирите најдобри во Европа во младинскиот ракомет.

Алем Хаџиќ беше најефикасен во победничкиот тим со 12 постигнати голови, додека Станчиу и Димитру запишаа по 11 погодоци за Динамо. На завршниот турнир во младинската Лигата на шампионите во Келн веќе се пласираа Барселона, Веспрем и дански ГОГ Гудме.

Ракометарите на Еурофарм Пелистер: Алем Хаџиќ, Леонид Лозановски и Јован Марковски се најдоа во идеалниот тим на турнирот на Лигата на шампионите во младинска конкуренција во Букурешт.

Алем Хаџиќ со 26 гола е најдобар стрелец и прогласен за најкорисен ракометар на турнирот (МВП).


Еурофарм Пелистер слави во Бутел и останува лидер во плеј-офот

Бутел победен во добра игра, Еурофарм Пелистер слави четврта победа во плеј-офот

Екипата на Еурофарм Пелистер ја оправда фаворитската улога и славеше сигурно на гостувањето кај Бутел Скопје со 22-34 (9-15) во рамки на четвртото коло на плеј-офот во македонскиот ракометен шампионат. Битолчани немаа милост за противникот и првото полувреме го добија со 15-9. Во вториот дел Еурофарм Пелистер продолжи да го полни голот на Бутел до конечна победа од 34-22.

Најефикасен на мечот беше Дејан Манасков со шест голови. Единствена лоша вест за Раул Алонсо е поведата на Цветан Кузманоски на средината од вториот дел.

Во следното петто коло од плеј-офот Еурофарм Пелистер го пречекува Вардар 1961 во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола.


Ѓорѓиев: Горди сме на ова полуфинале, Рунар е одлична екипа

Капитенот на Алкалоид, Игор Ѓорѓиев, ги изнесе размислувањата пред првиот меч со Рунар Сандефјорд во полуфиналето на Европскиот ракометен Куп на ЕХФ.

„Не очекува меч од огромно значење. Прво европско полуфинале за нас. Голем момент како за Алкалоид, така и за македонскиот ракомет. Како екипа горди сме што успеавме да се пласираме во оваа фаза и да играме за финале.

Рунар е екипа која игра типичен брз скандинавски ракомет, првиот меч ни е дома. Затоа сакам да ги повикам сите љубители на ракометот да бидат наша поддршка и да се бориме за историски момент и европско финале“, изјави Ѓорѓиев.


Младинците на Еурофарм Пелистер го декласираа Киелце во Букурешт

Еурофарм Пелистер го декласира Киелце и ќе се бори за Ф4 на младинската ЛШ!

По одличниот настап на сениорската екипа на Еурофарм Пелистер во Лигата на шампионите, сега блескаат и младинците. Избраниците на Фарук Мемиќ и Кире Митревски се на чекор до голем успех и пласман на „фајнал-фор“ турнирот во Келн во првото издание на младинската Лига на шампионите. Младите ракометари на Еурофарм Пелистер триумфираа со 37-29 против Киелце во полуфиналето од групата 4 во Лигата на шампиони (ЛШ). Најдобар стрелец во редовите на Пелистер беше Хаџиќ со 14 погодоци.

Младинска Лига на шампионите 2024/25
Четвртфинална група

Еурофарм Пелистер – Киелце 37-29 (22-11)

Спортска сала „Динамо Арена“ – Букурешт
Гледачи: 500
Судии: Милис Кармон и Јасмин Диар

Еурофарм Пелистер:
Т. Фехми, Ан. Трсунов, Хаџиќ 14, Лозановски 5, Буторац 7, Марковски 2, Л. Ѓорѓиевски 2, С. Ѓорѓиевски 1, Ѓорѓиев 2, Симоновски 2, Лазаревски, Трајчевски, Спировски 1, А. Фехми. Ар. Трсунов, Велевски 1
Седмерци: 7/6
Исклучувања: 6 минути

Киелце:
Печкович 6, Јануш 4, Адриан 4, Виадерни 2, Радек 4, Ткачик 3, Грден 3. Фогиел, Кулеша 1, Моравски, Вишњевски, Осуч 1, Степиен, Јанушек 1, Адријан, Лапот
Седмерци: 4/2
Исклучувања: 8 минути

Еурофарм Пелистер во финалето од групата ќе се бори против победникот од мечот меѓу Динамо Букурешт и Висла Плоцк.


Гоце Георгиевски и Ален Ќосевски потпишаа нови договори со РК Вардар 1961

Двете десни крила, капитенот Гоце Георгиевски и Ален Ќосевски ги продолжија договорите и во следната сезона ќе настапуваат за Вардар. Клубот работи на формирање на тимот што следните сезони ќе се натпреварува, а двете домашни крила се дел од оние играчи со кои се продолжени договорите.

Се работи на ангажирање на засилувања со кои Вардар и следнаите сезони ќе атакува на висок пласман во домашното првенство и во европските купови.

Гоце Георгиевски од 2020 година е дел од Вардар, откако претходно настапуваше за ЧСМ Букурешт, Феникс Тулуз и Металург. Во 2023 година ја заврши репрезентативната кариера и остана верен на „црвено-црните“. Со клубот има освоено две титули и три Куп титули и еден Супер Куп.

Ќосевски е дете на Вардар, а претходно настапуваше за екипата на Вардар јуниор и за Работнички, во сезоната 20/21 кога сите млади играчи од Вардар беа дел од тој клуб. Со екипата има освоено два Куп титули, еден Супер Куп и еднаш бил првак на Македонија.


Филип Лазаров доби нов договор во Ратингем

Македонскиот ракометен тренер, Филип Лазаров останува во Германија, откако по успешната сезона доби нов договор во Ратинген Интерактив.

Клубот под водство на некогашниот лев бек на македонската репрезентација се избори за пласман во Третата германска лига, а како награда за тоа Лазаров доби продолжување на соработката.

„Ова ќе биде моја осма сезона во клубот и сè уште сум тука со голема страст. Токму поради тоа мојата мотивација и чувството на одговорност постојано се на високо ниво. Главната причина зошто продолжувам е успешната сезона што сè уште трае. Имам чувство дека започнавме да пишуваме нова приказна.

Третина од нашиот сениорски тим доаѓа од нашите младински категории – тоа е огромен успех за нас. Токму тоа е нашата долгорочна цел: да обезбедиме што е можно повеќе талентирани играчи од нашата школа, кои веќе покажаа одлични партии во оваа сезона“, изјави Лазаров по потпишувањето на новиот договор.


Марко Митев успешно опериран по повредата на коленото

Средниот бек на Алкалоид и на нашата ракометна репрезентација Марко Митев кој заработи тешка повреда на дуелот против Словенија во квалификациите за Европското првенство е успешно опериран. Оттогаш средниот бек на Македонија и Алкалоид е во процес на заздравување, а сега беше подложен и на операција.

Митев ги оперираше лигаментите на десното колено во Скопје и сега започнува вистинскиот процес на рехабилитација. Пред средниот бек е долга пауза, од ваквите повреди заздравувањето трае барем половина година и враќањето би можело да се случи на стартот на следната сезона.

Алкалоид остана без услугите на Марко Митев во клучниот дел од сезоната, кога се одлучува борбата за титулата во Суперлигата, но и за завршницата од ЕХФ Купот. Алкалоид сега ќе мора без Митев да се снаоѓа во финишот од сезоната.


Познати групите од четврфиналната фаза на Купот на Македонија во ракомет

Ракометната федерација во своите простории ја одржа ждрепката за групната фаза во Купот на Македонија.

Бранителот на трофејот Алкалоид имаше среќа да налета на второлигаш и тоа неговиот втор тим Мулти Есенс. Вардар од фаворитите доби најтешка задача бидејќи ќе игра полуфинале со Бутел, пелистерци ќе се судрат со Куманово а Охрид ќе оди на мегдан со Прилеп.

Група 1
Алкалоид – Мулти Есенс
Партизан 2016 – Пролет 62

Група 2
Еурофарм Пелистер – Куманово
Радовиш – Струга

Група 3
Вардар 1961 – Бутел Скопје
Фруит Ленд Борец – Еурофарм Пелистер 2

Група 4
Прилеп – ГРК Охрид
Тиквеш – Аеродром

Во групната фаза ќе се одиграат две полуфиналиња а потоа преку финалето ќе се одреди патникот на завршниот турнир.


Еурофарм Пелистер слави во дербито со Алкалоид и останува перфектен во плеј-офот

Еурофарм Пелистер се врати на првото место во ракометниот плејоф, откако вечерва во возбудлив и интересен натпревар го доби дербито со Алкалоид Ракомет. Триумфот од 30-28 значи дека битолчани остануваат главни претенденти за највисок пласман и оваа сезона, но од друга страна, Алкалоид го претрпе и вториот пораз во третото коло од разигрувањето, што прави работите за избраниците на Кирил Лазаров да бидат доста посложени.

Младиот Алкалоид денес беше далеку поконкурентен и беше во егал ситуација во најголем дел од мечот, но на крајот пресуди искуството на домаќините, како и огромната поддршка која ја добиваа играчите во зелено од своите навивачи.

Еурофарм Пелистер победи со два разлика и останува перфектен на стартот на плејофот, па сега има вкупно девет бодови, еден повеќе од второпласираниот Вардар. Најдобар стрелец кај домашниот тим беше Филип Кузмановски со осум гола, а седум додаде Богдан Радивојевиќ. Клучна улога во победата играше голманот Филип Ивиќ кој забележа пет интервенции во клучните моменти. Кај Алкалоид, Мартин Серафимов имаше девет постигнати гола.


Македонија остана без Мундијалот, Полска победи и во Битола

Женската ракометна репрезентација на Македонија и вторпат загуби од Полска во бараж мечевите за пласман на Светското првенство. Вечерва во полната сала во Битола, избраничките на селекторот Грчевски загубија со 21-23 и не успеаја да дојдат до пласман на Мундијалот.

Главен проблем во нашата игра беа техничките грешки, поради кои никако не успевавме да фатиме залет кон победа.

Катерина Дамјановска со пет гола беше најефикасна кај нас вечерва, Ива Младеновска постигна четири гола, додека Саздовска и Јанкуловска погодија по трипати.