Чаир доби чешки ривал во осминафиналето на Европскиот Куп
Во седиштето на Европската ракометна федерација денес беше извршена ждрепката за осминафиналето во Европскиот Куп.
Единствениот македонскиот претставник, ЖРК Чаир, во борба за четвртфинале ќе се соочи со чешкиот тим Славија Прага.
Првиот натпревар треба да се игра на 11/12 јануари во Прага, додека реваншот е на 18/19 јануари во Скопје.
Пелистерци децидни: Победата во Данска е заборавена, Фредериција е одличен, млад и брз тим
Шпанецот Раул Алонсо ќе го има своето деби на клупата на Еурофарм Пелистер во натпреварот против Фредериција во Лигата на шампионите. За Алонсо ова ќе биде прв европски натпревар откако претходно успешно дебитираше на клупата во домашното првенство.
На официјалната прес-конференција зборуваа тренерот Алонсо и Словенецот Тајник.
Раул Алонсо
(тренер на РК Еурофарм Пелистер)
Секој натпревар е различен посебно кога играте во Лигата на шампионите. Играчите во ова натпреварување брзо се адаптираат на новите ситуации. Фредериција е тим кој порасна во последните две сезони и беше компетитивна во данското првенство. Го имаат Гудмундур Гудмунсон, кој е еден од најдобрите светски тренери и човек кој има големо искуство. Ќе биде тешко да се игра против нив, иако победивме на гостински терен. Ова е нов натпревар и нова ситуација, имаат квалитетни дански ракометари и агресивна одбрана.
Што се однесува до подготовката, го немав потребното време, тука сум три дена и одработивме само еден тренинг. Со вкупно три тренинзи ќе влеземе во натпреварот и ќе биде натпревар со голем влог. Ќе го следиме нашиот план и растот од претходниот натпревар. Многу е важно да имаме солидна одбрана и многу интервенции на голманите. Да бидеме организирани во одбраната и тоа да ни биде појдовна точка за добар позиционен напад и транзиција. Тоа е сепак натпревар од Лигата на шампионите и ќе решаваат мали детали.
Домен Тајник
(ракометар на РК Еурофарм Пелистер)
Јавноста очекува големи работи од нас на овој натпревар. Сепак, ќе биде многу тешко. Фредериција е одличен тим, а имавме и краток период да работиме со новиот тренер. Добро се подготвуваме и до среда ќе бидеме уште поспремни. Цел град очекува победа и ние ќе го дадеме својот максимум за да ја оствариме. Фредериција игра многу брза и специфична одбрана 3-3 и ние се подготвуваме за нив.
Судии од Словенија ќе го водат македонско-данскиот дуел. Станува збор за Бојан Лах и Давид Сок, додека делегат на натпреварот во Битола ќе биде Марко Треспиди од Италија.
Раул Алонсо: Доаѓам во посебен град и пред посебни навивачи, екипата има простор за напредок
Еурофарм Пелистер денес официјално го претстави новиот тренер Раул Алонсо. Новиот тренер зборуваше пред новинарите и ги искажа своите први импресии од тимот, градот, соработниците.
Многу сум среќен и возбуден што сум тука. Имав топло добредојде од сите и ми покажаа дека им е драго што сум тука. Едвај чекам да работам со тимот. Заедно одработивме еден тренинг, на почеток сме на проектот. Среќен сум што сум дел од градот и клубот.
Од она што го видов имам многу импресии поврзани со тимот. Има простор за голем напредок и можност екипата да биде во корелација со емоциите од трибините, од овој ракометно историски град. Знам дека нашата сала и нашите навивачи се посебни. Ова е ново животно искуство за мене, тимот има потенцијал, но мора и многу да работи. Сакам да им порачам на фановите дека сум среќен што ви се приклучив. Доаѓам на место кое бара многу од еден тренер, но може да кажам само што рече Јирген Клоп: Да создадеме култура во која сомнежите ќе ги претвориме во луѓе кои веруваат. Ние веруваме, мора да веруваме, секојдневно да работиме за да ги задоволиме нашите навивачи. Но, и порачуваме дека и тие ни се потребни, бидејќи со нив имаме еден, дури и два играчи повеќе“, заврши Раул Алонсо.
На новиот тренер ќе му помагаат Лембанов и Соколески, а кондиционен тренер ќе биде Александар Марковски.
Грчевски прозиваше, ракометарките ги започнаа подготовките за ЕП
Македонската женска ракометна репрезентација денес и официјалн стартува со подготовките за Европското првенство кое ќе се одржи во Австрија, Унхарија и Швајцарија. „Црвено-жолтите“ се во групата А заедно со селекциите на Шведска, Унгарија и Турција, мечевите ќе ги играат во Дебрецин.
Селекторот на нашиот национален тим, Кристијан Грчевски за континенталното натпреварување повика 21-на ракометарка.
Еурофарм Пелистер го претстави новиот тренер Раул Алонсо
Шпанскиот стручњак Раул Алонсо денес официјално беше претставен пред јавноста и медиумите како нов тренер на Еурофарм Пелистер. 45-годишникот од Мадрид потпиша договор на една и пол година и веќе го одработи првиот тренинг.
Него го дочека спортскиот директор Звонко Шундовски, кој го запозна со клубот, градот и проектот. Раул позираше со клупски обележја и ќе биде првиот шпански тренер во нашиот клуб. Дебито на Раул Алонсо е предвидено за в среда од 20:45 часот на дуелот со Фредериција.
ЖРК Чаир со две победи обезбеди осминафинале на Европскиот Куп
Со две победи над португалската екипа Колехио де Гаиа остварени викендов во Скопје, екипата на ЖРК Чаир се пласираше во осминафиналето од Европскиот куп.
Македонскиот претставник денес победи со 28-26 кога ја имаше улогата на домаќин, а вчера како гостин славеше со 29-25.
Во договор на двете страни, двата натпревара се играа во Скопје, сала „Автокоманда“.
Раул Алонсо го одржа првиот тренинг во Битола
Раул Алонсо денес го одржа првиот тренинг како нов шеф на стручниот штаб на Еурофарм Пелистер, со што и официјално беше означена новата ера во битолскиот клуб, со шпански тренер на кормилото на „зелено-белите“.
Алонсо пред неколку дена допатува во Битола, последниот дуел со Прилеп го следеше од трибините, за од денеска и официјално да ја преземе клупата од Звонко Шундовски, кој беше привремено решение по оставката на Бранислав Ангеловски.
Раул Алонсо своето деби на клупата на Еурофарм Пелистер ќе го има в среда, на домашниот натпревар со Фредериција кој е од огромно значење бидејќи со триумф македонскиот првак ќе направи уште еден чекор напред кон нокаут фазата од Лигата на Шампионите.
Алкалоид го освои Охрид и остана максимален во Суперлигата
Алкалоид ја продолжи победничката низа и на секогаш тешкото и непријатно гостување кај ГРК Охрид во полната сала „Билјанини извори“. Скопскиот тим ја забележа единаесеттата суперлигашка победа сезонава од исто толку одиграни натпревари или вкупно 14 победа од 14 одиграни официјални натпревари од почетокот на сезоната (22-29).
Мартин Серафимов играше одлична партија, имаше 100% реализација на седмерците, а постигна вкупно дванаесет погодоци. Марко Митев одлично се справуваше со зоната на домашниот тим, креираше игра заедно со Игор Ѓоргиев од централната бековска позиција, а мечот го заврши со пет погодоци. Важна улога имаше и голманот Иван Галевски кој запиша седум интервенции, а трипати не беше совладан од седум метри.
Дика Мем мора на операција, ќе го скокне Мундијалот во јануари
Француските ракометари пред светскиот шампионатот ќе бидат без својот капитен Дика Мем кој во првенствен меч за својата Барселона доживеа повреда на рамото.
Мем ќе мора да оди на операција по оваа повреда, по која ќе мора да паузира најмалку три месец. Поради тежината на повредата одличниот бек и дефинитивно ќе мора да го пропушти Светското првенство овој јануари.
Французите веќе останаа и без Елохим Пранди кој исто така поради повреда ќе мора да го пропушти шампионатот овој јануари. Франција е еден од потенцијалните ривали на Македонија на првенството во втората фаза.
Раул Алонсо пристигна во Битола, викендов почнува со тренинзи
Новиот тренер на Еурофарм Пелистер, Раул Алонсо, денес пристигна во Битола. Во друштво на претседателот Зоран Стерјев тој се запозна со ракометарите и вработените во клубoт и во живо го следи својот нов клуб на натпреварот против Прилеп.
Раул Алонсо ќе започне со тренинзи викендов, ќе биде официјално претставен в понеделник, а ќе дебитира в среда против Фредериција во Лигата на шампионите.