ракомет

Македонија тешко ја совлада Естонија на стартот на квалификациите за ЕП 2026

Македонските ракометари со победа го отворија новиот циклус квалификации за пласман на Европското првенство во 2026 кое ќе се одржи во три земји – Данска, Шведска и Норвешка.

Избраниците на селекторот, Кире Лазаров, успеаја да ја совладаат селекцијата на Естонија со 37-33 откако првиот дел заврши нерешено 20-20. На дуелот одигран во СЦ Борис Трајковски, решавачки беа вторите триесет минути во кои нашите ракометари одиграа многу подобро во одбраната и сосема заслужено ги прокнижија првите бодови во групата во која се уште Словенија и Литванија.

Во нашиот состав Серафимов постигна десет голови додека Митев и Кузмановски застанаа на седум. Кај гостите од Естонија се одвои бекот, Карл Тум, со единаесет погодоци. Нашата селекција на 10 ноември ќе гостува кај Литванија.


Грчевски повика 21 ракометарка за Европското првенство

Селекторот на македонската ракометна репрезентација Кристијан Грчевски денес го објави списокот на повикани ракометарки за подготовки и настап на претстојното Европско првенство.

Повик од Грчевски добија: Јована Мицевска, Матеа Чурлиновска, Драгана Петковска, Јована Саздовска, Сара Ристовска, Ивана Гакидова, Ивана Џатевска, Ивана Арсениевска, Симона Маџовска, Бојана Диневска, Ива Младеновска, Ана Марија Коларовска, Јована Кипријановска, Андреа Седлоска, Борјана Коцева, Елена Ѓорѓијевска, Сара Стефановска, Теодора Дуковска, Марија Јанкуловска, Катерина Дамјановска и Нена Несторовска.

Македонија ќе игра во Група А заедно со репрезентациите на Шведска , Унгарија и Турција. Натпреварите од групата А се играат во Дебрецен, Унгарија.

Македонките ЕП 2024 ќе го почнат на 28 ноември кога се среќаваат со Шведска.


Естонија прв ривал на македонските ракометари во евро-квалификациите

Македонската ракометна репрезентација денес ги почнува квалификациите за Европското првенство во 2026 година

Прв ривал на „црвено-жолтите“ ќе биде селекцијата на Естонија. Селекторот Кирил Лазаров ја прифаќа фаворитската улога.

„Пред нас се натпревари со Естонија и со Литванија. Не бегаме од фаворитската улога, но исто така и ги респектираме противниците. Секој нов почеток е тежок, па затоа и овие квалификации мораме да ги почнеме со максимално залагање“, истакна Лазаров.

Натпреварот со Естонија ќе се игра во СЦ „Борис Трајковски“ вечер со почеток во 20 часот.

Другиот натпревар од првото коло во групата 1 ќе се игра утре, Словенија ќе ја пречека Литванија.


Алкалоид и Вест Виена двапати ќе играат во Скопје

Ракометарите на Алкалоид двата натпревара од 1/16 финалето во Европскиот куп со Вест Виена ќе ги играат на свој терен.

Тимот предводен од тренерот Кирил Лазаров сезонава игра извонредно. Во домашното првенство има максимални 10 победи, на стартот на сезоната го освои Суперкупот на Македонија, а има и две победи над литванска Клаипеда во 2. коло на Европскиот куп.

Натпреварите Алкалоид – Вест Виена се закажани за 29 и 30 ноември во салата „Автокоманда“.


Лазаров објасни зошто не ги повика Митревски и Талески во репрезентацијата

Селекторот на машката ракометна репрезентација Кирил Лазаров даде одговор за отсуството на овој список пред квалификациите за пласман на ЕП, а тоа се Никола Митревски и Филип Талески.

Искусниот голман и членот на Бенфика не се најдоа на списокот на ракометари за дуелите со Естонија и Литванија закажани за 6 и 10 ноември.

„Ние започнавме еден процес на подмладување на репрезентацијата и истиот мора да се доврши. Мислам дека се појавуваат нови играчи, млади и добри кои во своите клубови покажуваат квалитет и ги носат нивните екипи до добри резултати. Од никого не се откажуваме, напротив имаме потреба од играчи. Сепак радува фактот што имаме можност да бираме. Сите ќе бидат во комбинација за настап за СП кое се игра во јануари.

Што се однесува до Никола Митревски, мислам дека имаме млади, квалитетни голмани кои треба да добијат шанса. Да видиме како ќе се однесуваат кога ќе имаат поголема одговорност и зад нив нема еден голем голман од калибарот на Митревски. Сакам да видам како тоа ќе изгледа на овие два натпревари.

Кога е во прашање Талески, тој е квалитетен, добар играч, но во последно време на Европското и Светско првенство и на другите официјални натпревари мислам дека не покажа доволно квалитет, во доволно квалитетно издание. Затоа се решив во моментов да дадам шанса на други играчи, како што е Павле Атанасијевиќ. Можеби малку ќе го промениме концептот на игра, ама тоа не значи дека во иднина нема да биде повикан. Тоа е моја одлука, идејата е да создадеме квалитетна репрезентација, да пробаме да бидеме компетитивни со најдобрите. Дали ќе успееме…но мислам сме на добар пат“, рече Лазаров кој не ги во ниту еден момент не ги потценува Естонија и Литванија.


Јагуриновски отпадна, селекторот го повика Савревски за евро-квалификациите

Ракометната селекција на Македонија ги започна подготовките за стартот на европските квалификации, а селекторот Кирил Лазаров веднаш се соочи со непосакуван проблем.

На првиот собир не се појави ракометарот на РК Вардар, Томислав Јагуриновски, кој поради повреда ќе ги пропушти овие натпревари

Лазаров на списокот имаше и осум резерви, експресно повика замена за членот на „црвено-црните“ и на репрезентацијата и се приклучи Давид Савревски од Алкалоид.

Македонија квалификациите за следното ЕП ќе ги започне на свој терен, в среда против Естонија во Скопје додека четири дена подоцна следи гостување во Литванија.


Охрид го намачи Вардар, но бодовите останаа во Скопје

ГРК Охрид загуби на гостувањето во Скопје од Вардар 29-26, во дерби натпреварот од 10 коло од Супер лигата.

Охрид одигра променливо прво полувреме во кое имаше и водство во одреден дел но кризата од пет минуту без постигнат гол го чинеше негатива од три разлика на паузата, 14-11.

Во вториот дел Охрид со серија од 4-0 го презеде водствоѕо кое го чуваше до средина на полувремето кога „Гладијаторите“ имаа 18:20. Вардар се врати во игра, се играше гол за гол кога Охрид повторно застана, а домаќинот со серија 6-2 во финишот створи недостижна предност и стигна до победа 29-26.

Вардар со оваа победа го прескокна Охрид на табелата и сега тој е втор со 18 бодови, Охрид има 16, а Пелистер 14 и меч помалку. Води Алкалкоид со максимални 20 бода.


Еурофарм Пелистер рутински го освои Бутел

Еурофарм Пелистер во натпревар во кој имаше контрола во најголемиот дел од времето и славеше против Бутел со 24-29. За пелистерци ова беше осмата победа во суперлигашката конкуренција, додека Бутел Скопје го доживеа четвртиот сезонски пораз. Пелистерци во 20 минута за првпат дојдоа до +2, минута подоцна и до 1-:8 и до крајот на првиот дел одржуваше резултатска предност, но без голема комоција во играта. По триесет минути игра, резултатот бепе 11-13 за гостинскиот табор.

Во вториот дел Еурофарм Пелистер имаше целосна контрола врз резултатот, и од минута во минута го зголемуваше водството, за на крај да слави со убедливи 24-29.

Во следното 11. коло Еурофарм Пелистер на домашен терен игра со Прилеп.


Лесни победи на Алкалоид и Тиквеш во 10. коло на Суперлигата

Ракометарите на Алкалоид и Тиквеш не дозволија изненадувања и славеа убедливи победи во денешните први натпревари од 10. коло во Суперлигата.

Aлкалоид лесно се справи со Куманово и запиша победа од 40-25, додека Тиквеш со 38-30 беше подобра од Струга. Од самиот почеток домаќинот го наметна своето темпо на игра и предноста многу брзо растеше со што стануваше јасно дека гостите нема да имаат никакви шанси за некакво изненадување.

Во завршницата од првото полувреме Алкалоид за првпат стигна и до двоцифрена предност од десет голови разлика (18-8). На паузата избраниците на Кире Лазаров веќе имаа и водство од 23-11. Ништо не се промени ниту во второто полувреме и Алкалоид продолжи да ја одржува предноста за на крајот да слави и со 15 голови разлика.

Сличен развој на настаните имаше и натпреварот во Кавадарци каде што Струга парираше само во почетните минути, а се во продолжение помина во знакот на домашниот тим.


Шундовски: Честитки за момците, одигравме како тим во вториот дел

Звонко Шундовски беше презадоволен од триумфот на неговиот тим, прв за битолчани во Лигата на шампионите. Првакот на Македонија славеше во елитното натпреварување и го проби мразот, па сега со право се надева и на пласман во плејофот.

„Ова не беше натпревар без грешки, особено ги имавме во првото полувреме, но во тој период три пати се вративме од негатива од три гола. Во вториот дел одигравме како тим и затоа уште еднаш сакам да им честитам на момците. Верувам дека овде нема да застанеме“, рече тренерот на Пелистер.

Во Лигата на шампионите следува тринеделна пауза поради репрезентативните настапи, а во следното коло Еурофарм Пелистер повторно ќе се сретне со Фредериција, но сега на домашен терен.