ракомет

Еурофарм Пелистер пресилен за соседот Прилеп во пелагониското дерби

Еурофарм Пелистер реши да го назначи Раул Алонсо за нов тренер на првиот тим, а шпанскиот стручњак денеска за првпат се запозна со своите нови ракометари, кои имаше можност и да ги гледа од трибините.

Македонскиот првак на домашен терен го пречека Прилеп и не покажа нималку милост кон соседниот ривал, нанесувајќи му тежок пораз со брилијантна игра во вторите триесет минути.

„Зелено-белите“ беа посебно расположение за давање голови и беа блиску до „границата 50“, односно постигнаа точно 46 гола во мрежата на Прилеп.

Резултатот 46-24 најдобро ја изразува големата разлика во квалитет која постои меѓу двата тима, а тоа особено дојде во израз во вториот дел.

Домашниот даде 23, а прими само 8 гола во вториот дел, што беше и пресудно за огромната разлика на семафорот.

За Пелистер ова е деветта победа во единаесеттиот натпревар во Суперлигата, каде досега забележа и по еден пораз од Вардар и Алкалоид.


Лазаров ги избра адутите за Светското првенство

Македонскиот селектор Кирил Лазаров денес го објави поширокиот список ракометари за Светското првенство кое во јануари идната година ќе се одржи во Хрватска, Данска и Норвешка. На списокот на Лазаров се најдоа 35 ракометари, од кои поголемиот дел играат во домашното првенство.

Единствените тројца повикани интернационалци се Мартин Томовски од германски Потсдам, Филип Талевски од Бенфика и Мартин Карапалевски од Ваљадолид. Македонија на СП 2025 е во група со Холандија, Унгарија и Гвинеја.

Избраниците на Лазаров ќе го отворат Мундијалот на 15 јануари против Унгарија, по што следуваат дуелите со Холандија (17 јануари) и Гвинеја (19 јануари). За македонската ракометна репрезентација, која натпреварите од групната фаза ќе ги игра во Вараждин, ова ќе биде деветто учество на светските првенства, а седмо едноподруго.


РФМ ги исплати премиите на националните репрезентации

Ракометната федерација на Македонија денес ги исплати наградите на машката и женската сениорска репрезентација, како и за машкиот национален тим до 20 години.

Сениорите ќе поделат два милиони денари, добиени за пласманот на Светското првенство 2025 кое ќе се одржи во Хрватска, Норвешка и Данска.

Ракометарките добија исто така два милиони денари за пласманот на Европското првенство 2024 кое ќе се одржи во Унгарија, Швајцарија и Австрија.

Еден милион денари се префрлени на младинската машка репрезентација за освоеното 9. место на Европското првенство 2024 во Словенија.

Македонската сениорска репрезентација на Мундијалот 2025 својот настап ќе го имаат во Вараждин, Хрватска и ќе разигруваат во прелиминарниот дел во групата со селекциите на Унгарија , Холандија и Гвинеја.

Женската сениорска репрезентација на Европското првенство 2024 својот настап во прелиминарната група ќе го имаат со селекциите на Унгарија, Турција и Шведска во градот Дебрецин, Унгарија.


Раул Гонзалез именуван за нов селектор на Србија

Српската ракометна репрезентација доби нов селектор! А по Шпанец, на клупата повторно ќе пристигне Шпанец, бидејќи на местото на Тони Херона ќе дојде исклучително искусниот Раул Гонзалес, кој е освојувач на Лигата на шампионите со скопски Вардар и еден од најтрофејните тренери на денешницата.

Тој потпиша четиригодишен договор и ќе ги води „орлите“ до Олимпијадата во Лос Анџелес во 2028 година, пренесува Sports Journal.

Се наведува дека познатиот стручњак го прифатил предизвикот и ќе ја преземе функцијата селектор на српската репрезентација. Викендов српските ракометари беа драматично поразени од Италијанците (31:30) на гостински терен во квалификациите за ЕП, па се очекува Гонзалес да стави ред во репрезентацијата.

Со Вардар, Гонзалес ја освои Лигата на шампионите во 2017 година, а на своето име има дури 24 трофеи.

Против Шпанија, неговата родна земја, Србија ќе го одигра првиот меч со него на клупата во март следната година во квалификациите за Европското првенство.

Тој освои бронза играјќи за Шпанија на Олимписките игри во 1996 година, а раководеше со Атлетико Мадрид, додека во последните години беше исклучително успешен на клупата на Пари Сен Жермен.


Министерството за спорт им ја одзеде лиценцата на два женски ракометни клуба

Министерството за спорт и Ракометната федерација на Македонија ја користат оваа прилика да упатат порака до сите спортски чинители да бидат одговорни на спортските борилишта што значи почитување на спортските правила

Во врска со последните случувања во ракометниот Куп на Македонија во женска конкуренција, по одигрувањето на Женската ракометна лига за сезоната 2024/2025 и појавата на неспортско однесување од страна на ЖРК Гевгелија и ЖРК Скопје на Куп натпреварот во групната фаза, Ракометната федерација на Македонија, по спроведена дисциплинска постапка, констатираше активности од страна на двете екипи кои се спротивни на начелото на фер-плеј, предизвикувајќи нарушување на спортскиот дух, спортскиот интегритет и витештво што е во целосна спротивност со Кодексот на ракометните клубови при РФМ и спротивно на Олимписката повелба.

Истото резултираше со исклучување на двете екипи од Ракометната федерација на Македонија и изрекување мерки на суспензија за повиканите официјални лица.

По изрекувањето на овие мерки од страна на РФМ, Министерството за спорт, во законска постапка, им ги поништи решенијата за дејност спорт на ЖРК Гевгелија и ЖРК Скопје со што тие повеќе немаат легитимитет да настапуваат во националниот систем на натпревари во македонскиот ракомет.

Министерството за спорт и Ракометната федерација на Македонија ја користат оваа прилика да упатат порака до сите спортски чинители да бидат одговорни на спортските борилишта што значи почитување на спортските правила кои се резултат на меѓународни консензуси во дејноста спорт и секогаш да бидат подготвени да го сочуваат спортскиот дигнитет, зашто преку спортот, како општо препознатлива вредност, покрај останатите придобивки, се претставува и афирмира македонскиот спорт во меѓународни рамки и се јакне националната свест, стои во заедничкото соопштение на РФМ и Министерството за спорт.


Кузманоски верен на Еурофарм Пелистер до 2027 година

Македонскиот репрезентативец Цветан Кузманоски останува верен на РК Еурофарм Пелистер до 2027 година. Раководството на клубот и репрезентативното крило се договорија за продолжување на соработката и во натпреварувачките 2025/2026 и 2026/2027 година.

Во првиот тим на Еурофарм Пелистер, Цветан Кузманоски се приклучи во 2021 година, откако претходно настапуваше за Еурофарм Пелистер 2. Неговата ракометна кариера започна во родната Струга, од каде се пресели во редовите на битолскиот клуб.


Лазаров: Нема простор за паника, ќе се поправиме во следните натпревари

Македонската ракометната репрезентација го забележа првиот пораз во квалификациите за следното Европско првенство. По победата на домашен терен против Естонија (37-33), нашата најдобра ракометна селекција во драматичен натпревар беше надиграна и поразена од Литванија со резултат 29-27.

„Бевме хендикепирани со повредите на Митев и Џонов. И двајцата изразија желба да играат, но не беа доволно подготвени за ваков тип на натпревар. Очекував тежок натпревар и тоа се случи. Тешко се победува на гостински терен ако не сте доволно добри, денеска сите играат ракомет. Имавме и добри и лоши моменти. Бевме во игра до крај за победа, но поснаодливи на крајот беа Литванците. Нема простор за паника. Целта е Македонија да се пласира на Европското првенство. Мислам дека имаме реални шанси, останатото ќе се обидеме да го поправиме и да го корегираме. Недостасуваа браќата Костески и Јагуриноски, па имаме простор за напредок“, рече селекторот.

За нашата најдобра селекција ова беше последен официјален натпревар пред настапот на Светското првенство во кое во групната фаза во Вараждин ќе играме со Унгарија, Холандија и Гвинеја.


Македонските ракометари неочекувано поразени во Литванија

Македонската ракометна репрезентација вечерва загуби на гости од Литванија со 29-27 во второто коло од квалификациите за пласман на Европското првенство 2026.

Избраниците на селекторот Кирил Лазаров не успеаја да одговорат на агресивната, на моменти и груба игра од домаќините. Во неколку наврати словачките судии не ги санкционираа прекршоците на Литванците и им овозможија лесни голови во транзиција.

Најефикасни во македонскиот состав беа Филип Кузмановски со осум, Мартин Серафимов и Жарко Пешевски со пет погодоци.

На другиот натпревар од Групата-1, Словенија ја победи Естонија на гости со 29:28.

Табела: Словенија 4 бода, Македонија 2, Литванија 2, Естонија 0.

Директен пласман на ЕП 2026 ќе обезбедат двете првопласирани репрезентации по завршување на групната фаза.


Лазаров ќе му даде шанса на Галевски пред Томовски во Литванија

Селекторот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров направи една измина во составот во однос на средбата со Естонија.

За денешниот меч со Литванија Лазаров одлучи на местото на Мартин Томовски во составот да биде Иван Галевски.

Младиот голман на Алкалоид натпреварот со Естонија во Скопје го следеше од трибините, па попладне во Вилнус ќе чека шанса за деби во националниот тим.

Покрај Галевски, Лазаров на располагање ќе ги има: Марко Кизиќ, Мартин Велковски, Игор Ѓорѓиев, Марко Митев, Филип Кузмановски, Александар Петковски, Валентин Карасманакис, Жарко Пешевски, Милан Лазаревски, Иван Џонов, Марко Стојковиќ, Михаил Аларов, Петар Атанасијевиќ, Мартин Серафимов и Павле Атансаијевиќ.

Натпреварот Литванија – Македонија од второто квалификациско коло за Европското првенство во 2026 година почнува во 17:00 часот.


Лазаров: Не очекував толку тешко да ја добиеме Естонијa

Вечерва во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје македонската сениорска машка ракометна репрезентација ја совлада Естонија со 37:33 во првиот натпревар од квалификациите за пласман на Европското првенство во 2026 година. Многу потешко од очекувањата избраниците на селекторот Кирил Лазаров дојдоа до првите бодови во квалификациската група 1 во која играа и репрезентациите на Словенија и Литванија.

Селекторот го анализираше натпреварот и откри дека дуелот имал и добри и лоши страни.

„Сите сакаме победа, меѓутоа мора да се работи напорно за тоа. Повикав на претпазливост пред натпреварот, но не очекувам дека толку тешко ќе ги освоиме бодовите. Овој меч ни покажа дека мора да имаме почит кон сите ривали. Естонија одигра модерен ракомет, а ние можеме и мораме подобро. Ова е предупредување пред средбата со Литванија.

Ова е предупредување пред мечот со Литванија. Се подготвивме и за Естонија, имавме детални анализи, но едно е на хартија, а друго е на теренот. Мора сите да разберат дека дресот на националниот тим тежи многу и убаво е да се игра пред домашна публика, но мора да бидеме подобри. Треба да се подготвиме подобро за средбата со Литванија и да одиме на нова победа“, рече македонскиот селектор.

Литванија е нашиот следен противник на гостински терен во Вилнус на 10 ноември.